Не случајно граѓаните што се декларираат како Бугари се повикуваат претежно на бројката од последниот попис, која потоа ја споредуваат со онаа од постојните малцинства, обидувајќи се да извлечат некаква аналогија со нив, што би им дало за право да бараат да стекнат статус на официјална „заедница“ во Македонија. По таа логика може и други етнички групи, како Хрватите или Црногорците, да бараат вметнување во Уставот, како што и веќе е случај, така што со ова само би се поставил проблематичен преседан
ЗОШТО ВМЕТНУВАЊЕТО НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ НА РМ Е КРАЈНО ПРОБЛЕМАТИЧНО
Првото прашање е дали граѓаните што се идентификуваат како Бугари во Македонија воопшто исполнуваат услови да бидат впишани во Уставот, во споредба со постојните малцинства. Терминот „малцинство“ тука е користен како што се употребува во меѓународната практика и како посоодветен од „заедница“, кој очигледно е внесен во нормативниот дел од Уставот како буквален превод на зборот „community“ во изворниот текст на рамковниот, и повеќе служи како политички коректен еуфемизам во однос на терминот „малцинство“, додека во преамбулата се наведени како „делови од народ“.
Во отсуство на унифицирана дефиниција за статусот на малцинство според европските и меѓународните конвенции, во поглед на квантитативни и квалитативни критериуми како процент од население, компактност, староседелство и сл., во практика се испоставува дека секоја земја-членка на Советот на Европа самостојно дефинира дали има малцинство и кои услови треба да ги исполнува. Тука, значи, се поставува прашањето што имаат заедничко малцинствата наведени во преамбулата и дали тоа е случај и со граѓаните што се декларираат како Бугари во Македонија.
Како прво, сите малцинства имаат повеќевековно или барем повеќедецениско присуство во компактни средини, во села или маала. Повеќевековно имаат сите, со исклучок на Бошњаците, кои со организирана миграција се доселиле по иселувањето на Турците во 1950-тите години и сега се присутни во населени места претежно во Скопско и во Велешко. Инаку, Србите и Бошњаците не беа внесени во Уставот од 1991 год., туку по уставните амандмани од 2001 г. Основата за оваа одлука е несомнено поврзана и со фактот дека Србите, иако се доселени во Македонија во најголем процент за време на кралска и социјалистичка Југославија, сепак имаат и повеќевековно присуство во селата на Скопска Црна Гора, додека, пак, терминот „Бошњак“ беше усвоен како официјален назив за ова население дури во 1993 год.
Евреите, од друга страна, со векови биле присутни во свои маала, претежно во Скопје, Битола и во Штип, почнувајќи од крајот на XV, по протерувањето на Сефардските Евреи од Иберискиот Полуостров, сѐ до холокаустот. Значи, по директна вина на тогашната бугарска фашистичка власт, бројот на Евреи во Македонија денес е сведен на помалку од сто граѓани, без територијална компактност, за што и официјално до ден-денес избегнуваат да се извинат и покаат бугарските официјални претставници, дури одбивајќи да преземаат каква било одговорност за нивното депортирање. Историјата очигледно не можеме да ја промениме, но можеме да го испочитуваме споменот на нашите загинати сограѓани Евреи, меѓу кои имало и активни учесници во НОБ, со тоа што нема да дозволиме под диктат на директните виновници за нивниот геноцид на овие простори на мала врата да им се додели статус на официјално малцинство на група граѓани, и тоа без да исполнуваат какви било критериуми во однос на постојните наведени во Уставот. Таквото сквернавење на историјата би било повеќе од срамно и се коси со антифашистичката традиција на Македонија. Точно е дека денес Евреите во Македонија имаат статус на верска заедница, со што им следува право на неработен ден за празникот Јом Кипур, но како последица на холокаустот, изгубивме една цела автохтона етничка група, со свој уникатен јазик, ладино, и наша должност, во најмала мера, е да не ја изневериме нивната трагична судбина преку политички компромиси.
