Од историските факти може да се утврди дека Бугарија уште пред 115 години со сите сили настојувала да избрише или да претопи сѐ што е македонско. Овие планови не престануваат и денес, за што најочигледен пример се и најновите
случувања поврзани со таканаречениот француски предлог

Сто и петнаесет години од битката на Ножот

Најголемата и најкрвава битка водена од Македонската револуционерна организација во периодот по Илинденското востание е Битката на Ножот што се случила на 14 јули 1907 година, на врвот Ножот, во близината на селото Ракле, Прилепско, а одгласот и фотографиите од крвавиот бој се разнеле низ светот. На битката и претходеле многу активности, пропаганди, но и убиства на војводи.

Влошена состојбата на народот

Положбата на народот во Македонија по Илинденското востание се влошила. Турската тиранија станала уште пожестока, а околните монархии, како што запишал Александар Иваноски-Глоговичанец во книгата „Епопејата на Ножот“, ја засилиле својата пропаганда. Пропагандистите станувале свесни дека Македонците нема да се претопат преку духовно превоспитување преку црквата и образовниот систем. Во централниот дел од Македонија особено се судираат интересите на Бугарија и на Србија, особено на тромеѓата меѓу Прилеп, Велес и Тиквеш. Целта на пропагандистите била да се уништи раководството на револуционерната организација по секоја цена, да се доведе до дезорганизираност и борбено слабеење на четите, што било најизразено на теренот на Прилепско, Велешко, Поречието. Бугарија настојувала со сите сили да го подмити раководниот кадар на ВМРО и да го стави во своја улога и да поставува врховисти во македонските чети за да се уништува отпорот. Таков бил случајот во Велешко во 1905 година кога бил убиен велешкиот војвода Стефан Димитров. Подоцна по една година во 1906 година е убиен Ѓорѓи Сугарев, а во истата година се убиени и Панче Константинов, велешки околиски војвода, и Гога Ацев, прилепски околиски војвода, при што во тој дел се намалуваат активностите. Во февруари 1907 година, Петре Ацев го одржал околискиот собир во Беловодица и испратил писмо во Софија со барање за помош во чети и оружје. Но состојбата во Софија, како што забележал Глоговичанец, веќе била сменета. Македонските револуционери не можеле да ги трпат злосторствата и во почетокот на јули 1907 година започнале да се собираат на тромеѓата на Прилепско, Велешко, Тиквеш. Се собрале околу 150 вооружени комити, кои постојано се судирале со турскиот аскер, кој бил многуброен и подобро наоружан. Советот на војводите не го послушале советот на Прилепскиот околиски комитет за да го избегнат судирот со турскиот аскер.

