Клучното прашање е зошто само Македонија се доведува во ситуации едноставно да мора секоја поважна одлука да ја носи под притисок, постојано врз неа да се спроведуваат некакви експерименти за да се види дали нешто функционира или не, наместо важните одлуки секогаш да се производ на интересот на целото општество. Повеќе од јасно е дека брзоплетите одлуки никогаш не се добри, бидејќи не се отстранети сите недостатоци од нив, а кога нешто не е добро осмислено и е направено набрзина, тогаш последиците подоцна ќе ги чувствуваат сите македонски граѓани, без оглед на нивната повеќеслојност
Сите клучни одлуки важни за иднината на Македонија се носат под некаква пресија
Секоја држава клучните одлуки важни за нејзината иднина ги носи низ еден поширок консензуален процес, во кој треба да се најде најдоброто решение што ќе биде изнедрено низ отворена стручна дебата, за да може подоцна таквото решение вистински да заживее и да ги даде најдобрите резултати, наместо да се носат одлуки брзоплето и под притисок, што на крајот резултира со фалични решенија, кои само ги уназадуваат процесите во земјата.
За жал, Македонија постојано е принудена клучните одлуки за својата иднина да ги донесува под притисок, било да станува збор за внатрешен или за притисок од надворешен фактор.
Постојаниот притисок како алатка
Така беше во времето кога земјава требаше да стане членка на Обединетите нации, кога под надворешен притисок мораше да прифати привремена референца, без оглед што тоа е спротивно на меѓународното право, како и на основните начела на ОН за слободно право на самоидентификација и избор на името на државата. Ваквото фалично решение две децении предизвикуваше проблеми на меѓународен план по повеќе основи, за кои мораше да се наоѓаат ад хок решенија на самото место, повторно на штета на државата.
За време на конфликтот во 2001 година земјава одново мораше под притисок да го потпишува Охридскиот рамковен договор за да спречи поголема ескалација на судирите, но наместо истиот тој договор да ја трансформира државата и да ја насочи кон поголема општествена кохезија, всушност предизвика девалвација на вредносниот систем во институциите, кои се претворија во бироа за вработување по етнички клуч, без никакво почитување на мерит-системот. Тоа донесе целосно нефункционални институции, во кои граѓаните немаат ниту малку доверба, згора на тоа, повеќе и не ги чувствуваат како свој сервис, туку како сервис на партиите.
Меѓународниот притисок врз земјава беше исклучително силен и во времето кога се кроеше територијалната поделба, при што повторно произлезе фелерично решение, од кое денес повторно не се задоволни граѓаните, кои живеат во територијални целини што не соодветствуваат со состојбите на терен. Ваквите состојби се рефлектираат на изборите бидејќи гласот на граѓаните во една изборна единица, во согласност со сегашниот изборен модел, нема иста тежина со оној на граѓаните што се од друга изборна единица. Попрецизно кажано, ако во една изборна единица за избор на пратеник се потребни 7.000 гласа, во друга пратеничкото место тежи 15.000 гласа.
Под исклучително силен притисок однадвор беше и формирањето на Владата во 2017 година, кога беше напуштен мајскиот договор и кога наместо владата да биде формирана врз принципот победник со победник, како што беше некаква практика, се формираше влада меѓу поразениот во македонскиот блок и победникот во албанскиот блок. Тоа резултираше со длабока поделба во општеството бидејќи беше игнорирана волјата на мнозинството македонски граѓани што не дадоа легитимитет за таквата влада, уште помалку за одлуките што таа подоцна ги донесе спротивно на нивната волја.
Под меѓународен притисок земјава беше принудена да преговара за името на државата, за на крајот во 2018 година да ја потпише Преспанската спогодба со која се промени уставното име, што, од друга страна, повлече последици кои, една по една, македонските граѓани почнуваат сѐ повеќе да ги чувствуваат. Последен пример за последиците од избрзаното потпишување на спогодбата во Нивици е хаосот со личните документи, произлезен директно од фиксните датуми ставени во договорот, иако услов за прифаќање на договорот беше земјава да ги почне преговорите со ЕУ. Тоа не се случи, а обврските и роковите во спогодбата останаа како обврска, но само за македонската страна.
