Фото: Влада

Ставена во реално политички контекст, изјавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, дека „историјата се менува“, дури изнесена во јавноста и како гаф или несмасно смислена метафора, многу лесно наведува на помислата дека се совпаѓа со најновите тенденции од некои центри на моќ, кои се обидуваат да направат – ревизија на историјата! Ретуширање за фашизмот, релативизација на антисемитизмот и холокаустот, изедначување на окупаторите и ослободителите итн… Особено што таквите тенденции за ревизија на историјата (ин)дискретно сѐ почесто се случуваат во европските политички процеси, а за Македонија барањата за ретуширање на сопствената историја се практично „услов за напредување во нејзините евроинтеграции“!?

Како Западен Балкан да ја разбере пораката на Урсула фон дер Лејен: „Зграпчете го моментот, историјата се менува“?

Пораките и сигналите од претставниците на Европската Унија упатени до земјите од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес, кој се одржа неодамна во Тирана, потоа беа разгледувани од сите аспекти од политичко-аналитичките капацитети низ регионот, со надеж дека во подготвените и безброј пати повторените говори на европските великодостојници ќе се пронајде нешто што може да прозвучи како ветување со сериозна намера за побрз прием во членство на европското друштво. Обидувајќи се да најдат нова смисла во слушнатите рефрени за „новиот план што има цел Западен Балкан да биде вклучен во низа цели што треба да се постигнат, додека економиите на Западен Балкан и ЕУ сè уште се далеку“ или за „економски пакет за регионот вреден 30 милијарди евра со очекување да јакне заедничкиот пазар на земјите од Западен Балкан со цел да се доближи до единствениот пазар на ЕУ“ (за кој се говори од 2020 година), лидерите од Западен Балкан, а и аналитичарите, „џентлменски“ го премолчија гафот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во воскликот: „Зграпчете го денот, историјата се менува“. (?!)
– Пристапувањето е процес заснован на заслуги и не може да постои фиксен датум за членство, без оглед дали и како ги спроведувате реформите или не. Такво нешто никогаш нема да биде прифатливо за земјите членки. Ако, пак, се чека 2030 година, тоа би значело дека во следниот мандат нема да има проширување. Затоа сметам дека усогласената методологија што ја имаме во Европскиот совет е дека процесот е заснован на заслуги. Тоа е повреден начин за самите земји, бидејќи успесите ќе ги водат напред и тоа е силен поттик… Само ако работите заедно и соработувате со соседите ќе се доближите до ЕУ, ќе бидете во срцето на Унијата, каде што и припаѓате. Зграпчете го моментот, историјата се менува – им препорача Урсула фон дер Лејен на лидерите и на целата јавност од земјите на Западен Балкан.
Од аспект на базичната логика, „тајната“ со која Фон дер Лејен го просветли лидерството на Западен Балкан дека „историјата се менува“ е проблематична метафора, зашто создава забуна дали се однесува на минатото или на иднината. Имено, историјата е наука што се занимава со минатото, граматички – минато свршено време, во кое и според сите досегашни достигнувања на науката реално може да се интервенира само со научнофантастични наративи (литература, филмови) од видот на филмот „Враќање во иднината“. Можноста за пишување на некаква „историја на иднината“ исто така е во доменот на футуристичката фикција, народски кажана „пророштво“, за која никој разумен не ги обврзува и не очекува од „авторите“ да мора да се случи така како што е „напишана“.
Но ставена во реално политички контекст, изјавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, дека „историјата се менува“, дури изнесена во јавноста и како гаф или несмасно смислена метафора, многу лесно наведува на помислата дека се совпаѓа со најновите тенденции од некои центри на моќ, кои се обидуваат да направат – ревизија на историјата! Ретуширање за фашизмот, релативизација на антисемитизмот и холокаустот, изедначување на окупаторите и ослободителите итн… Особено што таквите тенденции за ревизија на историјата (ин)дискретно сѐ почесто се случуваат во европските политички процеси, а за Македонија барањата за ретуширање на сопствената историја се практично „услов за напредување во нејзините евроинтеграции“!?

„Тајната историја“ на Прокопиј

– Присутна е таа тенденција во структурите на ЕУ, но и во европските земји на премолчена ревизија на историјата. Тоа се прави преку тивка толеранција на фашизмот од минатото, од Втората светска војна, но и на појавата на неофашистичките движења, што е актуелно низ Европа. Европската Унија ни поставува нам, на граѓаните на Македонија, на Македонците, услов за уставни измени за почеток на преговорите за членство, со кои практично се анулираат антифашистичките основи на современата македонска држава. Барањето за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, дополнето со условот за спречување на некаков „говор на омраза“ со бришење на фразата „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците од Втората светска војна… е многу јасна манифестација (иако прикриена со селективен интерес за „малцинските човекови права“) на прикриената толеранција на фашизмот и тенденциите за ревизија на историјата од страна на ЕУ – вели историчарката Наде Проева.
Професорката Проева, сепак, смета дека изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, е повеќе гаф и веројатно наместо на „историјата“ мислела на „иднината“, но не ја исклучува теоријата за испливување на потсвеста во ненамерните грешки, овој пат дури со значење на современата „европска потсвест“.
– Ревизијата на историјата не се прави со менување на фактите, туку со нови толкувања на вистината. Затоа денес Бугарија си дозволува да го негира сопствениот фашизам во Втората светска војна, зашто таква тенденција на „толкување на настаните“ од тој период е присутен и во Европската Унија. Но таквите толкувања немаат подолгорочен успех, зашто вистината сепак секогаш излегува на виделина во историјата. Во историската наука е познато делото „Тајната историја“ на Прокопиј. Прокопиј пишувал една „официјална“ историја по наредба на императорот Јустинијан Први. Но паралелно пишувал и „тајна историја“ според вистините настани и случувања, до која имале пристап само неколку негови пријатели. Но, денес, историската наука ја зема предвид само таа „тајна историја“ – вели професорката Наде Проева. Ј.П.