Какви мерки планираат Полска, Германија, Велика Британија, Чешка и Грција за да се справат со енергетската криза во пресрет на зимата

Што преземаат другите Европски држави во пресрет на зимата

Европските земји се во трка со времето за да го пресретнат евентуалниот недостиг од електрична енергија оваа зима. Секоја земја гради сопствена стратегија, при што првиот чекор е рационализирање на снабдувањето на одредени сегменти за да се обезбеди задоволување на суштинската побарувачка.

ЕУ побара „кратење“ од 15 проценти

Уште во јули, Европската Унија побара од своите земји-членки доброволно да ја намалат побарувачката на гас за 15 проценти оваа зима, со можното воведување задолжителни кратења. Неколку европски влади веќе презедоа мерки за намалување на потрошувачката, како што се нивоата на климатизација и греење во јавните и комерцијалните згради. Владите, исто така, најавија мерки како што се субвенции, отстранување на еколошките давачки или ДДВ од сметките и ограничувањата на цените.
Домаќинствата сочинуваат 30-40 проценти од побарувачката на гас во Европа. Околу 80 отсто од побарувачката на гас за домаќинствата е за греење, додека остатокот е за топла вода и готвење. Обично побарувачката е поголема во зимската сезона, која трае од октомври до март. Според аналитичарите, одредени мерки на домаќинствата би можеле да ја намалат побарувачката на гас за домаќинствата за една третина. Намалувањето на термостатот за еден степен на 19 од 20 Целзиусови степени може да ја намали побарувачката на гас за домаќинствата за околу седум отсто. Намалувањето на температурата за уште еден степен може да ја намали побарувачката на гас за домаќинствата за дополнителни седум проценти. Носењето дебела облека дома во текот на зимската сезона може да донесе уште четири отсто заштеда на побарувачката на домаќинствата. Одложување на греењето за ноември наместо од октомври и прекин на греењето во февруари наместо во март може да заштеди од три до шест проценти. Исклучувањето на радијаторите во просториите што не се користат и туширањето наместо лежењето во када можат да заштедат дополнителни седум проценти струја.

Полска

Полската влада ги усвои предлозите на два закона со кои, по субвенциите за јаглен, се воведуваат субвенции за греење од други извори за домаќинствата, училиштата и болниците, со што поскапувањето на парното греење оваа сезона ќе биде сведено на максимум 40 отсто.
– Покрај додатокот за јаглен, воведуваме дополнителни можности за финансирање од други извори. Го прошируваме арсеналот на инструменти за да можат да ги користат сите граѓани. Помошта вклучува и таканаречени чувствителни објекти, како болници и училишта. Централното греење мора да биде поевтино и за нив – рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки, на прес-конференција по владината седница.
Моравјецки рече дека вториот нацрт-закон пресметува дека локалните самоуправи ќе добијат 2,9 милијарди евра, кои ќе можат да ги искористат за да им помогнат на домаќинствата да им поевтини греењето.
Министерката за животна средина Ана Москва објасни дека парното за домаќинствата, училиштата и болниците ќе поскапи за 40 отсто, а државата ќе им надомести преку нови прописи, доколку законите поминат во парламентот.
„Во просек домаќинствата ќе имаат пониска сметка од 200 до 800 евра за целата грејна сезона. Тоа важи и за топлата вода. Доколку парламентот ги усвои законите, претседателот може да ги потпише во октомври и тогаш автоматски би започнала исплатата“, рече министерката Москва.

Германија

Германија премина во втората фаза од тристепениот план за итен гас. Третата фаза предвидува намалување на понудата за индустријата. Исто така, ќе воведе и давачка за гас за распределба на високите трошоци за замена на рускиот гас меѓу сите крајни потрошувачи од октомври, но тоа би можело да доведе до зголемување на германските сметки за енергија за уште 480 евра годишно.
Жителите на Германија може да останат без струја по исклучувањето на последните три нуклеарни централи на крајот на годината, објави неодамна германскиот весник „Шпигел“.
– Секој што ќе продолжи со работа на нуклеарните централи во Германија од 1 јануари 2023 година ќе биде кривично гонет. Во согласност со сегашната правна состојба, на последните три германски нуклеарни централи на првиот ден од новата година им истекува таканаречената „енергетска лиценца за работа“. Единаесет години по Фукушима, реакторските единици Некарвестајм-2, Емсланд и Изар-2 мора конечно да се исклучат од електричната мрежа; не е важно што секој од нив може да произведе околу единаесет милијарди киловат-часа електрична енергија годишно – истакнува овој германски магазин.

Велика Британија

Велика Британија прави планови за организирано исклучување на електричната енергија за индустријата и домаќинствата во текот на зимата, објави неодамна Блумберг, цитирајќи луѓе запознаени со плановите на Владата.
Сметките за енергија, во Велика Британија, ќе скокнат на повеќе од 4.200 фунти (5.089 долари) годишно во јануари, или за 230 отсто повеќе во однос на минатата година.
Врз основа на најновите големопродажни цени на енергијата, се очекува ограничувањето на цената за најкористените договори за домаќинствата да се зголеми за 82 отсто во октомври, со што просечните годишни сметки за домаќинствата, и за гас и за електрична енергија, ќе достигнат околу 3.582 фунти, велат аналитичарите.

Чешка

Премиерот на Чешка, Петр Фијала, вети дека поради поскапувањето на енергентите ќе ги обесштети граѓаните преку станбен додаток, односно сите оние чии комуналии надминуваат 30 отсто од приходите, а во Прага кога ќе надминат 35 отсто од приходите.
– Владата нема да дозволи никој да пропадне. Граѓаните ќе плаќаат најмногу 30 отсто од приходите за домување, во Прага 35 отсто, вклучувајќи ги сите плаќања за енергија. Сите трошоци над 30 отсто од приходот државата е подготвена да ги плати – рече Фијала.
Додатокот за домување во Чешка досега беше еден вид социјална помош за најсиромашните семејства, а премиерот Фијала, со сегашната состојба, апелираше до граѓаните да не се срамат да го бараат, дури и оние што досега немаа право на овој додаток, па сега, со годинашното зголемување на трошоците за енергија истиот тој им е неопходен.


Грција со субвенции од 1,9 милијарда евра за домаќинствата и бизнисите

Грчката влада планира субвенција од 1,9 милијарда евра за да им помогне на домаќинствата и бизнисите да се справат со поскапувањето на струјата во септември, најави министерот за животна средина и енергетика Костас Скрекас.
– Имаме зима полна со предизвици и тешкотии поврзани со соодветно снабдување и цени на енергијата – рече Скрекас, притоа појаснувајќи дека цената на струјата расте поради руската инвазија врз Украина.
Според него, со субвенцијата ќе бидат опфатени речиси шест милиони домаќинства, без разлика на висината на приходите или дали се снабдува со енергија за куќи или станови.
– Субвенцијата ќе апсорбира 94 отсто од зголемувањето на сметките за струја во домаќинствата, 89 отсто од поскапувањето за малите и средните претпријатија и 90 отсто од зголемувањето за земјоделците – рече Скрекас.