Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од исклучителна важност е во време кога постојните енергетски капацитети во земјава се пред крајот на нивниот животен век државата да се погрижи самата да обезбеди капацитети што ќе овозможат стабилно снабдување со енергија, како за граѓаните така и за стопанството. Така ќе го заштитат граѓанскиот стандард, но и ќе ја спасат економијата од скапи енергенти што ќе продуцираат неконкурентност на македонските производи

Експертската фела со јасна порака до државата самата да ги гради новите енергетски капацитети

Во време на глобални превирања во светот, енергетската самостојност на една земја е прашање на нејзиниот суверенитет и опстанок, така што со какво било загрозување на самостојноста во делот на енергетиката се доведува во прашање и државниот суверенитет.
Со други зборови, ако Македонија се одрече од сопствената енергетска независност, тоа на некој начин би било еднакво на национално самоубиство бидејќи државата ќе се доведе во ситуација да биде зависна и подредена кон други центри, кои ќе ги диктираат условите не само во енергетскиот сектор туку и во многу други области, со што би се нанел директен удар врз државниот суверенитет.
Од тие причини, исклучително е важно сега, во време кога постојните енергетски капацитети во земјава се пред крајот на нивниот животен век, државата да се погрижи самата да обезбеди капацитети што ќе овозможат стабилно снабдување со енергија, како за граѓаните така и за стопанството. Така ќе го заштитат граѓанскиот стандард, но и ќе ја спасат економијата од скапи енергенти што ќе продуцираат неконкурентност на македонските производи.

Државата може и мора сама да инвестира во енергетски капацитети

Поводот за ваквите реакции се неодамнешните случувања поврзани околу условите во тендерот за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, за потоа да бидат ставени под лупа и три нови стратегиски инвестиции во енергетскиот сектор од странски компании, повторно под услови што можат да влијаат врз енергетската сувереност на земјата.
– Македонија мора со државни средства итно да почне со изградба на големи електроенергетски објекти што ќе обезбедат електрична енергија со најниска цена за потребите на граѓаните на Македонија. Предлог-законот за „Митилинеос“ како стратегиски инвеститор ќе предизвика штета за државата од најмалку една милијарда евра, пред сѐ преку обврската Македонија да ја купи електричната енергија од „Митилинеос“ по цени повисоки од берзанските, во просек од 15 до 30 отсто. Апелирам до пратениците да не го изгласуваат овој предлог-закон затоа што тој ќе предизвика најголема финансиска штета за Македонија во нејзината историја – вели Атанаско Тунески, универзитетски професор.
Ист став споделува и инженерот во областа на енергетиката, Дениз Мустафаоглу, според кого, државата мора да инвестира во сите можни енергетски капацитети.
– Одговорните за енергетиката во Македонија не смеат повеќе да размислуваат четиригодишно од избори до избори, туку да размислуваат да создаваат предуслови за генерациите што доаѓаат и да инвестираат во сите можни државни капацитети за производство на базна и електрична енергија за балансирање. Гасни централи, комбинирани гасни централи, хидроцентрали, реверзибилни хидроцентрали, термоцентрали не се технологии што не ги познаваме. Знаењата за изградба на вакви капацитети ги имаме, а тоа што го немаме многу бргу можеме да го совладаме и да го научиме – посочува Мустафаоглу.
Според него, решение кон кое прибегнуваат европските држави е изградбата на мали модуларни нуклеарни централи.

Струјата од домашните капацитети е поевтина

Според професорот Константин Димитров, државата, за да биде суверена, мора да обезбеди сопствено производство на потребното количество електрична енергија.
– Постои огромна разлика меѓу сопствено производство на енергија и купување енергија од странство или од приватни производители на тлото на Македонија. Зависни сме од продавачите и има голема можност за уцена, финансиска или политичка. При критични состојби, меѓународните договори не се почитуваат. Сопствените потреби секогаш се приоритет. Постои значителна разлика и во цената на енергијата. При домашно производство, цената е пониска и се штити стандардот на жителите и му се овозможува на стопанството да биде конкурентно способно. Приватниот инвеститор инвестира за сопствен профит – истакнува Димитров, притоа додавајќи дека ние самите можеме и мораме да ги градиме новите енергетски постројки.
Ставот на дипломираниот инженер Илија Бендевски е дека сите влади во минатото потфрлиле во врска со изградбата на нови енергетски капацитети и дека може да се направи санирање на состојбите со изградба на гасни централи.
– Најбрзо санирање на нашата енергетска стабилност е изградбата на две гасни електроцентрали од по 200MW во ТЕЦ „Неготино“, кои во комбинација со постојната централа би давале 600MW, онолку колку што моментално треба да даваат трите блока во РЕК „Битола“. А потребните пари по светски стандардни цени би биле 320 милиони евра. Со секое одложување за крпење на состојбата ќе потрошиме многу повеќе од овие 320 милиони – вели Бендевски.
Според него, решение за напливот на фотоволтаични електроцентрали и потребата за балансирање и регулирање на примарната и секундарната фреквенцијата, неопходна е брза градба на мали реверзибилни акумулации (од по околу два милиони кубни метра) со голема висинска разлика (со што би биле способни да акумулираат голема енергија).
– Поради малите акумулации тие ќе се изградат со евтини брани, а бенефицијата ќе биде огромна. Тие би служеле како батерии за складирање на енергијата од фотоволтаиците и потоа брзо нивно вклучување според потребите за балансирање на системот и регулирање на примарната и секундарната фреквенцијата – појаснува Бендевски.

Не ни е потребно енергетско ропство

Менаџерот Владимир Пандовски, со цел зајакнување на базниот електроенергетски сектор за производство на електрична енергија, предлага веднаш да се пристапи кон носење закон за изградба на четири гаснокогенеративни централи во градовите: Битола, Неготино, Тетово и Скопје, како еден државен стратегиски проект од највисока важност под капата на ЕСМ, а како инвеститор да се јави државата Македонија.
– Овој национален стратегиски проект треба да биде замислен како обединувачки на сите граѓани во Македонија, а по изградбата, овие четири објекти да ги стопанисува ЕСМ, со цел да покажеме дека денес и можеме и знаеме и сакаме да реализираме проекти за изградба на енергетски објекти, за кои имаме одлични примери во изминатите седумдесетина години преку изградба на голем број наши хидро и термоцентрали – посочува Пандовски.
Кон иницијативата за одбрана на енергетскиот суверенитет се приклучи и новинарот Христо Ивановски, кој смета дека штетниот проект со „Митилинеос“ мора да се спречи за да не мора државата подоцна да плаќа милиони евра пенали.
– Овој опасен проект мора да се спречи, зашто ќе повлече нога за уште посериозни авантури од ваков тип. Наместо зелена енергија, ќе добиеме мрачно енергетско ропство без да имаме право на збор, оти секоја наша грешка ќе се наплаќа со милионски евра казна на Арбитражниот суд во Париз – подвлекува Ивановски.