Фото: ЕПА

Како што јавуваат западните набљудувачи, украинската армија се соочува со сурова реалност: останува без војници и муниција. Исто така се известува за екстремно тешки услови на фронтот, каде што замрзнатото тло се претвора во густа кал на несоодветно топло време, предизвикувајќи здравствени проблеми на војниците, кои страдаат од заразниот грип или ангина

ДВЕГОДИШНИНА ОД РУСКО-УКРАИНСКАТА ВОЈНА: ЌЕ МОЖЕ ЛИ ВО ТРЕТАТА ГОДИНА ДА НЕМА ЖРТВИ, МАТЕРИЈАЛНИ ШТЕТИ И КОНФЛИКТ

На денешен ден се навршуваат две години од почетокот на војната во Украина. Направени се многубројни анализи и процени на ситуацијата на фронтот и околу него. Повеќето од нив укажуваат дека Русија веќе доминира во конфликтот. На украинското боиште во изминативе две години се комбинираат рововски битки што потсетуваат на Првата светска војна, заедно со високотехнолошка војна во која се вклучени десетици илјади беспилотни летала. Експертите во моментов сметаат дека Москва постигнала напредок во последните месеци и една голема победа минатиот викенд со заземањето на Авдеевка во регионот Донецк на истокот на земјата.

Голема теренска анкета на „Ројтерс“

Реномираниот „Ројтерс“ разговараше со повеќе од 200 војници и команданти на украинската војска, од родовите: пешадија, беспилотни летала и артилериски единици во различни сектори на бојното поле долго илјада километри во источна и јужна Украина. Борците беа прашани за предизвиците на воениот судир, недостатоците или предностите, секојдневните стравувања и надежи, за перспективите на развојот на судирот, како и за можноста од примирје и за мирно решавање на судирот.
Заеднички именител на сите одговори кај украинската војска е недостигот од жива сила, оружје, а особено муниција за евентуално продолжување на воениот судир и во третата година по почнувањето. Имено, Киев во голема мера се потпира на пари и опрема од странство за да води војна, но со блокираната американска помош од 61 милијарда долари поради политичките несогласувања во Вашингтон, тој е поранлив од кога било, оценуваат новинарите на Ројтерс. Со паузата во американската помош, ЕУ веќе јавно признава дека нема да ја постигне целта до март да испрати милион гранати во Украина, и тоа речиси за половина.
Мајкл Кофман, експерт за руска војска во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, аналитички центар во Вашингтон, рече дека руската артилерија истрелала пет пати повеќе гранати од украинската артилерија.
– Москва сега контролира речиси една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и Крим, кој го анектира во 2014 година, дури и ако борбените линии во голема мера стагнираа во изминатите 14 месеци.

И „Фајненшл тајмс“ го констатира истиот проблем за Украинците на фронтот

Во писмото до ЕУ, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров неодамна го опиша недостигот од артилериска муниција како „критичен“, повикувајќи ги европските лидери да направат повеќе за да ги зголемат резервите. Во писмото тој наведува дека на Украина „апсолутно критично“ ѝ треба „минимум“ од 6.000 артилериски гранати секој ден, а неговите сили можат да испукаат само 2.000 дневно, објави „Фајненшл тајмс“.
Украинските власти соопштија дека нивните вооружени сили сега бројат околу 800.000, а во декември Кремљ нареди зголемување на руските сили за 170.000, на 1,3 милион.
Освен војниците, трошоците за одбрана на Москва се далеку поголеми од оние на Украина. Таа одвои 109 милијарди американски долари за секторот оваа година, што е повеќе од двојно над еквивалентната цел на Украина од 43,8 милијарди американски долари.
Новиот закон чија цел е да мобилизира уште 450.000-500.000 Украинци полека се пробива низ парламентарната процедура, но за некои војници што сега се борат, значителното засилување изгледа како далечна надеж, се констатира во заклучоците од анкетата на „Ројтерс“. Р.С.


