Поддршката на европските граѓани за приемот е различна за шесте земји од Западен Балкан. Како „најпожелни“ потенцијални членки се Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина, за разлика од втората балканска „тројка“, Албанија, Србија и Косово, која добила послаб процент на поддршка. За приемот на Македонија најмала поддршка дале Французите или 23 отсто од нив сакаат да ја видат нашата земја во европското семејство, додека 36 отсто искажале негативен став
Висок степен на граѓанско неодобрување
во ЕУ за придружувањето на државите
од Западен Балкан
Граѓаните на Европската Унија во многу низок процент го поддржуваат процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Последната анкета на граѓаните во четирите европски членки: Франција, Германија, Шпанија и Италија, покажа високo ниво на „скептицизам“ за приемот на балканските земји, споредено со нивото на евроскептицизмот што се појави кај жителите на Балканот, по целосното блокирање на процесот на евроинтегрирање. Резултатите од направената анкета во март 2022 година, кое го објави Радио Слободна Европа, го покажа веќе познатиот став на мнозинството Европејци кон процесот на проширување. Нивната поддршка за приемот е различна за шесте земји од Западен Балкан. Како „најпожелни“ потенцијални членки се Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина, за разлика од втората балканска „тројка“, Албанија, Србија и Косово, која добила послаб процент на поддршка!
За приемот на Македонија најмала поддршка дале Французите или 23 отсто од нив сакаат да ја видат нашата земја во европското семејство, додека 36 отсто искажале негативен став. Со најмногу гласови „за“ за нашиот прием од 45 отсто се изјасниле граѓаните во Шпанија, а само 19 отсто биле против нашиот прием во ЕУ. Во Германија за прием на Македонија се 36 отсто, а против се 31 отсто. Во Италија 35 отсто од граѓаните се за прием на Македонија и 32 отсто се против.
Скептичноста на европските граѓани кон политиката на проширување на Европската Унија беше изразена и во претходните истражувања. Австриското друштво за европската политика пред две години излезе со податоци од истражувањето, од кое како заклучок произлезе фактот дека постарите земји-членки на ЕУ се повоздржани во однос на натамошното проширување на Унијата. Таков е случајот со двете водечки членки на ЕУ – Германија и Франција, а нагласен скептицизам беше изразен и од Белгија и од Холандија, како и во Австрија. Највисока поддршка за балканските земји, тогаш, беше дадена за БиХ, која доби 31 отсто „за“ и 35 отсто „против“. Другите земји-кандидати за влез во Унијата имаа уште послаба поддршка кај европските граѓани.
За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ваквите резултати од најновото истражување се „производ“, пред сѐ, на неинформираноста на европските граѓани за состојбите во земјите од Западен Балкан.
– Повеќето од граѓаните на Европската Унија не се обидуваат да се запознаат подобро со внатрешните околности на регионот. Тоа што го добиваат постојано како информација за земјите од Балканот е дека имаат меѓусебни спорови, конфликти и тоа за нив значи и потенцијален ризик, при евентуално проширување на Унијата. Негативен впечаток кај нив претставуваат и податоците за високата корупција во регионот. И за Македонија веќе триесет години се зборуваше за спорот со Грција, сега со Бугарија што кај јавноста во Европа остава лош впечаток за нашата земја, како за земја со лош имиџ и со внатрешни политички кризи. Европските граѓани, како и Французите не се обременети со политички теми, како што е случајот кај нас, со што му се дава пресудно значење на процесот на проширувањето на ЕУ. За жителите на земјите-членки на Унијата висок приоритет има тоа како живеат тие и работите ги согледуваат низ економската призма, како политиката на ЕУ се одразува на нивниот животен стандард – ни изјави Пекевски.
Во пошироката анализа што беше објавена во 2021 година, која беше поддржана од „Отворено општество“, посебно се истражуваа причините зошто постои висок отпор кај француските граѓани во однос на проширувањето кон Западен Балкан. Притоа беше забележано дека ставовите на француските граѓани се поврзани со општите ставови на луѓето кон ЕУ и од емоциите што ги застапуваат избраните политичари. Искажаните ставови не беа толку поврзани со конкретните искуства или стереотипи за државите од Западен Балкан. Наместо тоа, ставовите за проширување се објаснуваа со општите процени за состојбата во ЕУ, нејзината иднина, како и за тоа колку луѓето чувствуваа дали интересите на Франција се доволно застапени во ЕУ!
Сепак, Франција, која е моментално претседавач со ЕУ, останува една од европските земји што бележи најголем степен на граѓанско неодобрување на придружување на државите од Западен Балкан. Со користење комбинирани податоци од 2020 година, кои ги одразуваат ставовите на возрасната популација во Франција, било констатирано дека за голем број од нив процесот на проширување не е значајно прашање, па затоа и нивниот став е подложен на промени! Франција не е единствена земја што има скептични граѓани кон проширувањето, но таа е со највисока стапка на „неодобрување“ на овој процес. Висок процент на граѓани што се противат на проширувањето имаа и во Холандија, Германија, Австрија, Белгија, покажаа претходните истражувања. М.Ј.