Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наративот со застрашувања (понекогаш и закани) за распаѓање и поделба на Македонија, во различни варијации и интерпретации, се чини сѐ уште ја има улогата на „џокер“ кај лидерите на албанските партии во земјава кога сакаат да ѝ го привлечат вниманието на политичката јавност и да издејствуваат нови политички придобивки. Политичкото кокетирање со потсетување за затегнување на меѓуетничките односи на лидерите на албанските партии во Македонија и понатаму како да останува адут во нивното политичко дејствување, дури и при истакнување на нивната (по)голема заинтересираност и ангажираност за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија

И албанската партија ДПА и нејзиниот лидер влегуваат во отровното бугарско сценарио

Во рамките на обидите на Бугарија македонско-бугарскиот спор да се претстави пред ЕУ како безбедносен ризик, се чини се вградува и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Неодамна, на седница на Централното собрание на ДПА, веројатно поттикнат од бугарските безбедносни фантазмагории за Македонија, тој ги нагласил заложбите дека неговата партија „ќе се обиде да направи сѐ, за да ги убеди сите политички чинители за евроатлантскиот пат на Македонија и да го спречи распаѓањето на државата“!?
– Ако Македонија не добие датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија, ќе се доведе во опасност да се распадне! Не и Албанија. Верувам во следниот шестмесечниот период. Сега немаме владина криза, но сите ќе искористат, ако го постигнеме овој приоритет – кажал Тачи на состанокот на својата партија.
Наративот со застрашувања (понекогаш и закани) за распаѓање и поделба на Македонија, во различни варијации и интерпретации, се чини сѐ уште ја има улогата на „џокер“ кај лидерите на албанските партии во земјава кога сакаат да ѝ го привлечат вниманието на политичката јавност и да издејствуваат нови политички придобивки.
Политичкото кокетирање со потсетување за затегнување на меѓуетничките односи на лидерите на албанските партии во Македонија и понатаму како да останува адут во нивното политичко дејствување, дури и при истакнување на нивната (по)голема заинтересираност и ангажираност за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Во своето годишно обраќање пред Собранието, а подоцна и во медиумско интервју, претседателот Пендаровски потенцира дека не постојат безбедносни ризици во Македонија дури и ако потрае блокадата на Бугарија за нашите преговори со Унијата.

Во тој контекст, освен што реферираше на сојузништвото во НАТО на Македонија со Бугарија и Албанија, тој потсети и на ситуацијата со блокадата во Букурешт од 2008 година, за влез во Алијансата. Пендароски илустрираше со примерот кога пратеник од албанскиот блок тогаш во Собранието изјавил дека Албанците од Македонија сами ќе влезат во НАТО, но не бил сериозно сфатен од другите пратеници.
– Загриженоста во обланда на предупредувачка можност, а всушност скриена закана за распаѓањето на Македонија, од политички ликови што ја изгубиле својата релевантност, може само да се толкува како обид за враќање на политичката сцена со бомбастични изјави. Пред сите наши анализи и аргументи за незагрозеност од безбедносни ризици, што би произлегле од долготрајното бугарско вето, најверодостоен аргумент е дека прво ЕУ нема да дозволи Македонија да се распадне како држава. Можеби нема уште долго да не прими во свое друштво, можеби ќе бара редефинирање на внатрешните односи, но на ЕУ не ѝ е во никаков интерес Македонија да се распадне како државен субјект – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.