Притисокот е многу блиску до ултиматум или уцена
Сега повторно земјава се соочува со нов притисок, како внатрешен, така и надворешен, да ги направи уставните измени ако сака да продолжи по европскиот пат. За таа цел, сите партии од албанскиот политички кампус излегоа со заеднички став дека нема да прават постизборна коалиција со партија од македонскиот блок што ќе биде против уставните измени. Несомнено, кој и да биде победник на следните парламентарни избори, уште сега се соочува со ултиматум и се доведува во невозможна ситуација, да мора да прифаќа нешто за што не се согласуваат мнозинството македонски граѓани, кои бараат прашањата со Бугарија да се решаваат низ една поширока дебата за да не се најде земјата повторно во позиција да произведе фелерично решение, кое во годините подоцна повторно ќе продуцира проблеми.
Клучното прашање е зошто само Македонија се доведува во ситуации едноставно да мора секоја поважна одлука да ја носи под притисок, постојано врз неа да се спроведуваат некакви експерименти за да се види дали нешто функционира или не, наместо важните одлуки секогаш да се производ на внатрешен консензус на целото општество, кое мирно и со студена глава ќе одлучува што е најдобро за земјата и за националните интереси. Повеќе од јасно е дека брзоплетите одлуки никогаш не се добри, бидејќи не се отстранети сите недостатоци од нив, а кога нешто не е добро осмислено и е направено набрзина, тогаш последиците подоцна ќе ги чувствуваат сите македонски граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов се согласува дека ниту една клучна одлука државата не смее да носи под притисок, но вината за тоа што земјава константно се наоѓа под притисок ја гледа кај домашните политичари, кои не покажаа лидерство во клучните моменти.
– На почетокот кога се создаде нашата држава имавме еден светол момент кога малку заживеаја и плурализмот и демократијата, меѓутоа тоа набрзо се прекрати. Од Охридскиот рамковен договор, па наваму, сѐ е под притисок. Секоја одлука се носи под нечиј притисок. Ние и натаму сме под агендата на Пржинскиот договор, кој, иако нема никаква смисла и кој нема никаква врска, сепак продолжува да функционира. Таквите решенија донесени под притисок, секогаш се нефункционални и прават само штета, бенефиција од тоа нема – вели Јањатов.
Политичарите без интегритет го дозволуваат притисокот
Според него, причините за тоа зошто земјата се доведува во ситуација постојано да биде под некаков притисок кога се одлучува за нејзината иднина треба да се бараат во слабиот капацитет на политичарите.
– Станува збор за криза во македонската политичка елита. Тие дозволија да ја дадат државата под кирија и спијат на тоа уво дека друг треба да им го бере гајлето. А самите си тргнаа по некои други интереси, државата ја оставија на крајот. Овој наш народ добро знае дека не може туѓа рака да ти го чеша грбот, треба сам да си го почешаш. Кај нас нема кој да го прави тоа, бидејќи едноставно имаме криза на политички интегритет во државата, немаме способни политичари и нивниот видокруг завршува тука, ќе одиме во Брисел и таму тие ќе ни ги решат проблемите. На тој начин креираат амбиент да бидеме под притисок. Затоа сите ни се мешаат во државата, во внатрешни, клучни и важни прашања. Прават што сакаат, а во тоа им асистираат од страна. Тоа е поентата, Македонија да се држи на кратки узди, да не ѝ се дозволува да мрдне. А неспособноста на нашите таканаречени политичари им оди во прилог – посочува Јањатов.
Водејќи се од своето долгогодишно дипломатско искуство, тој истакнува дека кога решението се носи набрзина и под притисок, едноставно подоцна ќе ги покаже сите мани.
– Тоа што не е добро осмислено, што е еден вид експериментално, ќе ги покаже сите недостатоци. Ги покажа Охридскиот рамковен договор, ги покажа Пржинскиот договор, ги покажуваат и договорите со Бугарија и со Грција. Тие што притискаат, гледаат да ги остварат сопствените цели и затоа наметнуваат решение што ним им се чини добро во одреден момент, без да ги знаат вистинските состојби и потребите на една суверена држава. Не може тие однадвор да се грижат за нашите национални интереси, треба самите да решаваме што е добро за нас. Тука е генезата на проблемот на фалинките во сите тие брзоплети решенија – заклучува Јањатов.