Една поинаква форма на војување доминира во украинскиот воен конфликт

Војна со дронови

Конвенционални борбени авиони може релативно ретко да се видат над бојното поле, главно благодарение на противвоздушната одбрана. Но, на небото се води поинаква битка и двете страни се обидуваат да добијат превласт со беспилотни летала. Дроновите се евтини и можат прецизно да ги следат движењата на непријателот и да напаѓаат.
Киев го надгледува бумот во производството и иновациите на дронови и развива напредни беспилотни летала со долг дострел, а и Москва не заостанува и инвестира многу во беспилотни летала, менувајќи ја раната предност на Украина. Бројките се вчудовидувачки.
Имено, министерот за дигитален развој Михаило Федоров изјави за „Ројтерс“ дека „само на украинска страна минатата година од производителите беа нарачани повеќе од 300.000 дрона, а повеќе од 100.000 беа испратени на бојното поле“.
Фокусот на војувањето сега го имаат лесните, агилни ФПВ беспилотни летала чии оператори или пилоти имаат поглед од прва рака на ситуацијата на бојното поле благодарение на камерата на леталото. Во еден таков контекст, претседателот на Украина постави цел Украина да произведе еден милион ФПВ беспилотни летала оваа година.
Факт е, тврдат воени експерти, дека беспилотните летала ги принудија руските сили да преместат вредни возила и системи за оружје неколку километри наназад од линијата на разграничување, што придонесе за пад на динамиката на напредување на руските сили.
Истото тоа важи и за руската страна, чии беспилотни летала сега се побројни од украинските. Руското министерство за одбрана објави овој месец дека Русија го зголемила производството на воени беспилотни летала во текот на изминатата година, без да открие бројки. Како што расте употребата на беспилотни летала, двете страни исто така го засилуваат развојот на електронски системи што можат да ги нарушат фреквенциите што ги користат пилотите за да комуницираат со беспилотните летала со цел да предизвикаат нивно паѓање или промашување на нивната цел.


Западот ќе почне да ја насочува Украина кон преговори

Сѐ поблиску до „зелената маса“

Украинскиот медиум „Страна“, повикувајќи се на медиумот „Политико“, кој пак се повикува на свои инсајдерски бриселски извори, тврди дека уште годинава Западот би можел да почне „да ја турка Украина во преговори“.
„Кога некои европски дипломати беа замолени да го опишат оптималниот исход за Украина во наредната година, тие зборуваа за ’стабилизација на конфликтот’“, пишува „Политико“, цитирајќи високи дипломатски извори во Брисел.
На прашањето што ќе значи тоа, според „Политико“, дипломатите одговориле дека „тоа би значело притисок врз Киев да започне преговори со Москва за замрзнување на конфликтот и заклучување на тековните територијални придобивки (во корист на Русија, оп.а.) во замена за западните „безбедносни гаранции“ (Украина, оп.а.) (како што се неодамна потпишаните со Франција, Холандија и Велика Британија) и патот кон членството во ЕУ“, објави „Политико“.

И бизнисот што е во застој прави дополнителен притисок

Реномираниот „Политико“ во истиот текст издвојува и дека „некои групи на Запад се надеваат дека наскоро по хипотетичкото замрзнување на војната ќе се вратат на бизнисот како и обично со Русија“! Ова го пренесува и украинскиот медиум „Страна“ дополнувајќи со фактот на „неподготвеноста на Западот да се конфискува во целост рускиот имот“.
„Западот не се откажа од Украина. Но, неговиот доминантен фокус на управувањето со ризикот сигнализира желба да се смири конфликтот и да се постигне договор со Москва, ако е можно, порано наместо подоцна. Прашањето што виси над конфликтот е дали таквиот пристап ќе спречи катастрофа или ќе доведе до нешто полошо“, резимира „Политико“.

Зеленски: Не постои план Б!

Споменатиот украински медиум „Страна“, пак, јавува дека украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американскиот медиум „Фокс њуз“ „одби да зборува за каков било „план Б“ за своите војници.
„Не постои план Б“, гласи насловот на текстот објавен на веб-страницата на американската телевизија, пишуваат украинските медиуми.
„План Б“ веројатно значи преговарање. Затоа зборовите на Зеленски цитирани од „Фокс њуз“, се однесуваат на потребата од набавка на оружје од Запад и на одбивањето да се признаат воените успеси на Русите, пишува украинскиот медиум „Страна“.
Што се однесува до американската помош, Зеленски рече дека е „критична“ и го повика Западот „да биде побрз, да се ослободи од целата бирократија, инаку немаме шанса“.
Зеленски верува дека „со доволна поддршка, Украина на крајот ќе успее да ги потисне руските сили и да дојде на преговарачка маса со поцврсти позиции“.
Сепак, со оваа изјава, и претседателот на Украина покажува дека и тој размислува за столче на „зелената маса“…