Изразената меѓусебна недоверба и вербалните напади и обвинувања на високи државни функционери имаат многу подлабоки последици од самоизразената интерперсонална недоверба, непочитување и навреди. Тие последици штетно се одразуваат врз граѓаните и институциите, како и на угледот и имиџот на државата во пошироки меѓународни рамки

ЈАВНО ИЗРАЗЕНА НЕДОВЕРБА МЕЃУ НАЈВИСОКИТЕ ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Двајца високи државни функционери во Македонија деновиве во јавноста демонстрираат меѓусебна нетрпеливост и недоверба, за прашања од највисоко значење за државата во однос на спорот со Бугарија.
Вицепремиерот за евроинтеграции во заминување Никола Димитров порача дека нема доверба во министерот Бујар Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата, а за возврат шефот на дипломатијата во својата реплика атакуваше на професионалноста и доблеста на колегата што заминува од својата функција во новата влада.
Ова не е единствен случај на македонската политичка сцена. И во минатото сме имале редица примери каде што некој политичар и државник се дистанцира од ставовите на друг политичар за прашања од исклучително висок национален интерес, иако се дел од истата владејачка гарнитура, државна институција или, пак, партија. Различните ставови и мислења, секако, се одраз на демократија, но недовербата во потезите и политиките на министри што се дел од истата влада, а згора на тоа по прашања што се клучни за иднината, па и опстанокот на државата, праќаат една сосема друга загрижувачка порака пред јавноста и светот. Како граѓаните да им веруваат на политичарите ако тие немаат доверба еден во друг или, пак, дејствуваат и си работат зад грб и на своја рака?!
Дополнително, какви сигнали преку ваквите примери и случаи испраќа нашата земја кон меѓународната заедница?
Политиколозите, амбасадорите и психолозите со кои се консултиравме велат дека недовербата меѓу политичарите на највисоко ниво само ги руши позициите на Македонија на меѓународно поле и ја нарушува и онака слабата поддршка што партиите ја имаат од граѓаните.

Политиката како комична претстава во театар

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека состојбите во кои се наоѓа Македонија во моментов повеќе личат на комична претстава во театар отколку на реален политички дискурс во едно современо општество.
– Препукувањата меѓу највисоките државници (министри и вицепремиери) на едно ниско ниво доведуваат нам да ни се смеат во странство, особено во Бугарија. Бидејќи на ваков начин се гледа кој во суштина ни ги креира исклучително битните политики во проблемот што го задира македонскиот идентитет на суштествено ниво – вели Пекевски.
Но ова не е случај само сега. Според Пекевски, ако се погледне хронолошки наназад, од независноста досега многубројни се случаите каде што имаме вакви вулгарни „испади“ на нашите политичари.
– Токму поради ваквите „циркуси“ народот повеќе не им верува ниту на политичарите ниту на институциите и затоа имаме низок одзив на изборите, а наедно и ниска доверба кон самите политички фигури, кои со својот однос покажуваат дека се „недоквакани“ функционери, кои не се дораснати да се соочат со предизвиците. Од тие причини, најверојатно, имаме катастрофално лош обид за договор со Бугарија и идентично лош договор со Грција. Односно никој не ни е виновен што сме толку лоши во дипломатијата ако едни вакви шарлатани ни ја водат земјата – заклучува Пекевски.

