Меѓу експертската и стручна јавност, но и кај дел од политичките субјекти во државата, неподелени се ставовите дека доколку се сака да се постигне вистинска демократизација во самите политички партии, и генерално во државата, тогаш најдобриот избор би бил воведување една изборна единица и отворени листи. Овој демократски пристап подразбира еднаква шанса, можност за успех на идеите и програмите на сите политички субјекти без разлика на големината. Подразбира и видливост за личностите што се на отворените листи, за граѓаните да можат да имаат увид во компетенцијата и профилот на личноста на кандидатите
Промената на изборниот модел како повод: Една изборна единица, отворени листи, цензус…
Предлогот на владејaчката партија ДУИ за пакетот измени во изборната регулатива, вклучувајќи и воведување изборен праг од 5 отсто при изборот на пратеници во македонското собрание, одново ја разгори дебата во јавноста за тоа кој изборен модел е најповолен од аспект на демократските потреби и интереси на граѓаните.
Меѓу експертската и стручна јавност, но и кај дел од политичките субјекти во државата, неподелени се ставовите дека доколку се сака да се постигне вистинска демократизација во самите политички партии, и генерално во државата, тогаш најдобриот избор би бил воведување една изборна единица и отворени листи. Овој демократски пристап подразбира еднаква шанса, можност за успех на идеите и програмите на сите политички субјекти без разлика на големината. Подразбира и видливост за личностите што се на отворените листи, за граѓаните да можат да имаат увид во компетенцијата и профилот на личноста на кандидатите. А тоа може да се постигне доколку, наместо досегашните шест, се воведат една изборна единица на целата територија на државата и отворени листи преку кои граѓаните ќе ги селектираат и избираат идните народни избраници, а не како досега тоа да го прават партиските лидери.
Но што е со изборниот праг (цензус) и што значи тој во контекст на иницијативите за промена на изборниот модел?
Со или без изборен праг (цензус)
Изборниот праг подразбира минимален удел на гласови потребен за освојување пратеничко место.
Поширокото истражување што го спроведе нашиот весник покажува дека најголемиот број држави во Европа воопшто немаат изборен праг во нивните изборни модели, или ако веќе го имаат тој е поставен многу ниско.
И парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) препорачува (за парламентарни избори) праг не поголем од 3 отсто, со цел да не се исклучуваат малите партии од законодавниот дом.
Општа и заедничка констатација на упатените во оваа проблематика е дека „не смее да се дозволи со изборот на законската процедура на изборниот модел некој да се фаворизира“, односно „да се стави некој кандидат или партија во предност наспрема друг“!
Во контекст на предлогот на ДУИ, за праг од 5 отсто, соговорниците што се упатени во оваа проблематика укажуваат дека „тоа не се совпаѓа со европските искуства и практика и е контра препораките и укажувањата на највисоките тела и органи на европската заедница“.
Со најавите за воведување изборен праг од пет проценти, според соговорниците, се задушуваат мултипартизмот и досегашното политичко и партиско шаренило во државата, односно „наместо да се препознае разновидноста на идеите во политичкиот живот во државава, со богата понуда од повеќе политички партии со различна идеолошка матрица, сега некој се обидува да ги задуши малите партии со законска алатка (пет проценти)“?!
Со ваквите обиди политичката сцена во државата би се свела на некакво дуо- трио, односно – две-три големи политички партии, од кои едната ДУИ, чисто етноцентрична и фиксна во формирањето на извршната власт во последните декади, што не може да се смета за некаква демократска или европска придобивка.
Но во исто време, соговорниците уште повеќе инсистираат на исчекорот со т.н. „отворени листи“, што, всушност, би биле „колосална придобивка на измените во изборниот модел“. Според соговорниците, токму отворените листи се клучот за демократскиот избор на граѓаните. Со воведувањето на тој принцип, „би им се одзело стекнатото право на партиите авторитарно да одлучуваат за тоа кои кандидати ќе бидат на лисите и избрани за пратеници“. Имено, соговорниците истакнуваат дека „со отворените листи, токму граѓаните директно го делегираат легитимитетот на свои компетентни избраници, без посредништво на врхушката на соодветната партија или на партискиот лидер“. Тоа е и клучот како вистинските човечки ресурси да се мобилизираат за да бидат најквалитетна граѓа за државните институции, за спроведување на Уставот, законите и другите акти, односно за воспоставувањето неприкосновен систем на владеењето на правото.
Граѓанските организации и експертите ги детектираат можните недостатоци и предности
Според анализата на Националниот демократски институт (НДИ), воведувањето изборен праг во Македонија би резултирало со голем број „загубени“ гласови за малите партии, што, пак, би довело до помала застапеност во законодавниот дом на интересите на различни групи во општеството. Со други зборови, тоа може да значи и поткопување на мултипартизмот во државата.
Најновото истрчување на институтот за демократија „Социетас цивилис“ во однос на изборните модели ги детектира и проблемите со кои се соочува државата.
