Во јавноста се отвори полемика за очекувањата од посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и што всушност е вистинската причина токму во овој период да ја посети Македонија. Интересно прашање отвораат нашите соговорници, кога во контекст на посетата ја ставаат солидарноста на Унијата во актуелната криза. Имено, дали за возврат на политичките отстапки од наша страна, од Фон дер Лејен би ни била ветена економско-енергетска помош од ЕУ? Или уште една помалку оптимистичка дилема: дали можеби ќе бидат побарани нови политички отстапки од Македонија за економскиот пакет на ЕУ за презимување?!
Во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен
Како специјален адут на македонската влада, по сите посети низ регионот и подалеку, во контекст на поширокиот зафат за обезбедување енергенти за претстојната зима, министерот за економија Крешник Бектеши ја најави посетата на Македонија од Урсула фoн дер Лејен, претседателката на Европската комисија, во текот на наредната недела.
– Претседателката Фон дер Лејен наредната недела доаѓа во земјава и можеби ќе објави што ќе следува како помош од Европската комисија за нас. Генерално, јас очекувам ЕК и ЕУ да дадат поголема поддршка за нас, затоа што сме направиле поголеми отстапки, сѐ со цел да покажеме дека сме дел од ЕУ. Сѐ што се носи од ЕК како санкции и како одлуки, ние веднаш го применуваме во нашата држава. Една мала земја како нашата очекува некаква поддршка затоа што имаме поголеми ризици – рече министерот Бектеши на едно телевизиско гостување.
Пакет енергенти како надомест за досегашните македонски отстапки или барања за нови
Претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, последен пат беше во земјава на 14 јули годинава, пред прифаќањето на француската преговарачка предлог-рамка за Македонија со ЕУ. Во обраќањето пред пратениците во Собранието, претседателката на Европската комисија истакна дека со европскиот предлог не се загрозуваат македонскиот идентитет, историја, јазик и култура. Малку подоцна, по таквата изјава во Скопје, за незагрозеност на македонскиот јазик, од нејзината служба во Брисел имаше ретерирање со некакви деманти дека станува збор за „јазикот на луѓето во С. Македонија“. Имајќи ги предвид политичката недоследност и „неусогласеност“ на претседателката на ЕК со нејзината служба во тој критичен миг за македонските евроинтеграции, аргументите за надеж на министерот Бектеши дека “очекувам ЕК и ЕУ да дадат поголема поддршка за нас, затоа што сме направиле поголеми отстапки, сѐ со цел да покажеме дека сме дел од ЕУ“, не изгледаат како да имаат цврста основа. Освен тоа, очекувањата за возврат на политичките отстапки да добиеме економско-енергетска помош од ЕУ, во голема мера ја проблематизираат принципиелната демократска поставеност на релацијата ЕУ – земја-кандидатка и имплицираат сомничави прашања – дали можеби ќе бидат побарани нови политички отстапки од Македонија за економскиот пакет на ЕУ за презимување.
– Македонската влада во своето функционирање како премногу да се потпира на онаа досетка „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, па пречесто ја поврзува ЕУ со прашања што не се во нејзина ингеренција. Тоа, секако, не придонесува за рехабилитација на рејтингот на Унијата во Македонија, кој е во опаѓање. Но за внатрешната функционалност на државата, економска и политичка, пред сѐ е одговорна Владата, која треба сама да се погрижи, во случајот за енергетските предизвици. Но штом доаѓа претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, треба да почекаме каква понуда ќе донесе, иако нејзината функција е првенствено политичка. Треба да видиме дали ќе донесе некоја конкретна понуда, иако и на ниво на ЕУ состојбите со енергетиката и енергентите се особено хаотични – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Сѐ уште недоумици за суштината на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен
Што се однесува до прашањето за нашето доследно „спроведување на одлуките и санкциите на ЕУ во однос на руско-украинскиот конфликт“, аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека таа политика е конзистентна и како земја-членка на НАТО немаме голем маневарски простор по тоа прашање. Но поради таквата конзистентност по тоа прашање во нашата надворешна политика, не треба да се запостават другите аспекти за одржување самостојна функционалност на државата и да се очекува само ЕУ да се грижи за економските прашања на Македонија. Во овој момент, повеќе од очигледно е дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен не ја прави посетата заради тоа прашање. Аналитичарите сметаат дека, сепак, станува збор за разговори за „размена“ на некој економско-политички пакет.