Недоразбирањата се решаваат во институциите

Македонскиот долгогодишен дипломат Драган Јањатов смета дека релациите меѓу македонските политичари што ја креираат нашата дипломатија не се состојби за некаква пофалба.
– Случувањата на оваа тематика на површина истакнуваат непобитен факт дека нешто „не штима“ во институциите што се занимаваат со меѓународната политика. Тоа е така бидејќи очигледно институциите не се здружено тело што решава некој меѓународен проблем, како на пример оној со спорот со Бугарија, туку сѐ се одвива лично, односно некоја индивидуа си зема за слобода во има на нашата нација да крои договори со држави од странство – вели Јањатов.
Амбасадорот додава дека неблагородно е да се навлегува во анализирање на релациите меѓу нашите државници, бидејќи со тоа оддаваме впечаток во странство дека сме слаби како држава.
– Она што најмногу загрижува по последната разврска на изјавите на државниците еден за друг е фактот дека сме порозна држава во креирањето на националните политики, особено во време кога во земјата треба да пристигне бугарскиот државен врв – вели Јањатов.
Тој запрашува што да се каже за спорот кога ќе се дискутира со Бугарите по еден ваков испад на највисоките наши функционери.
– Не прилега за една земја недоразбирањата на политичарите да се изнесуваат надвор од рамките на системот и институциите. Нормално е политичарите да имаат различни ставови меѓу себе за сите прашања, па дури и за она со Бугарија, но не е нормално сето тоа да се манифестира на ова ниво. Кога се решава државно прашање, не се прашува како ќе го реши ниту некој Петко ниту Јанко ниту Станко, туку каков став ќе заземе Македонија кон тоа решавање, односно дипломатите само го отсликуваат колективниот став изразен во парламентот и највисоките државни институции – вели Јањатов.
Тој вели дека во овој момент очигледно ни се изместени сите вредности во државата во делот на решавање на спорот со Бугарија и ние итно мора да пристапиме на коригирање на овие состојби.
– Сето ова што ни се случува едноставно може да се објасни како да е некоја караница низ зелените пазари меѓу двајца што имаат тезги еден до друг, или меѓу брачни партнери ако има неверство, а не ниво на разговор меѓу две клучни фигури што преговараат со странските држави во македонската дипломатија – резимира Јањатов.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека чинот на гласање за политичарите од граѓаните на изборите кога ќе се случат не е само заокружување на некое име на гласачкото ливче туку е акт на доверба на обичните луѓе кон лицата во кои имаат некаква доверба.
– Ако е така, тогаш сме во неволја, особено по последните случувања меѓу Димитров и Османи. Имено, довербата во политиката во Македонија е загубена и на адреса меѓу политичар со политичар, но и на адреса меѓу граѓанин со државен или локален функционер. Затоа и никој не може со сигурност да предвиди какви ќе бидат резултатите на изборите кога ни се случуваат. Причините за недовербата се многубројни: од приватизацијата, преку заробената држава, па до лошите договори со Грција и Бугарија. Вистина, нема многу држави што можат да се пофалат дека нивните политичари ја уживаат целосната доверба на своите народи, но нашата ситуација е многу покомплицирана. Во македонското општество владее една тотална недоверба – истакнува Стефаноски.
Тој заклучува дека во иднина треба многу да се работи на градење одговорни политичари во Македонија, на кои покрај одредената одговорност кон граѓаните во процесот на градење општествено-политичка функционалност, главниот предизвик треба да им биде да прифатат особини на странски политичари што дејствуваат во демократските современи општества.

Недовербата креира чувство на апатија кај граѓаните

Психологот Милка Ололоска во својот осврт на случувањата вели дека во Македонија владее една тивка апатија на граѓаните, бидејќи тие воопшто не им веруваат на државата и на институциите, а за тоа се виновни политичарите.
– Апатијата е пострашна од револтот, бидејќи револтот има мала доза на желба во него дека состојбите ќе појдат кон подобро. Ние, Македонците, сме многу мирен и толерантен народ, а тоа очигледно добро го знаат политичарите, кои токму затоа дејствуваат како што дејствуваат и во нашето општество креираат хаотична емотивна состојба – вели Ололоска.
Таа истакнува дека Македонија како држава треба да е солидарна и компактна кога дејствува во политиката, бидејќи само на тој начин ќе се подобри општата слика за политичарите.
– Во моментов ако прашате обичен човек за политичка тема, тој веднаш го мурти лицето и политичарите ги карактеризира како лица што имаат обид за личен профит и бенефиција од одредена функција, а не како лица што треба да се грижат за граѓаните и гласачите – вели психологот.

[email protected]