Фото: Игор Бансколиев

Европските контрадикторни политики на најдиректен начин се одразуваат врз нормалното функционирање на македонската држава. Крајно време е Европската Унија да ја согледа својата непринципиелна политика кон Македонија, Брисел да стане дел од решението, а не како и досега да биде дел од проблемите

Повеќемина меѓународни професори и експерти велат дека Европската Унија се соочува со повеќе противречности што ја принудуваат да се движи кон ирелевантност. Споменатите противречности се резултат на политиките на Брисел, како и од самите земји-членки, особено од оние што се премногу моќни и се обидуваат да ги спроведат своите интереси. Со други зборови, Европската Унија нема јасни политики за повеќе прашања, вклучувајќи и за нејзиното проширување, како и за условите за можниот прием на новите членки. Како контрадикторност се пројавува и консензуалното одлучување во ЕУ, кое е проблематично бидејќи одредени земји-членки го злоупотребуваат ветото за остварување ирационални и парадоксални цели. Ова е особено видливо во нашиот случај кога Македонија долго време чекаше за почеток на преговорите, бидејќи одлуката мораше да биде донесена едногласно од сите земји-членки на ЕУ, а Грција континуирано се спротивставуваше до Преспанскиот договор во 2018 година. Не смее да се заборави и дека Бугарија како членка на Европската Унија воведе нов критериум за пристапување, односно јазични, историски и идентитетски услови. Овие европски противречности на директен начин се одразија врз карактерот и суштината на македонската држава, но и на нормалното функционирање на македонската држава и нејзините институции, видливо преку Охридскиот рамковен договор, преименувањето на државата и поддршката за апсурдните барања на Бугарија со кои се доведуваат во прашање македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Повеќемина експерти и аналитичари посочуваат дека е крајно време Европската Унија да ја согледа својата непринципиелна политика кон Македонија, Брисел да стане дел од решението, а не како и досега да биде дел од проблемите.

Европските противречности

Повеќемина странски професори и аналитичари ги нагласуваат европските контрадикторности. Во оваа конотација се и укажувањата на Жорди Сера дел Пино, професор на Факултетот за комуникации и меѓународни односи на универзитетот „Бланкерна“. За проблемите со кои се соочува Европската Унија вели дека сениште ја прогонува Европската Унија, сениште на своите противречности. Според Жорди Сера, овие противречности сугерираат дека ЕУ се движи кон ирелевантност, а контрадикторностите произлегуваат од политиките на самата ЕУ и Брисел.
Професорот од универзитетот „Бланкерна“ исто така посочува дека европскиот устав се појави како прва болна противречност, односно премногу често на ЕУ ѝ недостигаат мускули за распоредување на заедничките политики. Земјите-членки честопати спроведуваат политики за остварување цели што се спротивни од заедничката политика, а со ова се објаснува неспроведувањето на европските политики, посочува Жорди Сера.
– ЕУ е премногу преоптоварена со противречности, премногу сложена, не може да се приспособи на брзите промени и затоа едноставно не функционира. Со други зборови, тоа е надвор на синхронизацијата – вели проф. Жорди Сера.
Со оваа проблематика се занимава и професорот Ото Пферсман од француската Виша школа за општествените науки. Според него, европските политичари се политичари на постојани противречности затоа што им дозволуваат да земјите-членки да спроведуваат политики што се спротивни од јасно прифатените принципи.
Ова е особено видливо во консензуалното одлучување во ЕУ, бидејќи одредени земји-членки го злоупотребуваат ветото за остварување свои цели на сметка на интересите на целата унија, како што се евроинтеграциите на Македонија, кои се попречени од консензуалното одлучување и ветото, најпрво преку ирационалните барања на Грција за промена на уставното име на Македонија, како и од страна на Софија, која наметнува идентитетски и историски прашања.

