Ученици од Крушево на Денот на мајчиниот јазик беа во Скопје

На 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 11 ученици од шесто одделение во ООУ „Никола Карев“ во Крушево, заедно со своите наставници Надица Нане и Ставре Шоке, направија еднодневна екскурзија во Скопје.
Најпрво беа гости во утринската емисија на ТВ Алфа, „Добро утро секое утро“, каде што децата се претставија со кратка драматизација на влашки јазик, а потоа, за време на нашата средба, во паркот пред трговскиот центар „Веро Џамбо“ во центарот на Скопје, добија пригодни подароци од „Колибри“, а и дознаа некои интересни податоци за овој единствен прилог за деца во земјава.
Ние ги потсетивме и дека во 2016 година сме го посетиле нивното училиште во Крушево, кога и се запознавме со наставничката Надица Нане, која предава македонски и влашки јазик, како изборен предмет.

– Во рамките на нашите вонучилишни активности, голема чест и задоволство ни е што по вторпат ќе бидеме на страниците на „Колибри“. Посакувам ова гласило секогаш да биде отворено за млади надежни ученици од цела Македонија. Инаку, ние Денот на мајчиниот јазик почнавме да го одбележуваме од вчера, бидејќи со моја ученичка бевме дел од меѓународно онлајн читање на мајчин јазик. За сите нас наставниците ова е важен ден, бидејќи народ без свој јазик е како птица без крилја, па затоа треба да го негуваме и да зборуваме на мајчиниот јазик, било да е македонски, албански, турски, ромски, босански, влашки…. Тој е посебност и припадност на националноста. Меѓусебното почитување на јазикот на националностите е култура на човештвото. Да продолжиме со негување на вистинските цивилизациски вредности со соживот, разбирање и почитување – ни рече Надица Нане, наставничка по македонски и по влашки јазик.

Нејзиниот колега, наставникот по географија и по влашки јазик Ставре Шоке нѐ информира дека во ООУ „Никола Карев“ во Kрушево влашкиот јазик се изучува прво факултативно, а сега како изборен предмет од 1994 година.
– Нашите ученици влашкиот јазик, како изборен предмет, го изучуваат од трето до деветто одделение. Имаме околу 200 ученици од сите одделенија и за сите се обезбедени соодветни учебници. Децата се мотивирани, одржуваме кампови по влашки во Охрид, на Пониква, но и на меѓународниот фестивал во Скопје, каде што доаѓаат млади и од Србија, Албанија, Бугарија… Учествуваме и на меѓународни фестивали, како што е оној во Романија, каде што наши ученици учествувале неколкупати, а на 23 мај, на Денот на Власите, ние сме дел од низа активности – вели наставникот Ставре Шоке.

Децата, кои беа задоволни од својот настап на ТВ Алфа, ни открија дека во драматизацијата на влашки јазик станало збор за тоа дека треба да одат на екскурзија во Охрид, каде што ќе го посетат и Свети Наум, и тоа со брод.
– Ова беше навистина убаво искуство за нас и горди сме што, освен македонскиот, на училиште го изучуваме и влашкиот јазик, на кој зборуваат нашите родители, нашите баби и дедовци и генерациите пред нив – рекоа шестоодделенците од Крушево.
Падна договор и за нова средба, а ние бевме пресреќни што научивме неколку збора на влашки јазик, на пример прашањето: „Здраво, јас се викам Марија, ти како се викаш?“, кое на влашки јазик гласи: „Salut, mine escu Marija, cai easte numa a ta? (Салу, мине еску Марија, ка јасте нума ата?).

М.Т.