– Постоењето на формален праг има тенденција да го намали севкупното ниво на пропорционалност, бидејќи гласовите за оние партии што инаку би добиле застапеност се губат. Оттука, најголем дел од државите се имаат одлучено да избегнуваат формален изборен праг. Клучно е да се согледа дека изборниот модел, без оглед на неговата структура, не може да биде магично стапче за забрзување на демократизацијата на државата, вклучувајќи и за надминување на маѓепсаниот круг на (де факто) двопартискиот систем уште од осамостојувањето – се вели во студијата на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Во истражувањето се наведени и досегашните искуства со примената на Донтовата формула при пресметка на гласовите и распределба на мандатите, при што се нагласува дека таа го искривоколчува преточувањето на гласови во полза на кандидатите од оние кандидатски листи со поголем број гласови, со што се фаворизираат поголемите партии и коалиции.
Професорот и аналитичар Ѓорѓи Спасов смета дека во однос на сегашните предлози за промена на Изборниот законик, со тоа што ќе биде задржан пропорционалниот модел, а Македонија ќе биде една изборна единица, треба да биде направен обид за компромис, а за отворените листи вели дека ќе ги принуди партиите да истакнат квалитетни кандидати што реално ќе носат гласови за листите.
– Во многу земји постои понизок изборен праг за влез во Собранието за поединечните партии и повисок за коалициите. Оттука кај нас би бил „разумен компромис“ да постои изборен праг за поединечна партија од два отсто и изборен праг за коалициите од четири отсто. Отворените листи се извонредна можност за учество во кампањата на секој поединец независно од тоа на кое место од листата се наоѓа и ќе ги принуди партиите да истакнат кандидати што реално ќе носат гласови за листите – оценува професорот Спасов.
Поголем дел од аналитичарите се согласни дека изборниот модел, со една изборна единица и отворени листи, го надминува феудализирањето на изборната територија и посредуваната ограничена понуда на можни кандидати за политички репрезенти, како што беше досега. Со отворени листи алтернативите за избор се многу поголеми бидејќи гласачите се во можност да избираат луѓе од целиот кадровски потенцијал на државата, а не само еден мал дел од еден географски простор.
Реакција на помалите партии: При носењето круцијални и други стратегиски одлуки да учествуваат повеќе партии и препознатливи поединци
За помалите политички партии нема сомнение дека со промена на изборниот модел и воведување една изборна единица ќе започне силен процес на демократизација и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се демонтира монополската положба на владеење на една партија, секој глас ќе има иста тежина, а составот на парламентот ќе биде одраз на определбата на граѓаните што ќе имаат можност за избор.
– Со воведување една изборна единица, како и со отстранување на системските предности на четирите партии поврзани со финансирање на изборната кампања, медиумскиот простор за политичко претставување и државното финансирање на партиски институти, ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар и при носењето круцијални и други стратегиски одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци – вели Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.
Според него, ниту ДУИ, ниту која било друга од албанските партии нема да може да го достигне предложениот праг од 5 отсто. Поголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ декларативно поддржуваат една изборна единица, додека во врска со изборниот праг и отворени листи сметаат дека треба допрва отворено да се дебатира.
Влора Речица: Моментално имаме партии со краткорочна визија и тесни интереси на ум
– Моментално, најважно е да се донесат промените што доаѓаат како предлог на ОБСЕ/ОДИХР за зацврстување на нашите изборни процедури, додека, какви било промени на изборниот модел изискуваат подолга, подлабинска поширока и посуштинска дискусија. Каква било промена на изборниот модел на една година пред парламентарните избори може сериозно да влијае врз демократските процесии во нашата држава. Генерално, демократизацијата на нашата држава подрaзбира посуштински напори за граѓанско образование и промена на политичката култура. Моментално имаме партии со краткорочна визија и тесни интереси на ум, така што каква било промена на изборниот модел, вклучувајќи го и предлогот за праг од 5 отсто нема да го смени суштинскиот проблем – недостигот од партии со визија за тоа како ќе изгледа демократијата по 20 години и кој изборен модел ќе ја зацврсти истата таа – вели Влора Речица, истражувачка и аналитичарка при Институтот за демократија.
Влегуваме во цајтнот за изборни промени?!
Дебатата за промена на изборниот модел и воведување една изборна единица и отворени листи трае веќе подолго време, но поинтензивно се разви во 2020 година, откако 12 пратеници од помали партии формираа иницијатива за нов изборен модел со една изборна единица. Иницијативата е сѐ уште активна во Собранието, но досега нема никакви конкретни и видливи резултати. Во декември 2020 година, Министерството за правда формираше работна група за измени на Изборниот законик, но во јавноста нема многу информации за тоа колку често ова тело се состанува, за што се дебатира и сл. На официјалната страница на Министерството за правда стои заложбата ова тело да донесе промени инклузивно и навремено за следните парламентарни избори во 2024 година. Но со оглед на тоа што за какви било промени е потребна и временска дистанца од околу една година пред избори, веќе сме во цајтнот (недостиг од време) за навремени и квалитетни промени во изборното законодавство. А најновите политички жонглирања и експериментирања, како ова со праг од 5 отсто, само уште повеќе ја усложнуваат ситуацијата.
Европски искуства со изборниот праг
Малта – нема изборен праг
Луксембург – нема
Финска – нема
Ирска – нема
Португалија – нема
Обединето Кралство – нема
Франција – нема
Холандија – 0,7 отсто
Албанија – 1 отсто
Данска – 2 отсто
Шпанија – 3 отсто
Србија – 3 отсто
Македонија – моментално нема
(но се предлага 5 отсто)