Фото: ЕПА

Од 6 до 9 јуни во членките на Европската Унија беа спроведени избори за новиот состав на Европскиот парламент, по кои се наѕира каде ќе се движи европскиот континент во наредните пет години. Главната порака што ја искажаа апатичните европски гласачи е дека Европа сврте во десно, Франција, клучната земја на Унијата, во крајно десно, бидејќи политиките на нејзиниот претседател Емануел Макрон доживеаја катастрофален пораз (како и либералите во целост, но и зелените). Тој простор меѓу либералите и зелените почнува суверено да го освојуваат крајно десничарските и левичарските опции

ЕВРОПСКИТЕ ИЗБОРИ ПОКАЖАА КАДЕ ЌЕ ОДИ ЕВРОПА ВО НАРЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ

Две големи земји во ЕУ, Франција и Германија, се лакмусот за политичкото расположение во Европа – дека на овие избори партијата на Мари Ле Пен го порази „до нозе“ Макрон, а во Германија сигурна победа извојуваа демохристијаните (односно десниот центар), а како втора партија се етаблира крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), додека една од најстарите европски партии, социјалистите (СПД) на премиерот Олаф Шолц, претрпи големи загуби и е на трето место.
Според процените, Европската народна партија (ЕПП), која ги обединува партиите од десниот центар, ќе има 184 пратеници, пет повеќе од претходното свикување. Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (Ес енд де) останува втор по сила со 139 пратеници, четири помалку од претходното свикување. Либералите (Обнови) паднаа за дури 20 мандати и треба да имаат 79 наместо досегашните 102.
Така, според привремените резултати, овие три најголеми политички групи ќе имаат 404 претставници, додека во претходното свикување 417, што им овозможува комотна позиција за независен избор на првиот човек на ИК. За тоа им треба апсолутно мнозинство од 361 пратеник.
Но треба да се нагласи дека членовите на ЕП не мора да гласаат дисциплинирано, а некои од нив тоа го прават спротивно на мнозинството во нивните пратенички клубови. Тоа го покажува изборот на Урсула фон дер Лејен во 2019 година, кога таа имаше мнозинство од само девет гласа, иако споменатите три најголеми партии што ја поддржаа за претседател на ЕК имаа убедливо мнозинство од 417 пратеници во парламентот, што тогаш имаше 705 пратеници.

ГОЛЕМ РАСТ НА ДЕСНИЦАТА И КОЛАПС НА ЗЕЛЕНИТЕ

Изборите сепак беа обележани со силен раст на европската десница, иако не толку колку што првично беше предвидено. Имено, за првпат од формирањето на Европската Унија, екстремно десничарските и евроскептичните популистички партии се зајакнаа доволно за да можат да влијаат на идната политика и насока на Европската Унија, што може да ги отежне, па дури и да ги блокира компромисите во неа. Набљудувачите претпоставуваат дека десничарските партии ќе се обидат да го променат основниот консензус: од заеднички решенија до национални интереси.
Според привремените резултати, тврдодесните партии собрани во парламентарниот клуб на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) ќе имаат 73 претставници, што е за три повеќе од претходното свикување по изборите во 2019 година.
Сепак, екстремно десничарскиот парламентарен клуб Идентитет и демократија (ИД) ќе има 58 претставници, што е за девет повеќе од претходното свикување.
Во исто време, зелените забележаа голем пад од речиси 20 претставници – од 71 на 52, додека екстремната левица е на приближно исти позиции, освојувајќи 36 мандати (еден помалку од изборите во 2019 година).
Групата партии што првпат влегуваат во ЕП или за кои сѐ уште не се знае во која група ќе припаѓаат има 52 претставници. Ова ги вклучува претставниците на Алтернатива за Германија (АфД), која неодамна беше исфрлена од екстремно десничарскиот клуб на ИД. Според привремените резултати, ќе има 46 независни претставници, а досега имаше 62.

