За тоа каква е политичката клима во државата, пред почетокот на можеби најзначајната седница на македонското собрание, ќе посочиме редица актуелни примери што најдобро и најилустративно говорат сами по себе и за себе…

ПОЛИТИЧКА КЛИМА НА НЕМИР И НЕСТАБИЛНОСТ И ПРЕВИРАЊА НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Македонија влезе во последната недела пред почетокот на собраниската седница за уставните измени закажана за петок 18 август, во една крајно наелектризирана, поларизирана и дезориентирана политичка атмосфера во секој поглед. За тоа каква е политичката клима во државата пред почетокот на можеби најзначајната седница на македонското собрание ќе посочиме редица актуелни примери што најдобро и најилустративно говорат сами по себе.

1. Длабока внатрешна поларизираност и нетрпеливост

На неколку дена пред почетокот на собраниската седница за уставни измени сѐ повеќе се продлабочува јазот помеѓу политичките субјекти во државата и во однос на прашањето за уставните измени и во однос на куп други прашања од значење за граѓаните и државата. Накратко, политичарите не можат да најдат заеднички јазик по ниту една тема, освен што претходно премолчано енормно си ги зголемија платите.
Честите меѓусебни јалови препукувања и реплики отидоа и до таа мера што власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат и за посетата на Курти, за преименувањето улици, за социјалната криза итн. Со оглед на фактот што пратениците сѐ уште се на годишен одмор, а притоа нема никаква дебата околу најавените уставни измени, сето тоа доволно говори за целосно отсуство на политички сенс и одговорност за најважните прашања од интерес на граѓаните и државата.

2. Континуирани провокации и шовинистички големодржавни идеи

Неодамнешното веење знаме на т.н. голема Албанија при „приватната посета“ на албанскиот премиер Албин Курти на Тетово и Чаир уште еднаш ја покажа нефункционалноста на државата да реагира на вакви провокации, демонстрирање шовинизам, големодржавни идеи, сецесионизам, своевидна екстериторијалност и слично. Кога на тоа ќе се додаде и практиката на изоставување државни обележја при јавни настани, станува повеќе од јасно дека државата едноставно нема контрола што се случува внатре, а камоли надвор од неа. Континуирани провокации, изјави за територијални претензии и асимилација на Македонија изминатиот период пристигнуваа и од Бугарија, што исто така помина без соодветна реакција.

3. Силно изразени пензионерско и социјално незадоволство

Пензионерите вчера излегоа на нов протест, незадоволни од статусот што го имаат во општеството, барајќи повисоки приходи и минимална пензија најмалку во висина на минималната плата во државата. Тие се особено револтирани од огромното зголемување на платите од 78 отсто што го добија функционерите, додека пензионерите се борат да преживеат со своите ниски приходи. Вчерашниот протест на пензионерите е само дел од низата вакви протести што се одржаа деновиве низ земјава. Но големо социјално незадоволство има и кај другите слоеви од општеството, при што серија предупредувачки протести деновиве имаа и вработените во УЈП, новинарите од државната агенција МИА и други.

4. Шуманов план за економијата

За тоа какви се состојбите во економијата можеби најдобро говори пораката на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој вели дека е потребен нов Шуманов план што ќе направи пресвртница за доброто на економијата. Тој смета дека мора да се подигне лојалноста кон државата, власта и опозицијата да прекинат со нетрпеливоста и на демократски начин да ја извлечат државата од кризата, како и да престане популизмот и да се свртиме кон реалноста.
– Сивата економија, корупцијата, завршувањето на гасификацијата, состојбите во железничкиот и патниот сообраќај нѐ фрустрираат, а трошењето на буџетот за непродуктивни цели многу нѐ загрижува – порачува Азески.
И претставниците на другите стопански комори континуирано укажуваат на потребата од итно ресетирање на економијата, за поголем економски раст и развој на државата.

5. Скандалите и корупцијата единствена константа

И додека речиси во сите слоеви на државата постојат превирања и незадоволство од состојбите, единствена константа и непроменлива се секојдневните скандали и индиции за висока корупција. Во однос на изградбата на коридорите 8 и 10, за кои изминатиот период имаше бура реакции во јавноста, досега му се исплатени 177 милиони евра државни пари на конзорциумот „Бехтел и Енка“, но на терен сѐ уште нема ништо. Разврска чека и случајот со купување на трговскиот центар „Соравија“, кој се поврзува од блиски луѓе на ДУИ, потоа низата скандали во правосудството итн. Ја нема ниту фабриката за електрични автомобили во Тетово, која претходно доби и државна помош во износ од 43 милиони евра?
Ова е т.н. рендген-слика за состојбите во Македонија неколку дена пред седницата за уставни измени. Дали приоритет се Бугарите или нешто сосема друго, веројатно за многумина е повеќе од јасно.