Не случајно граѓаните што се декларираат како Бугари се повикуваат претежно на бројката од последниот попис, која потоа ја споредуваат со таа од постојните малцинства, обидувајќи се да извлечат некоја аналогија со нив, што би им дало за право да бараат да стекнат статус на официјална „заедница“ во Македонија. По таа логика, може и други етнички групи, како Хрватите или Црногорците, да бараат вметнување во Уставот, што и веќе е случај, така што со ова само би се поставил проблематичен преседан.
Во поглед на компактноста и староседелството, кај Бугарите очигледно не може да стане збор за вакво нешто. Во Македонија јасно е дека не постојат населени места со компактно бугарско население, кои негуваат какви било бугарски обичаи, ниту сега, ниту во минатото, како на пример пограничните региони во североисточниот дел на земјата, ниту во југоисточниот, кој меѓу завршетокот на Балканските војни и Нејскиот мировен договор од 1919 г. бил дел од тогашна Бугарија. Од друга страна, во Србија постои официјално признаено бугарско малцинство, и за тоа има основа поради етничките Бугари во општините Босилеград и Димитровград, територии што исто така му припаднале на Кралството СХС по Првата светска војна. Очигледно во бројката на декларирани како Бугари во домашните пописи има многу политика и затоа истата таа е двојно зголемена на последниот, во однос на претходниот од 2002 г. Тоа се во најголема мера поединци што различно се декларираат од членови на своите најблиски семејства, така што добар дел од нив слободно може да се сметаат практично за активисти. Симптоматично е што има полова нерамнотежа меѓу попишаните. Инаку, во вкупната бројка на попишани на последниот попис не треба се занемарат и луѓето што се доселени од Бугарија во Македонија заради брак, работа и други лични причини, и тие воопшто не може да се основа за стекнување статус на малцинство.
Како второ, треба да се имаат предвид и опасностите од вметнувањето на Бугарите во Уставот и серијата прашања што би ги отворило тоа. Имено, ова би било своевидно признавање дека Бугарите неправедно биле дискриминирани од државните институции, почнувајќи од највисокиот акт, повеќе од триесет години, што е само по себе неверојатен политички автогол. Нивното официјалното признавање би дало само кредибилитет на тврдењата на бугарската политика дека Бугари, освен во Македонија, има дури и во Албанија, така што сега само би им обезбедиле територијална целина и би ги поткрепиле нивните небулозни тези за карактерот на населението на просторите на географска Македонија во времето на Османлиската Империја, кое по пат на „комунистичка пропаганда“ било претворено во некојси современ народ?! Симптоматично е што Бугарите не претендираат на бугарско население во Грција, што само го отсликува нивното лицемерство во поглед на наводната заштита на „етнички Бугари“ во Македонија и во Албанија.
Од институционален аспект, стекнувањето статус на „заедница“ би значело основа за барања за вработување во државната администрација по квоти, емисија на бугарски на МРТ, право на неработен ден за етнички празник и други права што ги уживаат малцинствата во Македонија, вклучувајќи и гласање според т.н. Бадентеров принцип.
Што се однесува до аргументот за реципрочност, во смисла прифатливо е Бугарите да се вметнат во Уставот ако и Македонците се вметнат во бугарскиот, или барем да им се признаат малцинските права според меѓународни конвенции и да се испочитуваат пресудите на МСЧП во Стразбур, е проблематичен од повеќе аспекти. Имено, независно под кои услови би биле согласни на таков чекор, самиот чин е потврда дека сепак има бугарско малцинство во Македонија, но прашање е само што би добиле за возврат како држава за да го признаеме тој „факт“. Ова барање е апсурдно и затоа што очигледно е асиметрично, со оглед на тоа што во Бугарија има автохтони Македонци, ама не и обратно. Предмет на реципрочност може да се мерки како емитување на националните радија и телевизии во соседната земја, отворање филијали на државните универзитети, гостување на културно-уметнички ансамбли и сл., но не и политичко пазарење со доделување статус на малцинство со уставно загарантирани права на етничка група што реално нема ништо заедничко со постојните официјални малцинства во државата.
Е.П.