ШОК ВО ФРАНЦИЈА, И ГЕРМАНИЈА ОДИ ВО ДЕСНО

Најголемиот шок се случи во Франција – една од клучните земји на Европската Унија. Според првите резултати од тамошните анкети, се предвидува чиста победа на десничарската партија Национален фронт предводена од Марин Ле Пен, која според анкетите добива 32 отсто од гласовите, што е речиси за 10 отсто повеќе отколку на изборите во 2019 година. Ова значи дека сега има двојно повеќе гласови од владејачката Партија на ренесансата на претседателот Емануел Макрон, која падна на околу 15 отсто во споредба со 22,4 отсто во 2019 година. Макрон веднаш најави распуштање на Националното собрание, што Марин Ле Пен го поздрави. Загрижениот лидер на француската држава синоќа го кажа следново: „Не можам да се преправам дека ништо не се случило“. Затоа одлучи да распише нови парламентарни избори за крајот на јуни, а вториот круг на 7 јули.
Во политички маневар со висок ризик, помалку од два месеца пред Париз да биде домаќин на Олимпијадата, Макрон рече дека изборите за националното собрание ќе се одржат на 30 јуни, а вториот круг гласање ќе се одржи на 7 јули.
Неговата шокантна одлука може да го остави во речиси немоќна позиција ако Националниот фронт на Ле Пен успее да собере парламентарно мнозинство.
Партиите на владејачката коалиција – социјалдемократите, зелените и либералите – забележаа порази, а СПД на канцеларот Олаф Шолц целосно потфрли, а особено зелените, кои освоија само 12,5 проценти (20,5 проценти во 2019 година) и беа значително надминати од гореспоменатата десница – крилото АфД, кое постигна значителен успех и покрај многубројните скандали во последните недели. Таа партија, која во одредени германски сојузни покраини е дури и под надзор на Службата за заштита на Уставот, освои историски 16 отсто, во споредба со 2019 година, кога доби само 11 отсто од гласовите.

МЕЛОНИ И БРАЌАТА ЈА ОСВОИЈА ИТАЛИЈА

Очекуваната победа во Италија ја оствари актуелната десничарска премиерка Џорџија Мелони со нејзината партија Браќа од Италија. Одзивот на европските избори во Италија беше 49,68 отсто.
На ЕП има 76 претставници од Италија. Меѓу нив водат десничарските партии: владејачките Браќа на Италија со 24 места (14 места повеќе), Лигата со осум места (14 места помалку) и Италија е напред со 7 места. Левичарската Демократска партија освои 25,5 отсто или 22 места (шест места повеќе).
Белгискиот премиер Александар де Кро најави дека ќе поднесе оставка откако неговата партија Отворено ВЛД (Отворени фламански либерали и демократи) беше поразена на националните парламентарни избори. Тој на оваа функција беше од октомври 2020 година.
– Беше особено тешка ноќ за нас и загубивме – рече премиерот и додаде дека од понеделник, 10 јуни, тој ќе биде премиер во заминување. Тој ќе ја извршува функцијата до формирањето нова влада.
Анкетите покажаа дека умерената десничарска Нова фламанска алијанса (НВА) води на изборите со 24 отсто од гласовите. На второ место е „фламанскиот интерес“, двете страни се залагаат за строга контрола на миграцијата и независност на Фландрија.

Х.И.


Салвини: Гласајте против Макрон, гласајте за мир!

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини ги повика граѓаните на земјите од ЕУ да гласаат против „левичарските“ партии на изборите за Европскиот парламент, тврдејќи дека тие на крајот би можеле да предизвикаат нова светска војна.
Салвини ги даде забелешките во саботата додека го даваше својот глас во Милано, притоа започнувајќи нов личен напад на францускиот претседател Емануел Макрон поради неговиот став за украинскиот конфликт. Италијанската влада „е една од ретките што се држи цврсто“ против учеството, тврди тој, додавајќи дека „ако левичарските партии во сојуз со Макрон победат, третата светска војна е зад аголот“.
– Силно барам да се гласа против војната, да се изолираат опасните бомбардери како Макрон. Денес и утре Италијанците можат да ги запрат ветровите на војната – им рече тој на новинарите.


Триумф на Орбан во Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во неделата ја објави победата на владејачката алијанса Фидес – христијанско-демократската народна партија на изборите за Европскиот парламент и на локалните избори во земјата. Според последните податоци, Фидес доби 44,3 отсто од гласовите (11 мандати), а опозициската Тиша – 30 отсто (седум мандати).
– За да ги сумираме резултатите од изборите за Европскиот парламент, можеме да испратиме телеграма до Брисел во која ќе пишува: стоп за миграцијата, полот, војната, Сорос и Брисел – рече Орбан во обраќањето до своите симпатизери во партијата.
Тој нагласи дека Фидес продолжува да постигнува „важни победи“ и на локалните и на изборите за ЕП. Дополнително, гласачите „избраа мир“ затоа што ја поддржаа владејачката партија, која е насочена кон постигнување мир. А одзивот од 57 отсто беше рекордна за државата и покажа дека „демократијата цвета“.