Борбата на Ножот

На теренот од Никодинска Планина, односно кај Попадиските Чукари и Јасенова Глава, во почетокот на јули, околу селата Никодин и Попадија, околу врвот Ножот, биле собрани околу 150 вооружени комити од ВМРО со војводите Петре Ацев, Најденов, Цветков и др., а се очекувала да пристигне и четата на војводата Јане Наумов-Алабакот. На 6 јули, Анѓеле Ѓуров од Никодин бил испратен на Попадиските Чукари кај Лукоџова Пештера да ги види распоредот и бројот на комитите од ВМРО, со цел да се извини за тоа дека бил оквалификуван како српски пропагандист. Петре Ацев му поверувал, му дозволил да се врати назад во Никодин, а тој станал шпион и сѐ раскажал за бројната состојба на четите. На 11 јули 1907 година, четите од ВМРО го блокираат Никодин и вршат претрес. Четниците од српската пропаганда побегнале, дел се скриле и го избегнале судирот со четите од ВМРО, кои по претресот се вратиле назад на Попадиските Чукари. Турската управа во Прилеп била добро информирана за сите активности на теренот. Но и Прилепскиот околиски комитет знаел за состојбата, бидејќи Тодор Попадамов во своите спомени забележал дека „за тргањето на четите од Бугарија разбравме од нашите поставени луѓе во управниот дом во општината“.
Пеколниот план за уништување на четите од ВМРО бил доверен на мајорот Енвер-бег, кој подоцна станал еден од највидните раководители на Младотурската револуција. Енвер-бег започнал да собира војска од Прилеп, Битола, Воден, Лерин, Велес, Тиквеш… Од сите страни 3.000-та војска започнала да се движи кон разграноците на Никодинска Планина, Попадиските Чукари и кон врвот Ножот. Револуционерниот комитет од Прилеп за собирањето на силната војска разбрал на 13 јули, ден пред битката и ги известил четите да преземат мерки. На војводите им се препорачало да го напуштат теренот и да заминат за Мариово. Но опсадата веќе била започната. Дел од војводите, согледувајќи ја состојбата во која се нашле решиле да останат и да се борат, преценувајќи ги сопствените сили. На 13 јули, војводите се распределиле во групи. Првата била со војводите Тане Николов, Петре Ацев, Ѓорѓи Мариовски, Михаил Чаков, Мирче Најденов и Ѓорѓи Спиркоски. Вкупно имале на располагање 150 комити и го запоседнале ’ртот кај Попадиските Чукари. Од оваа група се одделуваат две групи од по осум комити и со војводите Секула Ораовдолески и Велко заминуваат да го обезбедуваат врвот Јасенова Глава. Втората група од цела костурска чета со војводата Христо Цветков околу 30 комити, десетина души со војводата Мирче Најденов и десетина од велешката околиска чета на војводата Михаил Чаков го запоседнува врвот Ножот меѓу селата Ракле и Никодин. Втората група била од 54 комити…
Започнуваат борбените активности. Се води битка на Ножот. Комитите што се наоѓаат на Ножот отвораат оган по турскиот аскер. Осумнаесет комити се искачуваат и ги заземаат североисточните падини на самиот врв. Нивната позиција не им дозволува да гледаат што се случува на другите падини.

Турските сили почнале да заземаат позиции околу самиот врв и да го обиколуваат. Турската чета ги нападнала другите 18 млади луѓе на североисточните падини, притиснати и од исток од аскер, сите паѓаат убиени, што го отвора патот за силен напад на Ножот. Плутоните од пушките се засилуваат. Се слушаат бомби. Обрачот се стега. Со борбените дејства раководи Енвер-бег. Единицата ги напаѓа комитите. Изнемоштените и жедни комити на сувиот и гол рид се борат за последното парче слободна земја. Ги испраќаат и последните куршуми кон непријателот. Бараат помош, но не добиваат, дел од четите се повлекле. Ги прават последните напори да се приберат кон врвот. За кратко време сите се убиени. За јуриш, Енвер-бег ја избрал источната падина, која била без обезбедување. Другите живи го гледаат нападот, сопствената смрт и решаваат херојски да загинат. Момент на себежртвување за татковината и народот. Некои ги чуваат последните куршуми, други ги кршат пушките и уништуваат сѐ што има од вредност. Ги оставаат последните куршуми од револверите насочени кон нивните глави или последните бомби. Сред пеколот се слушаат борбените извици и последното ура. Штама… Месо, коски, раце, нозе останува на врвот. На Ножот престанува пукањето. Тивко е. Тече крв. Кога доаѓа аскерот, останува вчудовиден од глетката. Енвер-бег кажал: „Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите. Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои“. Издава заповед со три плутони во чест на хероите, кои мртви пред него лежеле. Загинале 54 комити.
Четата на врвот Асенова Глава ги одбива нападите од селото Смиловци и се повлекува. Четите на Михаил Чеков и Велко Апостолов-Попадиски се повлекуваат од Попадиската Река во правец на селото Подлес. Со падот на ноќта четите се повлекуваат и турските војници им ја губат трагата. Во следните неколку дена, аскерот наоѓа и убива неколку изгубени и повредени четници. Вкупниот број на загинатите комити во областа на планината Ножот е 67. Од нив, 45 загинуваат на самиот врв, други 10 се убиени во подножјето на планината Асенова Глава, шест лица паѓаат при повлекувањето од врвот, еден е убиен на Мирчовата Ледина, четворица комити се опколени во една плевна – двајцата се убиени, а другите двајца (повредени од претходниот ден) се изгорени живи, еден фатен комита е обесен по два дена во Велес.
Ова е судбоносен настан за македонскиот народ. Има епопејско значење за Македонија. Токму на Ножот е поставено и спомен-обележје како почит за хероите, кое секоја година се посетува и се оддава почит за загинатите. Ка.М.