Сите овие активности во ЕУ, но и во НАТО, поврзани со одбраната, создаваат впечаток за еден нов, невообичаен, а сепак не толку зачудувачки момент во стратегијата на овие меѓународни организации. Суштината на НАТО-сојузништвото е, пред сѐ, зачувување на мирот во светот, дефинирајќи се како „одбранбен сојуз“. ЕУ, пак, пред сѐ е сојуз за економска и друг вид соработка, врз база на демократски критериуми и владеење на правото. Но се чини дека војната во Украина беше иницијалната каписла за ЕУ да ги промени својата улога и стратегија, па веќе креира буџет за оружје, односно директно финансира набавка на оружје и воена технологија. На повидок ли се силен и видлив отклон на споменатите мултилатерални светски и европски организации од досегашните принципи и воспоставување нов стратегиски курс?
Има ли преседан на меѓународен план,
предизвикан од руско-украинскиот конфликт
Дали станува збор за преседан предизвикан од геополитичките предизвици на тековниот руско-украински конфликт со воен карактер, или за едвај дочекан повод за активирање на веќе постојните и јавно искажани аспирации за поголема воено-одбранбена подготвеност и самостојност на ЕУ?
Досега, и повеќе влијателни земји-членки на Унијата, односно нивните лидери јасно искажале ставови и одлуки за инвестирање на нивните земји во вооружување и модернизирање на сопствените одбранбени капацитети.
Досега теоретски, отсега и практично ЕУ влезе во проект од воен карактер, несвојствен за Унијата
Во контекст на поддршката и помошта што ЕУ ја дава за Украина, за првпат Унијата финансира набавка и испорака на оружје и воена опрема во Украина, за справување и одбрана од нападите, што го потенцираат високи претставници на Унијата.
– Сите овие настани го зголемуваат расудувањето дека навистина е неопходно Европа да се зајакнува, зашто историјата се менува и Европа сѐ повеќе станува сила што сака сопствена одбрана, сопствена стратегиска автономија во областа на енергетиката, но исто така и зајакнување на капацитети за сопствено производство во критични сектори. ЕУ сѐ повеќе се афирмира како голем политички актер во светскиот поредок. Не случајно, тоа се и приоритетите на француското претседателство – изјави амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер, говорејќи во име на француското претседателство со Советот на Европската Унија, за случувањата во руско-украинскиот конфликт.
Очигледно, ескалацијата на воените дејства на Русија во Украина, на ЕУ и земјите-членки им наметнаа предизвик за побрзо да носат одлуки поврзани со нејзината подготвеност за реакција кога станува збор за безбедносните прашања. Германија неодамна најави значително зголемување на воениот буџет и дополнителни инвестиции во Бундесверот.
– Светот влезе во „нова ера“ со руската инвазија на Украина – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на вонредната седница на Бундестагот, свикана во првите денови на почетокот на руската инвазија во Украина. Шолц тогаш најави дека Германија годинава ќе инвестира 100 милијарди евра во армијата и дека отсега ќе инвестира повеќе од два отсто од БДП во одбраната. Исто така порача дека во Европа мора да се произведува нова генерација борбени авиони и дека е неопходно да се надмине зависноста од одредени доставувачи на енергија.
Вооружувањето на Украина и улогата што ја презема ЕУ е своевиден преседан во историјата на Унијата
Сите овие изјави и активности во ЕУ, но и во НАТО, поврзани со одбраната, создаваат впечаток за еден нов, но сепак не толку зачудувачки момент во стратегијата на овие меѓународни организации. Суштината на НАТО-сојузништвото е, пред сѐ, зачувување на мирот во светот, дефинирајќи се како „одбранбен сојуз“. ЕУ, пак, пред сѐ е сојуз за економска и друг вид соработка, врз база на демократски критериуми од владеењето на правото. Но се чини дека војната во Украина беше иницијалната каписла за ЕУ да ги промени својата улога и стратегија, па веќе креира буџет за оружје, односно директно финансира набавка на оружје и воена технологија. Ваквите тенденции не можат да не го предизвикаат прашањето дали воопшто оваа нова стратегија е во согласност со базичните принципи на Европската Унија.
– НАТО не е миротворна туку одбранбена организација. Договорот јасно кажува дека е формирана за одбрана на државите врз принципот и идејата за колективна самоодбрана. Тоа правно е поврзано со членот 51 од Повелбата на ООН, кој предвидува индивидуална или колективна самоодбрана. ЕУ во својата најнова стратегија јасно стави до знаење дека сака да стане геостратегиски играч. На Унијата ѝ е јасно дека само со дипломатија, економија и иновации нема да може да биде сметана за фактор во новата геостратегиска трка. Оттука јакнењето на воените капацитети, кои ќе ѝ дадат можност да употребува сила како инструменти на моќ, независно во која форма е патот што ја води ЕУ кон целта да се факторизира. Оттука последните потези се разбирливи.
Сепак, инертноста на Европејците во однос на безбедноста е евидентна. Така беше со војната против тероризмот, со сјабер-безбедноста и сега со ова. Секогаш постои „драјвер“ што бил пресуден за да се направи „шифт“. Нападите на Лондон, Мадрид, Париз и сл. беа фактор за промена на курсот во војната против тероризмот. Во геостратегиски контекст тоа е Путин. Иако Европа ја преспа еволуцијата на Кина и Путин, сега има понуда да го смени тоа – вели воено-безбедносниот експерт Методи Хаџи Јанев.
Промените во безбедносната стратегија на ЕУ, според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје, од политички аспект треба да се гледаат низ призмата од која произлегуваат три перспективи.
– Реакцијата на земјите-членки на ЕУ во контекст на војната во Украина и подигнувањето на буџетите за одбрана кај дел од нив, пред сѐ Германија, мора да се гледа од неколку перспективи. Прво, овие земји се членки и на НАТО и имаат обврска за трошење на 2 отсто од БДП во одбраната и тоа е она што во овој миг Германија сака да го постигне. Сепак, тоа е своевидна револуција во германската политика. Дополнително, ваквите чекори мора да се гледаат и низ призмата на дискусиите што се водат со години во однос на заедничката европска безбедносна политика, која најмногу ја поддржува Франција како тековен претседавач со Советот на ЕУ. Сепак, вооружувањето на Украина и улогата што ја презема ЕУ е своевиден преседан во историјата на Унијата и е нешто што за првпат се случува во вакви размери. Несомнено е дека и Европската комисија сака да прати порака за своето геополитичко дејствување, меѓутоа сите преземени акции мора ги гледаме низ овие неколку призми: членството во НАТО, дискусиите за автономна безбедносна политика во Европа, но и специфичните одлуки што ги носат земјите-членки, поради своите односи што ги имаат со Русија – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.