Фото: „Нова Македонија“

При најновото следење на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права на групата пресуди за ОМО „Илинден“ и другите против Бугарија, Комитетот на министрите на Советот на Европа (КМ на СЕ) донесе нова одлука на минатонеделниот состанок, одржан во Стразбур, од 12 до 14 март, во која изразува сериозна загриженост за неспроведувањето на групата пресуди од страна на Софија, одолжување што трае повеќе од 17 години. Комитетот на министрите на Советот на Европа тука повтори дека формалните законски барања мора да се применуваат на пропорционален, предвидлив и конзистентен начин, со јасни упатства до апликантите, каде што е потребно!

Сериозна загриженост на Стразбур за неспроведените пресуди од Бугарија за регистрациите на македонските здруженија

Комитетот на министрите на Советот на Европа поточно делегатите потсетуваат во нивната одлука дека оваа група на случаи се однесува на неоправдано одбивање од страна на бугарските судови, помеѓу 1999 и 2015 година, да ги регистрираат здруженијата апликанти, врз основа на согледувањата за националната безбедност на Бугарија, заштитата на јавниот ред и правата на другите (со оглед дека целите на апликантите биле насочени кон „признавање на македонско малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија што остваруваат политички цели, како и непочитување на формалноправните барања, со што Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) констатира повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права, кој гарантира слобода на здружување и собирање.
КМ на СЕ го забележа писмото од вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, како одговор на писмото од претседателот на Комитетот на министри, во кое се бараше да се достави иформација за спроведувањето на групата на пресуди. КМ на СЕ на дипломатски начин ја поздравува потврдата на високо ниво за континуираната посветеност на бугарските власти за брзо и целосно извршување на пресудите на Европскиот суд воопшто и за блиска соработка со Секретаријатот во текот на целиот процес на извршување, кој патем трае од 2006 година до денес и сѐ уште не е затворен.

Стразбур со интерес ја забележа новата порака на високо ниво упатена до засегнатите страни во неодамнешното писмо од министерот за правда на Бугарија; исто така ја зеде предвид наведената намера на властите да иницираат консултации со цел да се процени потребата од законски измени за да се олесни извршувањето на овие пресуди; да ги поттикне брзо да ја финализираат горенаведената процена и да дадат информации за сите предвидени дополнителни мерки. Начин на кој Бугарија го одолжува извршувањето на пресудите речиси две децении.
Комитетот на министрите на Советот на Европа сепак жали што, и покрај мерките усвоени од бугарските власти помеѓу 2018 и 2023 година и усвојувањето на привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата конечна пресуда во оваа група, здруженијата што имаат за цел „добивање признавање на македонското малцинство“ продолжуваат редовно да се одбиваат за регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели. КМ на СЕ исто така забележува дека очигледно неконзистентната примена на барањата што се однесуваат на статусот на јавен или приватен интерес или други формални барања продолжува (да се поставува како пречка за здруженија).
Комитетот на министрите на Советот на Европа тука повтори дека формалните законски барања мора да се применуваат на пропорционален, предвидлив и конзистентен начин, со јасни упатства до апликантите каде што е потребно; повторно ја нагласи потребата Агенцијата за регистрација сеопфатно да ги идентификува недостатоците во досиејата за регистрација, како што е наведено во привремената резолуција CM/ResDH(2020)197, како и потребата судовите сеопфатно да ги идентификуваат, колку што е можно, недостатоците во регистарското досие, како што е наведено во претходните одлуки.
Комитетот на министрите на Советот на Европа затоа уште еднаш ја изразуваа својата сериозна загриженост дека, иако властите неодамна презедоа одредени чекори, тие сè уште не ги презеле решителните чекори што Комитетот ги бараше во своите претходни одлуки за да се осигура дека сите нови апликации за регистрација на асоцијации апликанти или слични здруженија ќе бидат испитани во целосна согласност со обврската за заштита на правото на слобода на здружување според членот 11 од Конвенцијата. КМ на СЕ притоа ги повикува властите да ги удвојат своите напори за брзо постигнување опиплив напредок во извршувањето на овие пресуди со преземање такви решителни чекори за да се решат недостатоците во функционирањето на сегашниот механизам за регистрација, во согласност со привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки.

