Во Франција, овие парламентарни избори беа доживеани како трет круг на претседателските избори. Да потсетиме, Макрон едноставно го помина првиот круг од претседателските избори, под изговор за поважни работи (претседателството на Франција со ЕУ). Во вториот круг најпрвин ја презеде економската либерална програма на традиционалната десница. Иако гласачите јасно ставија до знаење колку им значи неумерениот европеизам, глобализам и антинационализам на републиканците, кредитирајќи ја кандидатката на традиционалната десница со 4 отсто од гласовите. Тој потоа, како и сите претседателски кандидати од Ширак до денес, ги повика левите и десните умерени гласачи да формираат републикански фронт против екстремната десница! Но партијата на Марин Ле Пен одамна е многу нешта, но реално, екстремна десница веќе одамна не е!

Анализа Франција по изборите (1)

На повикот на Макрон, подготвено одговори водачот на неверојатниот левичарски изборен сојуз наречен НУПЕС (социјалисти, комунисти и зелени со сите родови, расни, религиозни и други активисти) – Жан-Лук Меланшон. Неговата партија Непокорени ги промовира социјалните права преку сакрализација на индивидуалните религиозни, родови, расни и други барања.

Лево и десно во исто време?!

На своите гласачи Жан-Лук Меланшон им порача: „Ниту еден глас за Марин Ле Пен“. Но токму така, тој си пукаше в нога, како и на сите претходни избори на кои учествуваше. И така, на крајот на претседателските избори, Макрон го презеде дискурсот на Меланшон против исламофобијата и неговиот електорат и победи најмногу благодарение, од една страна, на рекордно нискиот одѕив како потврда за раздорот меѓу граѓаните и политичките елити што ги претставуваат. Од друга страна, благодарение само на послушноста и мобилизацијата на активистичките групи на Меланшон, нивните идеи среќно се споија. Така, интересите на левата и десната политичка клиентела со децении длабоко вкоренети на сите француски територии, се обединија под максимата на Макрон: „Лево и десно, во исто време“!

Кои се НУПЕС?

НУПЕС е „ад хок левичарски сојуз за парламентарни избори“. Создаден е по иницијатива на најдобро пласираниот лев лидер на претседателските избори (кој беше трет). Меланшон и неговите Непокорени гравитираа кон идејата „Меланшон за премиер“. Поточно, тие имаа политичка волја за остварување на идејата за кохабитациска влада, во која Меланшон би му бил премиер на Макрон, доколку обединетата левица НУПЕС (комунистичко крило на народниот блок) добие повеќе пратеници од ад хок конфедерацијата на елитистички блок партии на Макрон, соодветно наречена „Заедно“. И сега, наместо приоритет да ѝ се даде на програма што би дала јасни одговори на клучните преокупации на француските граѓани (како на пример загриженост за стагфлацијата (помал раст и повисока инфлација), како и социјалниот бумеранг на санкциите против Русија, вклучувајќи го и рапидниот раст на животните трошоци итн.), партијата ЛРМ на Макрон одлучи за почеток фасадни промени, како што е промената на името на коалицијата во Ренесанса (Преродба).

Жена најлут противник, жена најблизок соработник

Иако Марин Ле Пен постигна историски висок резултат на претседателските избори (42 отсто), Макрон јасно стави до знаење дека ќе ги игнорира гласовите на 13 милиони Французи и со тоа ќе ризикува нов мандат во судирот со „Жолтите елеци“.
Макрон се потпре на францускиот мнозински изборен модел, кој овозможува изборните резултати да не даваат пропорционален број пратеници. Нему му требаше еден месец да избере премиер, со што го одложи разјаснувањето на нејасната програма на неговата партија. Прашањето е дали програмата воопшто постои. Или, дали Макрон чека конкурентите да ги искристализираат трендовите а потоа тој и неговата партија да ги обработат, во согласност со „повисоките цели“ – оние што им ги наметнуваат наднационалните: европската и светската агенда? Конечно, тој ја избра Елизабет Борн за премиерка (секако сакаше да избере жена), чии технократски услуги ги користеа и социјалистите пред него, а која се покажа во првиот мандат на Макрон со спроведување на непопуларната социјална реформа.
Таа е многу професионална жена кога станува збор за менаџерските способности, но чие искуство и личност се без политичка димензија. Така, Интернет веднаш беше преплавен со шеги дека слушањето на премиерката е исто како да се јавите на Колбот, виртуелен телефонски агент или робот за разговор. Составот на нејзината влада најпрво укажа на фактот дека од почетниот тим на социјалистите од 2017 година, во „Марконија“ преживеаја само технократите што еднакво добро ќе ѝ служат на која било друга политичка опција. Друга очигледна констатација на гласачите беше дека сите клучни места беа окупирани од републикански дезертери, и покрај фактот што им беше ускратена довербата на изборите. Ништо не беше земено од социјалната програма на левицата, за разлика од жестоката антинационалистичка агитација на НУПЕС, што е спротивно на ставовите на мнозинството француски гласачи.

Резултати од изборната „преродба“, односно „ренесанса“, како што ја најави Макрон

Новоизбраниот претседател ја најави ренесансата на француското општество, во кое, сепак, улогата на „генијални уметници“ треба да ја имаат обединетите актери од левиот и особено десниот либерален спектар, кои гласачите во 2017 година, со изборот на Емануел Макрон, ги сместија во фиоките од минатото. Затоа, на крајот од парламентарните избори, разбеснетите француски гласачи повеќе не слушаа дискурси и инструкции. Тие функционираа инстинктивно – 53,7 отсто од гласачите не излегоа на гласање и со тоа потврдија дефинитивен раскол со политичката класа што треба да ги претставува. Главно не излегоа оние гласачи во чии изборни единици се случија дуели меѓу претставници на, во таа територија вкоренетите, либерални клиентели. Во дуелите во кои левичарските трупи на Меланшон немаа претставници, левичарските гласачи не ја поддржаа конфедерацијата на партиите „Заедно“ на Макрон. Гласачите на партијата на француските патриоти на Марин Ле Пен, како и за време на претседателските избори, никаде не го поддржаа „Заедно“.

(продолжува)