По срдечниот прием за францускиот државен секретар Бон и благодарноста искажана од бугарскиот претседател Радев до францускиот претседател Макрон, очигледно, официјална Софија сакаше да испрати порака преку медиумите до Македонија дека има поддршка од Франција во нејзиното вето, но и разбирање за нејзините ирационални услови. Бугарија на своевиден начин се потруди да остави впечаток дека демонстративно открива „дебела француска врска“ за сите нејзини неразумни позиции за македонските евроинтеграции, кои, и покрај сите објаснувања, останаа неразбирливи за другите земји-членки на ЕУ
По секое вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија, иако со намален ентузијазам, надежите сѐ уште формално се насочуваат на некое следно претседателство со Унијата. Ветото на Франција во 2019 година, веднаш по имплементацијата на Преспанскиот договор од страна на Македонија, со образложение дека нејзин приоритет сепак е промената на методологијата за водење пристапни преговори за земјите кандидати, сосема конкретно го манифестира (не)конструктивното расположение на оваа важна земја-членка на ЕУ во однос на проширувањето. Македонската страна сакаше тоа вето да го „чита“ како од „техничка природа“, но подоцнежните вета од соседна Бугарија ја презедоа задачата за одржување на континуитетот во блокирањето на процесот на проширување за регионот, преку ирационалните национално-историски уцени за Македонија. Од 1 јануари 2022 година, Франција и официјално го презема претседателството со Советот на ЕУ, што значи дека очекуваните „погледи“ за датумот за почетокот на преговорите на Македонија се вртат кон Париз. Но пораката за Македонија од Франција, иронично, стигна од Софија.
Радев испрати порака преку медиумите до Македонија дека има поддршка од
Франција?!
Имено, според францускиот државен секретар за европски прашања, Клеман Бон, Франција смета дека во моментов не може да се одреди конкретен датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. При посетата на Софија, Бон пред бугарските новинари изјави дека „мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земји што е можно поскоро, но поставувањето рокови може да ја наруши динамиката на процесот“. Клеман Бон гледа волја кај новата бугарска влада и кај македонските власти во Скопје да го продолжат дијалогот, а Франција е подготвена да го поддржи овој процес, како партнер и како следен претседавач со Советот на ЕУ.
– За да се зачува стабилноста на Балканот, Франција не може да чека предолго, но во исто време мора да имаме разбирање за проблемите што Бугарија и Македонија треба да ги решат – порача од Софија францускиот државен секретар за европски прашања, Бон.
За време на посетата на Софија, Клеман Бон беше примен од претседателот на Бугарија, Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска . По срдечниот прием за Бон и благодарноста искажана од бугарскиот претседател Радев до францускиот претседател Макрон, очигледно, официјална Софија сакаше да испрати порака преку медиумите до Македонија дека има поддршка од Франција во нејзиното вето, но и разбирање за нејзините ирационални услови. Бугарија на своевиден начин се потруди да остави впечаток дека ја разоткрива „француската врска“ за сите нејзини неразумни позиции за македонските евроинтеграции, кои, и покрај сите објаснувања, останаа неразбирливи за другите земји-членки на ЕУ. Неразбирливи се и за Франција, но се чини можат да ѝ послужат како алиби во нејзината политика за ЕУ-проширувањето.
Поздрав од Париз: Датум за преговори за Македонија не треба да се дава
Амбасадорот Ристо Никовски смета дека ваквите изјави воопшто не треба да бидат зачудувачки, зашто, и покрај оптимизмот за некаков нов пристап во односите со Македонија, новиот бугарски премиер Петков, всушност, никогаш не се откажал од бугарските историски фантазмагории.
– Бугарија, поточно премиерот Петков, веќе го откажа бесмислениот рок од шест месеци за одблокирање на почетокот на македонските евроинтеграции. Придонес за тоа даде и Франција, преку нејзиниот државен секретар, кој во Софија беше пречекан како да е премиер, и кој ја пренесе недвосмислената порака од Париз дека датум за преговори за Македонија не треба да се дава. Тоа воопшто не зачудува, бидејќи „надежите“ на нашите „врвни“ политички експерти дека проблемот со Бугарија ќе се реши за 5-6 дена, или во јануари, се чиста бесмислица. Проблемот со Бугарија е историски, долгорочен и ќе трае, иако Петков можеби имаше некакви поинакви лични замисли. Впрочем, тој никогаш не ги откажа историските фантазмагории на Бугарија , туку само најави дека ќе ги надгради, што не значи ништо. Македонија нема друг избор, освен веднаш да ги прекине разговорите и преговорите со Бугарија, како и заедничката историска комисија и веднаш да започне процедура за откажување на договорот за (не)пријателство. Во спротивно, нема да има ништо од нашата интеграција во ЕУ, бидејќи Бугарија постојано ќе се повикува на договорот, а Брисел и Вашингтон ќе имаат разбирање за тоа – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Марко Трошановски, директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“, по изјавата на Бон во Софија, оценува дека Франција прашањето за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан го смета за безбедносно, но нема намера да прави притисок врз Бугарија во однос на спорот со Македонија.
– Јасно е дека Франција нема да прави поголем притисок за темата проширување на Унијата, барем во првите три месеци од нејзиното претседателство со Советот на ЕУ. Од изјавата на францускиот државен секретар за ЕУ, Клеман Бон, може да се заклучи дека Франција, сепак, проширувањето на Унијата го третира како безбедносно прашање, но нема намера да прави посилен притисок врз Бугарија околу спорот со Македонија, како што се очекуваше кај нас. Од друга страна, имајќи го предвид потегот на новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која за советници избра разузнавачи, може да се види дека интересот за решавање на спорот со Македонија не е еднаков во сите ресори на бугарската влада. И со ретерирањето на Петков во однос на надминување на проблематичните прашања во односите со Македонија се забавува првичниот ентузијазам. Ваквите сигнали навестуваат дека од француското претседателство со Советот на ЕУ не можеме да очекуваме позначителен напредок во процесот за почеток на македонските преговори за членство во Унијата. Барем во првите три месеци од француското претседателство, тоа не треба да се очекува – вели Марко Трошановски од институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.