Што всушност сака да постигне Трамп со вклучувањето на Русија и Белорусија во Одборот за мир за Газа?
- Газа тука е симбол, не цел сама по себе. Трамп, со својата автентична стратегија, сака да покаже дека може да управува со глобални кризи без либералниот Запад, да создаде ад хок коалиции (САД заедно со Русија и плус некои регионални сили) и да ја поткопа логиката на ексклузивни „клубови“ (Г7, ЕУ-јадро). Тоа е де факто признавање на мултиполарноста, но со амбиции тоа да биде под американско водство
Додека бриселските елити сѐ уште го демонизираат рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп очигледно испрати јасна порака (вклучително и со својот последен шокантен потег за јавноста) до европските сојузници со кои има сѐ поопасно несогласување. Тоа е најновата порака/покана од страна на Трамп до рускиот претседател – да се приклучи кон Одборот за мир за Газа!
Трамп го сака Путин за сојузник?!
Пораката од поканата на Трамп до Путин да му се приклучи на Одборот за мир во Газа, аналитичарите поедноставено ја парафразираат: „Нема да војувам со Русија за Украина, но ќе го земам Путин за мој партнер“!
Имено, Кремљ на почетокот на неделава објави дека рускиот претседател добил официјална покана да му се приклучи на Одборот за мир во Газа предводен од САД. Според руските официјални претставници, Путин во моментов ги разгледува деталите од предлогот пред да донесе конечна одлука. Ова го потврди и британски „Експрес“, а сите руски државни медиуми исто така пишуваат за тоа.
Според Кремљ, Одборот за мир е оној што САД го создадоа за да ја надгледуваат реконструкцијата на Газа и активно да решаваат други битни прашања. Американскиот претседател Доналд Трамп ќе претседава со извршниот совет на организацијата, во кој се очекува да бидат вклучени и други членови, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Натаму, сегашниот британски премиер Кир Стармер е еден од неколкуте светски лидери поканети да му се приклучат на одборот. Во понеделникот, тој ги поддржа напорите на САД за спроведување на втората фаза од планот за прекин на огнот во Газа.
Истиот ден, во понеделникот, и претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, по слична покана, се согласи да стане член на мировниот одбор што го составува САД, објави државниот прес-секретар на Казахстан. Ова го носи Казахстан во редовите на Унгарија и Виетнам, кои го потврдија своето учество во текот на викендот.
Најпосле и официјален Минск објави дека Доналд Трамп лично ја поканил Белорусија да му се приклучи на гореспоменатиот Одбор за Газа.
Дали јавноста препознава нови индикатори во актуелниот тренд на креирање нов мултиполарен свет и нова поделба на светот на сфери од интерес?
Во една ваква констелација на настани, легитимно се поставува прашањето: Што всушност сака да постигне Трамп со вклучувањето на Русија и Белорусија во Одборот за мир за Газа? Дали е тоа нов елемент во креирањето на тековниот мултиполарен свет и нова поделба на светот на сфери од интерес?
– Прашањето оди подлабоко од самата Газа. Без разлика дали конкретниот Одбор за мир навистина ќе се реализира токму вака (дел од информациите доаѓаат од медиуми со силен политички набој), самата идеја и сигналот што се испраќаат политички се многу значајни. Наведуваме неколку клучни рамки за разбирање на потегот на Трамп. Имено, Трамп не ја гледа Русија како идеолошки непријател, туку како алатка. За разлика од европските елити, Трамп не ја дели логиката „вредности пред сè“. Неговиот пристап е бизнис-трансакциски со тежиште на профитот. Со вклучување на Путин во меѓународен механизам, Трамп практично порачува: „Подобро да те имам внатре и под контрола отколку надвор и против мене“. Ова е класична реалполитика, не морална дипломатија – велат соговорниците.
Според нашите соговорници, пораката на Трамп до Брисел, Берлин и до Париз е сурово јасна.
– САД под Трамп не се обврзани со европската политика на изолација. Украина не е центарот на светот во неговата геополитичка мапа и Европа ќе мора да избере: да следи или да се маргинализира. Ова се вклопува во неговото скептично гледање на НАТО, конфликтот околу Гренланд и заморот од вечни војни – велат тие.
Според соговорниците, дипломати од кариера, Газа го зема приматот како тест-полигон за нов светски модел.
– Да се разбереме. Газа овде е симбол, не цел сама по себе. Трамп, ако ова е автентична стратегија, сака да покаже дека може да управува со глобални кризи без либералниот Запад и да ја поткопа логиката на ексклузивни „клубови“ (Г7, ЕУ-бриселско јадро). Тоа е де факто признавање на мултиполарноста, но под американско водство.
– Зошто Трамп ги вклучува рамноправно во Одборот за мир Русија и Белорусија? Трамп и неговите советници не се воопшто наивни. Вашингтон многу добро знае дека Русија има канали на комуникација и соработка со Иран, Хамас, Сирија… Потоа, факт е дека Русија има реална сила да „сопре“ или да „отвори“ нови и уште пожестоки фронтови и дека нејзиното учество во овој мировен процес за Газа ја намалува веројатноста за нејзина опструкција на САД. Во истиот контекст Белорусија има симболична лојалност кон Москва и преку неа се дава сигнал дека либералниот Запад повеќе не диктира и не е веќе „легитимен“, односно дека доктрината на суверенизмот доаѓа на светската сцена. Р.С.
































