Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ и Германската фудбалска федерација (ДФБ) ја прекинаа продажбата на новиот национален дрес со бројот 44 по критиките дека личи на логото на нацистичката организација Шуцштафел (СС).
– Ќе престанеме да ги персонализираме дресовите во нашите онлајн продавници – објави во понеделникот портпаролот на „Адидас“, Оливер Бриген.
До понеделникот попладне веќе не можеше да се персонализираат дресовите со лични имиња и броеви. ДФБ, пак, ја прекина испораката на дресовите со бројот 44 што беа веќе нарачани во онлајн продавницата.
Корисниците на социјалните мрежи неодамна забележаа дека бројот 44 на новодизајнираниот дрес, претставен минатиот месец, личи на логото на Шуцштафел (СС), паравоена организација контролирана од нацистите и Адолф Хитлер.
„Адидас“ беше критикуван за тоа, но Бриген тврди дека ДФП и неговиот партнер „11 тимспортс“ биле задолжени за дизајнирање на имињата и броевите. Запрено е и нарачувањето дресови со презимиња поврзани со националсоцијализмот.
– Луѓе од повеќе од сто нации работат во „Адидас“, нашата компанија промовира различност и вклученост, а како компанија се спротивставуваме на ксенофобијата, антисемитизмот, насилството и омразата во која било форма – рече Бриген.
Портпаролот заклучи дека секој обид да се промовираат поделени или маргинализирачки ставови не е дел од вредностите на брендот.