На 22 април се навршуваат 109 години од смртта на великиот македонски водач Јане Сандански, познат и како Пиринскиот Цар. Сандански во колективната меморија на македонскиот народ останува запаметен како еден од најголемите поборници за македонската државност, како и еден од најголемите заштитници на македонската национална самобитност. Поради своите идеолошки погледи, убиен е на 22 април 1915 година, а неговиот гроб се наоѓа до Роженскиот манастир во Бугарија. Секоја година на неговиот гроб се одржува традиционално семакедонско чествување. Остануваат запаметени неговите зборови: „Да живееш значи да се бориш: робот за слободата, а слободниот – за совршенството“
Во пресрет на семакедонскиот собор во чест на македонскиот великан Јане Сандански
Организациите, друштвата и здруженијата на Македонците во Република Бугарија испратија покана до сите Македонци и пријатели на Македонија, до сите почитувачи на делото на Јане Сандански и љубители на македонската култура за посета на семакедонскиот собор во чест на Јане Сандански, кој ќе се одржи на 21 април 2024 година во Мелник, пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија. Програмата предвидува положување цвеќе на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир, во 10 часот.
– Официјалниот дел од соборот ќе започне во Мелник, кај споменикот на војводата, во 11 часот (по бугарско време). Свеченоста со своето учество ќе ја збогати писателот, автор, новинар, собирач на фолклорни записи, внукот на Јане Сандански – Борис Сандански Ќе бидат поставени венци и цвеќиња на споменикот, ќе биде прочитан говор во чест на Јане Сандански, ќе има богата културна програма со македонски песни и ора. Повелете, ве очекуваме – се наведува во поканата на Македонците од Република Бугарија.
Организатори на настанот се ОМО „Илинден“-Пирин, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО „Илинден“, „Антички Македонци“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основни човекови права, Македонскиот дискусиски клуб за етничка толерантност и правозаштитениот комитет Толерантност.
Македонците во Република Бугарија
Според државната статистика на Република Бугарија, на пописот во 2011 година како Македонци се изјасниле 1.654 жители на Бугарија (0,02 отсто), а на пописот во 2001 година имало 5.071 Македонец. Според Красимир Канев, претседател на Бугарскиот хелсиншки комитет, во 1998 година нивниот број бил неколкупати поголем. Во извештајот, Канев наведува бројка од 15.000-25.000 етнички Македонци во Република Бугарија. Невозможно е да се каже колкав е точниот број, но многумина се согласуваат дека бројката е голема. Исто така се претпоставува дека повеќе од милион бугарски граѓани имаат македонско потекло, во оваа бројка се Македонците што живеат во пиринскиот крај, како и потомците на македонската емиграција и македонските бегалци.
Во 1947 година националните права на Македонците беа признаени од страна од бугарската држава, а беа преземени и повеќе активности во правец на зајакнување на македонскиот јазик и култура. Меѓутоа, од 1958 година започнува ретрограден процес и денес Македонците не се признаени како малцинство, немаат право на школување на мајчиниот македонски јазик, а Бугарија како држава не дозволува регистрација на македонски организации, здруженија и партии.
Од вкупно 16 добиени пресуди за прекршување на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден“-Пирин. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа ниту последователните десет добиени пресуди, Република Бугарија не ги спроведе до денес. Ниту преостанатите пет што ги добиле Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија и други подносители на тужби за прекршување на човекови права од страна на бугарските власти не се спроведуваат. Д.Ст.
Јане Сандански – најфанатичниот приврзаник на изворната македонска идеологија
На 22 април 1915 година кај месноста Блатата, на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп, во пиринскиот крај на Македонија, во заседа беше убиен Јане Сандански, еден од највеликите македонски херои. Како директен извршител на убиството се посочува Андон Качарков, а како организатор Стојан Филипов, блиски луѓе до Тодор Александров. Во тогашните општествени и политички кругови се ширеле гласини дека убиството е резултат на борбите за превласт во македонското револуционерно движење. Оваа констатација е само делумно точна и всушност убиството на Сандански е резултат на неговите македонски идеолошки ставови и принципи. Христо Константинов во своето дело „Старикот“, посветено на ликот и делото на Сандански, вели дека „историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода… историја на македонската борба по Гоце, на чии разбирања тој се јави како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник.“ Според истиот автор, Сандански не бил основоположник на главните идеолошки и политички линии на македонското движење – запазување на внатрешниот карактер на борбата, самостојност, државна обособеност на Македонија, демократски развој на Балканот, балканска федерација и борба против завојувачката политика на Балканот, но Сандански се пројавил како најфанатичен приврзаник на оваа идеологија. Д.Ст.