Фото: Игор Бансколиев/Архива

Уште пред една година сегашниот парламентарен состав со огромно мнозинство гласови усвои резолуција во која јасно се дефинирани македонските позиции за заштита на идентитетските прашања. Од таа резолуција не смее да се отстапи и токму таа треба да биде нашиот патоказ за понатаму, а не некаков си француски предлог. Ако пратениците се доследни на својата позиција и на донесените одлуки во Собранието, како и на своите уставни позиции, едноставно треба да го отфрлат таканаречениот француски предлог, едногласни и категорични се правните експерти

СОБРАНИЕТО НЕ СМЕЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ ДА СЕ ДЕРОГИРА

Според дневниот ред за работа на Собранието, денеска во 13 часот започнува седницата со една точка – информација за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година. Информацијата за т.н. француски предлог на преговарачката рамка доставена од Владата до Собранието, во стручната (правна) јавност се оценува како избегнување одговорност за носење одлука на извршната власт, за нешто што од Собранието веќе има јасни задолженија. Минатата година, на 29 јули, Собранието со 95 гласа изгласа резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, со која „ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со резолуцијата“. Тоа треба да значи дека Владата има јасни насоки и обврски од Собранието што може да прифати или да отфрли, што ќе дојде како некаков предлог или решение за продолжување на македонските евроинтеграции. Црвените линии на македонските позиции во евроинтеграциите, кои ги постави таа резолуцијата, а се однесуваат на идентитетските прашања, се наведени во третата точка.

– Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, – споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам – гласи делот од текстот на резолуцијата, кој го дефинира маневарскиот простор на македонската влада во однос на барањето решенија за надминување на блокадите во евроинтеграциите, со кои Македонија хронично се соочува 17 години.
Од друга страна, содржината на актуелниот француски предлог на преговарачката рамка, за кој денеска треба да расправа Собранието, според стручната, но и голем дел од општата јавност во Македонија, некаде директно, а на друго место посредно ги погазува наведените црвени линии во резолуцијата, оставајќи широк простор за понатамошни блокади и вета од Бугарија за време на долгиот пат на Македонија кон ЕУ. Истовремено со евентуално прифаќање на францускиот предлог пратениците се стават во позиција да ја погазат својата претходна одлука за резолуцијата и да се самонегираат и самопоништат себеси како институција и како највисок претставнички дом на граѓаните.

– Ако пратениците се доследни на својата позиција и донесени одлуки во Собранието, како и на своите уставни позиции, едноставно не треба да ја усвојат информацијата за преговарачката рамка од Владата. За прашањата содржани во таа информација, Собранието минатата година донесе резолуција, според која, Владата е задолжена да постапува. Резолуцијата, по законот, е најсилен правен акт. Доколку пратениците сакаат да останат доследни на својата претходна одлука, само со еден заклучок треба да ја упатат Владата да се придржува до резолуцијата. Предлогот на Владата нема никакво правно дејство, а неговото прифаќање од страна на Собранието ќе значи погазување, дерогирање на сопствените одлуки во Резолуцијата – вели универзитетскиот професор по уставно право Саво Климовски и поранешен претседател на Собранието на Македонија.
Професорот Климовски цени дека со ваквата постапка Владата прави обид без суштина да се заштити од одговорноста за носење одлука за (не)прифаќање на преговарачката рамка, која е во спротивност со задолженијата наведени во резолуцијата. Притоа, извршната власт ја омаловажува законодавната (која всушност е највисока), наведувајќи ја да ги погазува сопствените одлуки.