Во овој контекст, Комитетот на министрите на Советот на Европа жали што властите на Бугарија сè уште немаат презентирано информации за пораките на високо ниво до јавноста во врска со извршувањето на овие пресуди, како што беше предложено во претходните одлуки, и ги повикува повторно да размислат за таква мерка. КМ на СЕ го повторува својот повик за поголеми напори за издигање на свеста во однос на процената на целите на асоцијациите апликанти и други слични здруженија, со цел да се објасни дека овие пресуди не создаваат обврска да се признае група на лица како малцинство, туку потребна е регистрација на здруженија со слични цели, доколку ги исполнуваат формалните барања што се пропорционални, предвидливи и доследно применети, во согласност со принципите на Конвенцијата.
Комитетот на министрите на Советот на Европа ги покани властите во Бугарија да дадат информации за сите горенаведени прашања пред 15 јуни 2024 година и одлучи да продолжи со разгледувањето на овие случаи на нивниот 1.507 состанок (закажан за септември 2024 година) Делегатите на Комитетот на министрите на Советот на Европа за човекови права се декларираат подготвени, во отсуство на опиплив напредок или календар за усвојување убедливи дополнителни мерки, да предвидат, при нивното следно испитување на овие случаи, да се преземат дополнителни мерки насочени кон зајакнување на нивниот политички дијалог и соработка со бугарските власти за да се осигура дека Бугарија целосно, ефективно и навремено ги извршува предметните пресуди.


Комитетот на министрите на Советот на Европа го следи извршувањето на шест пресуди против Бугарија

За потсетување, Комитетот на министрите на Советот на Европа овде го следи извршувањето на шест пресуди против Бугарија: 59491/00 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ од 19.1.2006 година, правосилна од 19.4.2006 година; 34960/04 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ бр. 2 од 18.10.2011, правосилна од 03.08.2012; 29496/16 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ (бр. 3) од 11.1.2018, правосилна од 11.4.2018; 70502/13 ЈОРДАН ИВАНОВ И ДРУГИ од 11.1.2018, правосилна од 11.4.2018, 67197/13 МАКЕДОНСКИ КЛУБ ЗА ЕТНИЧКА ТОЛЕРАНЦИЈА ВО БУГАРИЈА И РАДОНОВ од 28.5.2020, правосилна од 28.5.2020, и 23702/15 ВАСИЛЕВ И ДРУШТВОТО НА МАКЕДОНЦИТЕ РЕПРЕСИРАНИ ВО БУГАРИЈА ЖРТВИ НА КОМУНИСТИЧКИ ТЕРОР од 28.5.2020, правосилна од 28.05.2020 година.
И ова одлагање вака до недоглед. Неспроведување на пресудите од ЕСЧП од страна на Бугарија беше покажано со прст од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент кога се расправаше за Бугарија. Очигледно Софија не е подготвена да го спроведе во својата држава она што таа го бара од Македонија, а бара дури и повеќе од тоа што се бара од неа – Македонија да го смени својот устав и да ги впиши Бугарите во него. Услов што се подигна како пречка на патот на Македонија (сега Северна) што води во ЕУ, услов што не е дел од копенхашките критериуми, кои Македонија во однос на правата на малцинствата ги исполнува, а Бугарија очигледно не ги исполнува истите тие критериуми, ако се земат предвид сите овие неспроведени пресуди за Македонците во Бугарија. Но таа е членка на ЕУ и може сега да диктира услови, кои се далеку од разумноста и еквидистанцата, заборавајќи како таа молеше при зачленувањето во ЕУ да не се зборува многу за малцинствата, особено за македонското, за да стане членка на ЕУ, ветувајќи дека ќе ги почитува условите од Копенхаген. Претходно македонските власти и политичари со измените на македонскиот устав се откажаа отворено да го заштитуваат македонското малцинство во соседните земји, додека нашите соседни земји не се откажаа од тоа и дури бараат повеќе од тоа. Договорите склучени во излив на пријателство на нашите политичари со бугарските, колку да изгледаат убаво на прв поглед, секогаш биле на наша штета. Македонија правеше отстапки, а другите не.
Стравот да се урне националниот мит, кој како сите национални митови, не само во Бугарија, се гради и на лажни измислени темели за да се зацврсти националното единство, ја спречува Софија да признае, како што тоа го направи во 1945 година, дека има македонско малцинство во Бугарија. А Европа, преку Советот на Европа (Совеста на Европа), може да испраќа и донесува одлуки насочени кон бугарските власти, од кои само со зборови и без конкретни санкции се бара спроведување на пресудите на ЕСЧП. Но реалполитиката на Запад, кој има повеќе од потреба од Бугарија наспроти Русија, која ужива голема поддршка, не само кај бугарското население, туку и кај дел од политичките партии, сигурно, барем засега нема да направи ништо повеќе за македонското малцинство во Бугарија за признавањето на неговите колективни права на слободно здружување и собирање. Но сепак е доволно што ова прашање, квалификувано како „комплексно“ или „сложено“ од Комитетот на министрите на Советот на Европа, останува отворено, надежите не се изгубени дека конечно ќе биде исполнето залагањето на македонските активисти во Бугарија. Правдата, како што вели поговорката, е бавна – ама сепак стигнува.

Тони Гламчевски, дописник на Нова Македонија од Стразбур