Тренд на затворање на дипломатско -конзуларните претставништва во Битола
Битолските хроничари и многубројните патописци што ја посетиле Битола запишале дека уште во времето на Отоманската Империја била позната како град на конзулите. Таквиот свој имиџ Битола го добила затоа што во тоа време во градот под Пелистер се наоѓале конзуларни претставништва на голем број европски земји. Близината со Солун во времето на Отоманското Царство натерало многу европски земји да отворат свои конзулати во Битола, бидејќи токму овие два града се сметале за исклучително важни во европскиот дел на империјата.
Први дојдоа Британците
Во еден официјален преглед на британските дипломатски претставници во Македонија од 1855 год., се вели дека В. Британија ги имала конзуларните претставништва во: Солун – генерален конзул, Битола – вицеконзул, Кавала – вицеконзул, Серез – вицеконзул и во Драма – вицеконзул. Во официјалниот преглед на британските дипломатски конзуларни претставништва во Отоманската Империја во Форин офис, стои дека британски конзуларен претставник во Манастир (Битола) од 28 октомври 1851 год. бил Џон Аугуст Лангфорд (J.A. Longworth), кој наедно е и прв конзул на една странска земја во Битола.
Ваквата одлука се базира на фактот дека Кралството Велика Британија како голема империјална сила била заинтересирана за инвестирање во Турската Империја. Така, Битола како интересно подрачје, според дипломатските процени, станала привлечна за Велика Британија да отвори свој конзулат токму тука.
Долго време Битола беше градот во кој буквално секоја земја, дали од соседството, или од Европа, сакаше да има свој генерален конзулат, или почесен конзул. Педантните хроничари забележале дека меѓу првите држави што отвориле свои конзулати во Битола биле Велика Британија, Франција, Турција.
Со текот на времето, особено по осамостојувањето, сѐ повеќе растеше интересот на странските држави за отворање почесни конзулати во Битола, па така, пред само неколку години, особено во мандатот на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Битола имаше дури 17 конзулати. Во тој период се отворија дури десетина нови конзулати.
Во Битола свои почесни конзули и конзулати имаа: Велика Британија, Франција, Турција, Словенија, Хрватска, Србија, Русија, Украина, Австрија. Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Унгарија, Белорусија, Албанија, а на повисоко ниво, генерални конзулати имаат и Бугарија и Грција.
Сите тие, кои помалку, кои повеќе, со своите активности на одреден начин придонесуваа не само за афирмација на земјите што ги претставуваа туку и на Битола на меѓународен план. Сепак, треба посебно да се истакне дека долго време конзулатите на Велика Британија, Франција, Турција беа препознатливи не само по своите активности туку и по своите успеси во промоцијата на Битола на меѓународен план.
Наместо отворање нови, се затвораат постојните
Но во последно време не само што не е отворен ниту еден нов конзулат во Битола туку со жалење може да се констатира дека се затворени неколку конзулати. Дури може да се рече дека многу странски држави своите почесни конзулати што ги затворија во Битола, како словенечкиот, српскиот, хрватскиот или австрискиот, ги преместија во други градови. Од кои причини тоа е направено, битолската јавност досега нема одговор. Но она што внесува дополнителна забуна е фактот што додека во последно време во Македонија се отвораат нови почесни конзулати во Охрид, Куманово, Штип… сведоци сме како во Битола се затвораат почесните конзулати.
За најголемиот број од нив не се познати причините за затворањето на конзулатите и за разрешувањето на конзулите. Тоа го знаат само земјите што одлучиле да ги затворат конзулатите, но за разрешувањето на некои почесни конзули во Битола виновни се и самите тие, кои со своето недипломатско однесување придонесоа не само тие да бидат разрешени туку и почесните конзулати да бидат затворени.
И повторно, како и при отворањето, затворањето на конзулатите во Битола прва го повлече Велика Британија, која пред неколку години одлучи да го затвори својот почесен конзулат, кој беше сместен на најубавата улица во градот, Широк сокак. Таквата одлука не ја збуни само тогашната прва и досега единствена почесна конзулка Лилјана Спирковска туку и целокупната битолска јавност, бидејќи Велика Британија уште во времето на Отоманското Царство, пред точно 177 години, прва имаше свој конзулат во Битола и беше меѓу државите што прва отвори почесен конзулат. Почесниот конзулат со децении беше еден од најорганизираните и најактивни и организираше низа манифестации и настани со кои се промовираше Велика Британија во Битола.
Деновиве и Русија одлучи да му стави катанец на својот почесен конзулат, кој исто така се наоѓаше во самиот центар на градот, на „Магнолија“. Затворањето на рускиот конзулат ја отвори темата со затворањето на конзулатите во Битола.
Дотолку повеќе што своите конзулати ги затворија уште Хрватска, Украина, Словенија, Украина, Австрија, Унгарија. Иако засега сѐ уште ги држат просториите на своите конзулати, Белорусија, Турција и Албанија ги претставуваат како почесни конзули лица што не само што не живеат во Битола туку и ретко доаѓаат во градот под Пелистер.
– Не знам зошто во Битола се затвораат почесните конзулати, но мислам дека се смени политиката за отворање почесни конзулати не само во Битола туку и во Македонија. Во зависност од интересот на државите и личните контакти и пријателства на кандидатите за почесни конзули се отвораа(т) конзулатите. Па денес имаме држави што имаат свои почесни конзулати во неколку града во државата, што порано не беше случај. Но причината за затворањето на конзулатите лежи и во незаинтересираноста на некои видни битолчани и градоначалници за отворање на такви конзулати во Битола, а и самите почесни конзули се виновни што ја изгубија титулата почесен конзул и за затворањето на конзулатите што ги претставуваа, затоа што од сите свои активности што ги имаа за земјите што ги претставуваа најмногу беа заинтересирани да си купат под поволни услови луксузни автомобили со дипломатски таблички и да се „корзираат“ со нив низ Битола и да го (зло)употребуваат својот дипломатски статус – вели еден од граѓаните на Битола, кој е добро запознаен со состојбите во оваа област.
Како и да е, Битола во последно време го губи својот конзулски имиџ и доколку локалната самоуправа не размисли добро како ќе го задржи или надгради конзулскиот имиџ на градот, а актуелните почесни конзули не се ангажираат малку повеќе во извршувањето на нивната дипломатска функција, нема да помине многу време кога и некоја друга земја ќе го затвори својот почесен конзулат. Доколку се случи тоа, Битола тешко ќе може да го задржи имиџот на конзулски град. Како и за многу други работи така и тој имиџ ќе остане да се спомнува само во историјата и да се пее во песните.