Европските противречности на директен начин ја загрозуваат Македонија

Европските контрадикторни политики на најдиректен начин се одразуваат врз нормалното функционирање на македонската држава. Главниот преговарач во име на Европската Унија, Франсоа Леотар, го наметна потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кога македонската влада мораше да го адаптира македонскиот устав за да му се обезбеди на албанското малцинство повеќе права. Краткорочно со Охридскиот договор заврши воениот конфликт од 2001 година, но долгорочно ја отвори Пандорината кутија на великоалбанскиот национализам, кој особено е видлив во изјавата на Орхан Муртезани од партијата Алтернатива дека нема Албанец од Македонија што ќе ја отпее „Денес над Македонија се раѓа“ како негова химна. Со други зборови, противречноста на европските политики и нејасниот став кон шовинизмот и иредентизмот на албанскиот политички фактор ги продлабочуваат меѓуетничките односи и ја нарушуваат унитарноста на Македонија како држава.
Противречностите на европската политика се одразуваат и со проблемот со исполнувањето на условите за пристапување, каде што постои одредена сложеност и амбивалентност на процесот на пристапување, видлив во примерот на Македонија.
За оваа проблематика, Татјана Секулиќ од Институтот за социологија и социолошки истражувања при Универзитетот во Милано, вели дека постои одредена преговарачката игра за суверенитет помеѓу наднационалното ниво на ЕУ и националните држави на нејзините членки, игра што предизвикува постојани конфликти.

– На ниво на ЕУ, поради прашањето за името, Македонија долго време чекаше на ред за почеток на преговорите, бидејќи одлуката мораше да биде донесена едногласно од сите земји-членки на ЕУ, а Грција продолжи да се спротивставува до Преспанскиот договор во 2018 година – вели проф. Татјана Секулиќ.
Со нашиот пример, Брисел директно го дозволи внесување на ирационалните грчки барања како услов за европската интеграција. Од друга страна, европската поддршка за Преспанскиот договор се одразува и врз тоа што точно се подразбира под „македонската нација“. Во оваа конотација беше и изјавата на Никос Коѕијас, поранешниот грчки министер за надворешни работи, дека Бугарија не сфаќа дека во Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Со други зборови, Преспанскиот договор ја отвори вратата за редефинирање на македонската нација во смисла дека таа се состои од словенски, албански, влашки и други етнички елементи (!?), како што посочија повеќемина грчки експерти и аналитичари.
Нефункционалноста на ЕУ е очигледна и од француската поддршка за бугарските апсурдни барања поврзани со идентитет на македонскиот народ. За оваа проблематика пишуваше и германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, според кого, Бугарија воведе нов критериум за пристапување кон ЕУ. Присилување на кандидатите да прифатат историски, јазични и идентитетски услови. Ако тоа влезе во учебниците на ЕУ (ако стане правило за сите), можете веднаш да го запрете проширувањето, пишуваше влијателниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за бугарското ветото за Македонија.
За непринципиелната француска политика со свој став излезе и професорката Мирјана Најчевска. Според неа, негативното влијание на Франција врз земјите кандидати за ЕУ не е од вчера и не е само кон нас.
– Во 1961 Британија аплицираше за членство во Европската економска заедница. На ова стави вето францускиот претседател Чарлс де Гол, кој беше загрижен дека британското членство ќе го ослаби францускиот глас во Европа. Тој исто така се плашел дека блиските англо-американски односи ќе водат кон зголемено влијание на САД во Европа. Чарлс де Гол исто така ставил вето на втората апликација на Британија во 1969 година. Поддршката што Франција ѝ ја дава на Бугарија можам да ја разберам само како искористување на Бугарија за остварување на француските намери и желби – вели Мирјана Најчевска.
Затоа повеќемина познавачи на состојбите посочија дека бугарското вето на криминални принципи е крах за европската демократија, слобода, самоопределување, уважување, почитување, соработка и стремеж за човекова благосостојба. Тоа не е онаа Европа во која сакаме да членуваме, бидејќи на директен начин го доведува во прашање постоењето на македонската држава. Д.Ст.