Високо кренатата рака наедно беше и првиот јавен настап на бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски во Парламентот на Европа и пред европската јавност, која имаше можност во живо да го почувствува духот на фашистичката кореографија што во одреден момент излезе од темните дамари на бугарското историско наследство право на светлината на денот во една од највисоките европски институции, демонстрирајќи најбрутална ерозија на европските вредности и принципи на кои се темели Европската Унија
Што и да прави, Бугарија не може да ја избрише вистината од своето минато
Нацистичкиот поздрав на бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски во Парламентот на Европа беше јавна промоција на фашистичката идеологија, зад која досега, помалку или повеќе, успешно се затскриваат одредени (не сите) политички структури во Софија.
Високо кренатата рака наедно беше и првиот јавен настап на бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски во Парламентот на Европа и пред европската јавност, која имаше можност во живо да го почувствува духот на фашистичката кореографија што во одреден момент излезе од темните дамари на бугарското историско наследство право на светлината на денот во една од највисоките европски институции, демонстрирајќи најбрутална ерозија на европските вредности и принципи на кои се темели Европската Унија.
Но затоа, пак, македонските граѓани секојдневно се сведоци на отворените профашистички испади од бугарските националшовинистички кругови, кои стануваат сѐ позачестени по отворањето на македонско-бугарските преговори, формулирани во пакетот пет плус еден.
Изминатите денови, од Бугарија пристигнуваат вести и информации за величење на делата на бугарските фашисти од Втората светска војна, наедно проследени со негирање на злоделата на бугарската окупаторска војска врз македонското население, како и со негирање на антифашистичкиот отпор во Македонија. Најекстремен во искажувањето на антимакедонските ставови е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој постојано порачува дека „Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот“. Тој ја имаше повторно главната улога во завчерашниот настап, кога на крајот од седницата на Европскиот парламент направи нацистички поздрав. Оваа постапка беше „благо“ критикувана од претседателката на Европскиот парламент, која се огласи преку својот твитер-профил за ваквиот гест на Џамбаски!
– Ако забележувате, тој е сам во големата сала на Европскиот парламент, што укажува дека наменски се фотографирал со нацистички поздрав за да го сврти вниманието на себе, онака арлекински, колку да не го забораваат. Човекот си ја постигна целта да се зборува за него. Впрочем, тој ѝ припаѓа на таа идеологија. Претходницата на партијата чиј потпретседател е, во последната војна е и физички и идеолошки учесник на страната на нацизмот и таа крајно десна идеологија е дел и од неговата актуелна партиска програма. Затоа, од него и нему сличните воопшто не изненадуваат ваквите испади, а и современа Европа на нив гледа како на некаковси европски „демократски“ декор, а всушност си живурка нацизмот кај Старата Дама. Впрочем, таму, во тој актуелен ЕУ-парламент, има и други поединци, па и структури што со задоволство би го сториле истото тоа, но во дослух со времето и за разлика од конкретниов балкански примитивец, тие се европски софистицирани – ни изјави Зоран Иванов, новинар што веќе отворено се спротивставува на негаторската политика и говорот на омраза од Бугарија.
Во Бугарија има сѐ повеќе примери за возобновување на фашистичката идеологија. Имено, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, од редовите на ГЕРБ, неделава предизвика остри реакции во домашната јавност, откако изјави дека ние во Македонија не би смееле да го празнуваме Денот на востанието на македонскиот народ, кој традиционално секоја година се одбележува на 11 октомври. Ковачев во изјавата за бугарска телевизија истакна дека празникот 11 Октомври е спорен и дека во целокупниот договор меѓу двете земји, за да се симне ветото за нашата интеграција во ЕУ, треба ние да се откажеме и од празнување на „првата пушка“ (?!).
Со величење на бугарскиот фашизам беше обновена церемонијата во спомен на генерал Христо Луков во Софија, позната како Луков марш, организиран од Бугарскиот национален сојуз. Христо Николов Луков е контроверзна фигура во бугарската историја. Тој бил одликуван офицер, кој учествувал во Балканските војни и Првата светска војна, и бил министер за војна на Царска Бугарија, од 1935 до 1938 година. Но, од друга страна, основал и предводел ултрадесничарско здружение по присилното пензионирање од воената служба, наречено Сојуз на бугарските национални легии, во чија реторика, дејствување и симболи многумина препознаваат корелација со националсоцијалистичкиот режим на Третиот рајх и фашистичкиот режим на Бенито Мусолини во Италија.
– Настапот на бугарскиот европратеник покажува дека нацифашизмот е жив во Бугарија. Ваквите гестови и претходно одржувањето на Луковиот марш се доказ дека фашизмот е присутен и во 21 век, и тоа во срцето на Европа. Тоа што го направи бугарскиот политичар во Европскиот парламент покажува колку современата европска демократија е далеку од европските вредности за кои се залага. Повторно реакцијата на европските институции ќе биде на едноставно оградување и наводно преиспитување на целиот случај со гестикулацијата на Џамбаски, кој, на крајот, од нацистички поздрав ќе се сведе на отпоздравување на претседавачот. Знаете, ЕУ ќе го протолкува тоа како што ѝ одговара. Тие не сакаат да го видат тоа што им се случува во нивниот двор. И без да го исчистат сопствениот двор од вакви фашистички идеологии, не може да бараат да се исчистат другите дворови. Во срцето на Европа има обиди за возобновување на нацистичката и фашистичката политика и тоа се прави преку Бугарија. Јасно е дека Бугарија во Втората светска војна била на страната на фашистите, а најголем доказ за тоа е учеството на бугарската држава во холокаустот. Од македонска страна не треба да се отстапува од овие позиции и затоа е потребна сериозна реакција од нашето министерство за надворешни работи, Владата и парламентот. Улогата на историјата и на историчарите е да потсетуваме на ваквите појави за да не се забораваат, зашто тие можат да ни се повторуваат и во иднина, како што и се случува сега – ни изјави историчарот Тодор Чепреганов.
Списокот на фашистички и антифашистички изјави дадени од високи бугарски политичари е долг.
На оваа листа со изјави, со кои во континуитет се негира и постоењето на македонскиот народ, е актуелниот бугарски претседател Румен Радев, кој за време на кампањата на последните претседателски избори упорно повторуваше дека „Македонците се Бугари“. Тој во јавните телевизиски дебати редовно ги повторуваше иредентистичките ставови „за запирање на систематската дебугаризација што се води со децении, како и уништувањето и фалсификувањето на бугарското културно и историско наследство, и пред да се искорени говорот на омраза во учебниците и натписите на музеите и институциите, во државните медиуми и МАНУ“. Со истакнување профашистички тези се прослави и поранешната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која во интервју за германскиот весник „Велт“ направи споредба за антифашистичката борба предводена од југословенскиот водач Јосип Броз-Тито, по повод прославата во Скопје од годишнината од неговата смрт. Таа изјави дека „тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“. Бугарските власти, но и во Европската Унија, останаа глуви на изјавите на поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој отворено негира го постоењето на фашистичкиот режим во Бугарија, но затоа бил подготвен да „испрати инженерски полк и да ги отстрани спомениците и спомен-плочите на кои пишува фашистички окупатор“.