Проект за санација и реставрација на фрескоживописот и на целата градба на црквата стара осум века
Прилепскиот завод и музеј започна со изработка на проекти за заштита на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот „Трескавец“. Од музејот притоа посочуваат дека до крајот на октомври црквата треба да се заштити од влага, бидејќи таа е најголемата опасност за уништувањето на ова непроценливо културно богатство, кое е на листата на светски загрозени објекти. Паралелно се работи и на проектот за санација и реставрација на фрескоживописот и на целата градба на црквата стара осум века.
За проектите Заводот и музеј во Прилеп доби 8,2 милиона денари од Министерството за култура.
– Работиме на проектот за хидрогеолошките истражувања, кој треба да го доставиме до Министерството за култура и до Управата за заштита на културното наследство, по што по одобрувањето ќе се започне со реализација. Хидрогеолошките истражувања се важни за да се увиди состојбата на влагата. Имено, водата што навлегува во црквата придонесува да се оштетуваат ѕидовите. Најмногу се оштетени источниот и северниот ѕид. Со интервенцијата ќе завршиме голема работа и ќе ја олесниме работата на реставрацијата и заштитата и на фрескоживописот во црквата, но и на трпезаријата, кои се засегнати. Влагата достигнува од 60 до над 80 отсто и се надевам дека полека ќе ја отстраниме. За заштита ќе се копа длабок канал за дренажа на водите. Хидрогеолошките истражувања и реализацијата имаат рок до крајот на октомври. Активностите зависат од временските услови. Имаме гаранција дека со изведбата на таков дренажен канал, кој би бил со голема длабочина, од три до четири метри, би ги насочиле водите што слегуваат од Златоврв да излезат по страните на манастирот, да може да ги изведеме на јужната страна и да излезат од манастирскиот комплекс за да не прават повеќе проблеми. Изведувачот се заложува да го заштити дренажниот канал што ќе биде во комбинирана форма, отворен и затворен дел – вели Горан Цветкоски, директор на музејот.
Проектот за реставрација и реконструкција на црквата треба да биде завршен до септември.
– Го работи стручен тим составен од претставници од ИЗИС, од Градежниот факултет од Скопје, од нашиот музеј, а како консултант е професорот Препис од Грција. Стручниот тим ги констатира проблемите и се надевам дека до крајот на август и почетокот на септември ќе биде готов проектот за санација и реконструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец. Работите на овој проект ќе се одвиваат наредната година – додава Цветкоски.
Конаците во манастирот што беа изгорени пред десет години се изградени, но не се во функција затоа што не е направен технички прием. Приемот го кочи неизградената пречистителна станица, за што со години има проект и одвоени средства. Најавите се дека годинава ќе се гради. Ка.М.