Сите овие портрети на македонски дејци интелектуалци, чети и фотографии на комити се наше вистинско културно богатство, кое опфаќа еден бурен период на македонското национално ослободително движење кога сме биле под разни окупатори и конечно пошироката јавност може да види оригинален портрет на македонски комита, симбол за тоа време, сликан во студио на доверлив фотограф верен на Организацијата, држејќи ги својата „малихера“ и револверот „нагант“, со капа на главата на која е испишан аманетот „слобода или смрт“

Повод: Изложбата во МАНУ „Лица на револуцијата“

Во галерискиот простор на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) беше отворена изложбата „Лица на револуцијата: Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии, 1893-1934“. Поставката опфаќа повеќе од 40 одбрани фотографии на македонски револуционери, дејци и интелектуалци од македонското револуционерно движење, како и комитски чети и семејства на македонски револуционери од крајот на 19 век и првите децении на 20 век. Голем дел од фотографиите за првпат беа претставени пред македонската културна, научна и општествена јавност и се резултат на долгогодишни истражувања и колекционерска дејност. Изложбата „Лица на револуцијата“ е во чест на одбележувањето на трите значајни јубилеи од револуционерната борба на македонскиот народ: 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација (МРО), 120 години од смртта на Гоце Делчев и 120 години од Илинденското востание. Авторите на изложбата, Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, нагласуваат дека старите фотографии нѐ потсетуваат и сведочат за значењето и зачувувањето на историјата и за приказните што се наоѓаат во секоја рамка и се дел од колективната меморија. „Лицата на револуцијата“ не е само изложба, таа е доказ за посветеноста на колекционерите, потсетник за значењето на старите фотографии и интимно патување во срцето на трајниот дух на македонската нација.
– Сите овие портрети на македонски дејци интелектуалци, чети и фотографии на комити, слободно можам да кажам дека се наше вистинско културно богатство, кое опфаќа еден бурен период на македонското национално ослободително движење кога сме биле под разни окупатори и конечно пошироката јавност може да види оригинален портрет на македонски комита, симбол за тоа време, сликан во студио на доверлив фотограф верен на Организацијата, држејќи ги својата „малихера“ и револверот „нагант“, со капа на главата на која е испишан аманетот „слобода или смрт“ – вели Душко Апостолоски, еден од авторите на изложбата и колекционер.
Во однос на многубројните фотографии, Апостолоски вели дека од целата колекција што ја поседува една фотографија му е најдрага. Таа е сликана во Скопје на 24 мај 1918 година, пред тогашната гимназија и нејзиниот директор Атанас Ковачев, кој е поранешен член на скопскиот револуционерен комитет. Помеѓу стотиците луѓе што дошле на овој настан се Тодор Александров и Александар Протогеров, посочува Апостолоски.
Конкретно за авторите на фотографиите што се изложени, Апостолоски вели дека меѓу нив се фотографот Иван Хаџи Николов, кој заедно со фотографот Анастас Новев има фотостудија во Ќустендил, и двајцата имаат врска со МРО, па затоа ја имаат привилегија да ги фотографираат. Најчесто ги фотографирал четите на МРО пред нивното преминување на границата кон Македонија за време на Илинденското востание во 1903 г. во местото Сенокос кај селото Жилинци (Ќустендилско).
Според Апостолоски, изложбата „Лица на револуцијата“ го опфаќа периодот од самото формирање на МРО во Солун во куќата на Иван Хаџи Николов од 1893 до 1934 кога е и укината од владата на Кимон Георгиев и цар Борис Трети.
– Се одлучив за овој период револтиран од постојаното пласирање на исти лоши копии на слики од чети и дејци на ВМРО од пред 50, па и повеќе години и ни се нудат како нешто ретко и оригинално, а се преземени од социјалните мрежи, што мене како професионален колекционер ме иритира, немаат податок кој е фотографот, која е годината, дали назад има натпис што би помогнал да се открие кому му е испратена фотографијата итн. – вели Душко Апостолоски.


Интервју со Диме Ратајкоски, еден од авторите на изложбата

Како дојдовте до идејата за собирање на старите фотографии?

Идејата за собирање стари фотографии, особено оние поврзани со македонскиот револуционерен период, произлезе од длабоката љубопитност и страст кон историјата, првенствено. Отсекогаш кај мене тлееле желбата и поривот за директен допир со нашето наследство, во случајов грижејќи се приказните на нашите предци да не останат изгубени во времето. Како што навлегував подлабоко во моите студии по историја, сфатив дека фотографиите даваат директна опиплива врска со минатото. Иницијална врска за почеток на едно вакво благородно хоби беше случајната средба со оригинална фотографија на македонски револуционер од почетокот на 20 век. И тогаш почнуваат да се отвораат безброј прашања за животот некогаш, борбите и историскиот контекст околу тој момент замрзнат во времето, појава на чувство на длабока фасцинација инспирирана од фотографија, како и нејзиниот потенцијал да раскаже нераскажана приказна. Притоа сфаќајќи ги важноста, длабочината и значењето ваквите откритија да бидат споделени со пошироката публика, осветлувајќи го повторно патот на хероизмот на нашите предци.

