По повеќе од 10 години од првиот закон за легализација на дивоградби и неколкукратно продолжување на роковите, сега се најавува нов закон со нови продолжени рокови и нови поволности за прекршителите на законите. Според експертите, ваквите закони и постојаното продолжување на роковите ги рушат моралот и поведението кај населението што ги почитува законите
ДРЖАВАТА ПОВЕЌЕ ОД 10 ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА СТАВИ РЕД СО БЕСПРАВНОТО ГРАДЕЊЕ
По повеќе од десет години од првиот закон за легализација на дивоградбите, во кој за едно евро се легализираше еден квадрат, и неколкуте продолжувања на роковите за легализација, Македонија сега воведува нов закон за легализација.
И повторно рокот се продолжува и им се дава право на оние што бесправно граделе да ги легализираат своите објекти. Со овој закон може да се легализираат бесправно изградени објекти пред 1 јануари 2021 година, а не може да се легализираат објекти во национални паркови и на охридското крајбрежје.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина Насер Нуредини го презентираа предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти и напоменаа дека тој ќе важи за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.
Нуредини рече дека со предлог-законот, Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови дивоградби изградени во рамките на заштитените подрачја.
Хронологија на легализации
Хронолошки гледано наназад, првиот закон за легализација на дивоградби го донесе владата на тогашниот премиер Никола Груевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Трипати беше продолжуван рокот до кој требаше да се поднесат документите, а пресекот на 30 јуни 2018 година покажа дека со тој закон беа легализирани 202.110 објекти. Наредната година во 2019 г., Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев започна да најавува носење на нов закон за легализација на бесправно изградените објекти. Процените тогаш беа дека останале уште околу 70.000 дивоградби што треба да се легализираат. Актуелниот министер за транспорт и врски Бочварски го поднесе овој закон до Собранието лани во септември и во него тогаш се предвидуваше да се легализираат објектите изградени до први октомври 2019 година. Потоа наредниот месец беше поднесен дополнет предлог со вградените забелешки од расправата во собраниската комисија за транспорт, врски и екологија, но и тогаш законот не стапи во сила. На почетоков од годината, активистите за заштита на животната средина ваквите законски решенија ги оценија како многу загрижувачки. Според нив, озаконување на бесправно изградени објекти во својата основа има противуставност, бидејќи легализира кривично дело „бесправно градење“ според Кривичниот законик. Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за законот да стапи во сила и го врати во Собранието со забелешки за кршење на Уставот, по што се подготвуваше нов закон. Сега во пресрет на 2022 година и непосредно пред формирањето на новата влада се прави уште еден обид за стапување во сила на Законот за легализација.
Која е, всушност, основната идеја и како се толкуваат сигналите и пораките со законот
Новиот закон за легализација на дивоградбите не прекинува да ја бранува јавноста. Полемиката што се води во нашето општество во овој момент е зошто е потребен овој закон сега и каква порака праќа тој до сите граѓани и до оние што биле надлежни да ги спречат дивоградбите што веќе се присутни во земјата.
Архитектот Петар Станојевски вели дека со легализацијата се праќа многу лоша порака до населението. Според него, ваквите закони го рушат моралот кај населението што ги почитува законите.
Архитектот коментира дека наместо државата да ги санкционира оние што нелегално граделе, за што во некои случаи дури и кривично се одговара, на овој начин се подгреваат состојбите и се мотивираат и други граѓани да не ги плаќаат пропишани давачки за да изградат куќа или викендичка – вели Станојевски.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека најзначајно за да има ред во општеството е да има конзистентност во спроведувањето на законите и на правилата.
– Оние што не ги почитуваат правилата треба да бидат казнувани и тоа се однесува на сите случаи, од дивоградби до секоја ситуација, како и онаа со здравствените прекршоци во пандемијата – вели Стефаноски.
„Комичниот“ аспект од легализациите на дивоградбите
Поранешниот македонски министер Никола Тодоров на темава истакнува дека легализацијата на дивоградбите во нашата држава е тема што долго време е актуелна, а во последниов период е топ-тема на дискусија во општеството.
Според него, во земјава има околу 50.000 граѓани што направиле 50.000 дивоградби во државата.
– Властите ги знаат сите што бесправно граделе без исклучок, но гони селективно само некои од нив без да има критериум и објаснување зошто се гонат стотина или двесте, а не се гонат другите 49.800, по кои критериуми се одбрани оние што ќе се гонат, кои ќе бидат осудени, затворени и ќе им биде одземена бесправно изградената недвижност, на кои ќе им бидат срушени бесправно изградените објекти, а кои ниту ќе бидат гонети ниту ќе им бидат срушени бесправно изградените објекти, туку ќе им се легализира криминалот (бесправното градење е кривично дело исто како што е кривично дело и кражбата на пример), и тоа под услови далеку подобри и поповолни од тие што никогаш не ни помислиле да изградат дивоградба – истакнува тој.
Тодоров додава и дека ако некој бесправно изгради објект, државата ќе го легализира по цена што некаде е дури и за повеќе од 100 пати пониска од онаа што ја платил оној што го почитувал законот?!
Од сето тоа, според Тодоров, излегува дека тој што го почитува законот плаќа 100 пати повеќе од тој што не го почитува.
– Како да нема логика во целава работа?! Некој се утепал од трчање по институции, платил проекти, добил дозвола и платил 10.000 евра за комуналии за да си ја изгради куќата во која живее, а соседот до него си свиркал, не се мавтал по институции, си градел на диво и сега ќе му ја легализираме куќата за 100 евра. Дали е сето ова правично и праведно? – подвлекува Тодоров.
Тој резимира дека ако сакаме да бидеме сериозна држава, комично е да го казнуваме тој што го почитува законот, а да го привилегираме и наградуваме оној што го крши законот.