Поранешниот министер за финансии, од почетокот на независноста на Македонија, Џевдет Хајредини цени дека економските министри во македонската влада влегуваат во сопствена контрадикција најавувајќи решенија за енергетските состојби.
– Министерот за економија еднаш изјавува дека сме способни сами да си обезбедиме енергија за нашите потреби, па потоа оди низ регионот да бара енергенти. Притоа никоја од соседните земји не дојде во Македонија да бара било енергенти, било храна. Друг владин функционер кажува дека најдобро сме реагирале од земјите во регионот на економската криза и инфлацијата. Реалноста пак, за жал, е таква што Македонија веројатно е единствената земја во регионот што се доведе до недостиг од храна и енергенти. Ваквото прикажување на состојбите е штетно и за рејтингот на Владата, но и за конкретно справување со предизвиците. Најверојатно енергетската криза ќе се решава со нови заеми, што можеби и не би било толку страшно ако со тој долг имаме зголемување на БДП. Но овој заем е само за одржување на досегашното ниво на БДП. Тоа што доаѓа претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен во Скопје, нема да има штета. Но да не се надеваме премногу на неа, односно на ЕУ, дека целосно ќе ја преземе грижата за нашите економско-енергетски предизвици. Мислам дека Фон дер Лејен сепак доаѓа за нешто друго во Македонија – вели Џевдет Хајредини.
Во тек консултации за гасно поврзување со Бугарија
Повикувајќи се на достапни информации на бугарскиот оператор со гас, македонските медиуми најавуваат дека операторите на македонскиот и бугарскиот гасовод ГА-МА и Булгартрансгаз, кои се во стоотстотна државна сопственост, постигнале нацрт-договор за меѓусистемско поврзување. Оваа информација всушност на својата веб-страница ја објави Булгартрансгаз, притоа објавувајќи го и решението, кое би требало да се потпише околу 1 ноември.
Објавено е дека од 18 до 28 октомври трае јавната консултација за бизнис-правилата од проектот за меѓусистемско поврзување на точката Ќустендил (Бугарија) – Жидилово (Македонија). На јавна дискусија двата оператора ќе ги презентираат правилата за процедурите за дистрибуција на количествата гас, како и други релевантни одредби што се однесуваат на корисниците на мрежата.
Според експертите од енергетската област, ова се прави за да се заобиколат условите што ги наметнува „Газпром“ и Македонија да добие стабилно снабдување на природен гас преку Бугарија за време на енергетската криза. Сѐ уште неофицијално, но на седница на Владата била донесена одлука ГА-МА да го потпише договорот и со тоа да се либерализира пазарот и да се усогласи преносот на новите количества по директивите од ЕУ. Во блиска иднина секој што сака ќе може да внесува поевтин, поквалитетен и посигурен природен гас, а единствен услов ќе биде да има лиценца и закуп на прекуграничен капацитет.
Засега, Владата нема сигурна алтернатива за набавка на гас за затоплување на домовите преку централно парно греење, освен набавка на природен гас од руската државна компанија „Газпром“ преку гасоводот што доаѓа од Бугарија до Куманово.
Со помош од Европската Унија и САД, со бугарските власти се прават максимални напори за да се зголеми капацитетот за транспорт на природен гас преку единствениот интерконективен гасовод меѓу Македонија и Бугарија, со што би се обезбедила можност преку овој гасовод да се транспортираат дополнителни 150 милиони нормални кубни метри гас надвор од она што го нуди руски „Газпром“, брифираа претходно извори од Владата.