Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Импликациите за политичко влијание при менаџирање со европските грантови, со основи на сомневање за дубиозни и манипулативни поведенија кај нас во Македонија, секако се компромитација на државата пред европските институции.
Меѓутоа уште пофрустрирачки е што и сега, а и во други претходни слични и речиси идентични случаи, не е познато дали и кој ќе преземе конкретна одговорност, па најчесто дубиозата „се затвора“ со исплата на средства од буџетот на Македонија – назад на посебна сметка на Европската комисија (ЕК). Цехот, секако, го плаќаат нашите граѓани

Европски пари општествено неодговорно потрошени и злоупотребени

Аферата со злоупотребата на финансиски средства од Европската комисија за образовната програма „Еразмус плус“ добива обележја на драма со политички заплет, без соодветен (кривичноправен) расплет. За жал, штетата се чини дека повторно ќе биде на сметка на нашиот државен буџет, односно на македонските граѓани, кои ќе треба да ја платат неодговорноста на надлежните и подложноста на девијантни политички влијанија на поединци или групи.

Злоупотребите констатирани од ОЛАФ

По истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), побарано е од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија да бидат вратени 2,2 милиони евра, средства што Европската комисија ѝ ги дала на Агенцијата за таа да ги доделува во форма на грантови за организации, училишта и универзитети. Во истрагата на ОЛАФ се констатирани неправилности во врска со проекти – досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“, финансирани од Европската комисија. Наводните констатирани злоупотреби од страна на ОЛАФ, кои не се потврдени од домашниот суд, се однесуваат на тоа што училишта, еден државен универзитет и невладини организации наместо да управуваат со овие пари самите, на тендер склучиле договори со фирми што раководеле со целосните суми.

Евроамбасадорот Дејвид Гир: Непријатност со проневерените европски средства!

Актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, вели дека тие пари ќе бидат вратени во Европската комисија од годишниот државен буџет. Средствата треба да бидат вратени до Европската комисија во рок од 45 дена од официјално доставено барање од европските институции, но и со тој момент се јавува одреден предизвик. Имено, во моментов, во Македонија функционира техничка влада, која не може да прави ребаланс, но директорот на Националната агенција вели дека ќе мора да се најдат средства. Меѓу другото, директорот додава дека оваа организација е во сензитивен период и во изминатите три години се воспоставени нови критериуми и со помош од Амбасадата на ЕУ, програмата за образовна размена ќе продолжи.
Од Амбасадата на ЕУ во Македонија, односно евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека и покрај „непријатноста со проневерените европски средства“, утврдени од истрагата на ОЛАФ, Европската Унија и понатаму има доверба и нема да ги намали средствата за младите во Македонија. Секако, останува обврската средствата да бидат вратени.
Особено индикативен момент во целата афера, кој внесува горчлив вкус на внатрешно политичко влијание и притисок за манипулација со европските средства е фактот дека истрагата на ОЛАФ е спроведена по пријава на претходната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, која во 2020-та беше разрешена и заработи кривична за злоупотреба на средства во висина од 400.000 евра европски пари. Димова тврди дека токму овие проневери, утврдени од ОЛАФ, биле причина поради кои била сменета, преку монтирање непостојни афери. Поранешната директорка на Националната агенција директно ги обвинува тогашниот премиер Зоран Заев и националната координаторка Нола Исмаиловска Старова за притисоци кон неа да ја повлече кривичната пријава. Пред да пријави во ОЛАФ, Димова вели дека во 2019-та година поднела кривична пријава за злоупотреба на европски пари лично до тогашниот обвинител Љубомир Јовески и ја замрзнала исплатата на сите средства.

Не е прв случај на проневерени средства, а нема соодветна завршница?!

Овој случај со манипулација со средствата што ги донира Европската Унија за проекти за образование и мобилност, сепак не е прв инцидент од ваков вид во Македонија. И претходно, во 2013 година, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност вратила пари назад во буџетот на Европската комисија, за што лицето што било од интерес во таа истрага добило известување дека повеќе не е лице од интерес поради тоа што парите биле вратени. Тогаш станувало збор за два проекта, кои заеднички вределе 152 илјади евра.
Импликациите за политичко влијание во манипулацијата со европските грантови, секако се компромитација на државата пред европските институции, но уште е поголема тежината што во вакви случаи не е познато дали и кој ќе преземе конкретна одговорност, па најчесто аферата се затвора со исплата на средства од буџетот, односно на сметка на граѓаните.

Граѓанскиот сектор под перманентен притисок на политичко влијание

– Несомнено е дека постојат политичко влијание и притисоци во таа сфера на дејствување на невладиниот сектор, односно на управување со донации и грантови, во случајов на европски пари. Оние што ги донираат средствата сметаат дека со нив ќе се стори нешто корисно за унапредување на одредени работи во општеството и настапуваат со доверба кај локалните невладини партнери. Но во реалноста, голем дел од тие европски донации одат за несуштински проекти, без корисни резултати ниту длабински анализи. Се чини дека е важно само крајниот извештај да не е во судир со очекувањата и наративите на донаторот. Од таквите донации речиси и да нема некоја поширока бенефиција за општеството, освен за одредена група што ја добила привилегијата да управува со тие средства. Со самото тоа што нема поширока општествена бенефиција од проектите, веќе има основа за сомневање за злоупотреба на тие фондови. Тоа го знаат и донаторите, но доколку прикажаните резултати од проектите не се во судир со нивните проектирани интереси, подготвени се да толерираат. Освен тоа, и оние што ги добиле средствата често ангажираат експерти, лица однадвор, од кругот на донаторите, што наведува на елементарен поткуп. Во таков „лабав“ контекст, политичките фактори на власт, секако сакаат да го наметнат своето влијание. Тој невладин сектор на Запад е мошне регулирана сфера, но кај нас некако се стави на маргините и под политичко влијание – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.