Која е симболиката на овие историски фотографии?

Старите фотографии нè потсетуваат и сведочат за значењето и зачувувањето на историјата, како и за приказните што се наоѓаат во секоја рамка и се дел од колективната меморија. Симболиката на овие историски фотографии е исклучително значајна. Секој светлопис служи како прозорец кон минатото, доловувајќи ги лицата и моментите што ја обликувале судбината на македонскиот народ. Овие фотографии не се само обични снимки, тие се симбол на отпорноста, решителноста и непопустливиот дух на македонскиот народ во вековната борба за слобода и државност. Изложените портрети не се само историски артефакти, тие се цел микроуниверзум во срцата и умовите на оние што го посветија својот живот за македонската кауза.
Освен тоа, овие фотографии го симболизираат континуитетот на нашата борба низ историјата. Тие го премостуваат јазот меѓу генерациите, поврзувајќи нѐ со оние Македонци што се бореа за независноста на Македонија пред повеќе од еден век. Тие нè потсетуваат дека нашата потрага по самоопределување и суверенитет е трајна, потрага што ја носи секоја генерација со себе. Дополнително, овие фотографии ја симболизираат моќта на визуелен начин да се раскажат приказни. Тие ги надминуваат јазичните или етничките бариери и зборуваат за универзалната човечка желба за слобода и правда.

Дали имате омилена фотографија што би ја одвоиле?

Се разбира, меѓу мноштвото фотографии изложени на изложбата „Лица на револуцијата“ би го издвоил портретот на војводата Јане Сандански за време на неговиот престој во Цариград во 1909 година. Овој портрет е необјавен досега и откупен од приватна колекција во денешен Истанбул. Во 1909 година, војводата Јане Сандански и неговите чети од поддржувачи тргнале на марш до Константинопол како дел од движењето на младотурците, со мисија да го детронизираат султанот Абдул Хамид Втори, притоа залагајќи се за правата и автономијата на македонскиот народ.
Она што ја прави оваа фотографија особено интересна е мистеријата околу нејзиното создавање. Снимена е за време на хуриетот во непознато студио во Константинопол, зголемувајќи ја привлечноста на сликата, притоа потсетувајќи нè на тајната природа на револуционерното движење.

Дали имате сознанија за авторите, кои се автори на фотографиите?

Секако, потеклото на фотографиите од изложбата „Лицата на револуцијата“ е разновиден, а со тоа и на самите оние што ги создале. Најголемиот дел од овие фотографии доаѓаат од различни извори и се снимени од фотографи што работеле на териториите на османлиска Македонија и Бугарија во тој период. Оние фотографи што работеле на територијата на османлиска Македонија ја ризикувале сопствената безбедност за да ги документираат овие клучни моменти од историјата, а нивната работа станала витален дел од комуникацијата и документацијата на револуционерното движење. Би го издвоил скопскиот фотограф Георги Попов, велешкиот Дамаскин Манушев, солунскиот пионер на фотографијата Пол Зебџи, браќата Лионда, браќата Манаки од Битола итн. А од бугарските фотографи неприкосновени се имињата на Иван и Димитар Карастојанови.

Од кој период се фотографиите и зошто се одлучивте за овој период?

Периодот од 1893 до 1934 година е времето на основањето и работата на Македонската револуционерна организација, сѐ до нејзиното укинување во 1934 година. Практично, од најраните денови на борбата, преку Илинденското востание од 1903 година, па сѐ до постилинденскиот период, овие фотографии сликовито ја доловуваат суштината на еден бурен дел од македонската историја. Значењето на изложбата „Лица на револуцијата“ лежи во мигот на нејзината објава, совпаѓајќи се со три монументални јубилеи во македонската историја: 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација. И токму значајноста и големината на јубилеите беше главната причина да се направи еден ваков потфат.
Оваа изложба е доказ за нашата колекционерска посветеност, откако измина повеќе од една деценија во која педантно беше составувана оваа приватна фотографска архива. Нашата страст за историјата, во комбинација со непопустливиот ангажман за зачувување на ова движно фотографско наследство на пионерите на македонското ослободително движење, кулминира со оваа изложба, која несомнено ќе остави траен белег и кај македонската и кај меѓународната публика. Д.Ст.