Осврт кон најавените цели на претседателот на Владата
Десетте принципи се некаква аутопсија на грешките и пропустите на македонската внатрешна општествена и економска политика, што на Мицкоски му овозможува да се појави како лекар за исцелување на колективните рани. Но сите напори ќе му бидат попусти ако допушти реализацијата на принципите да падне во раце на ситни души и неспособни луѓе, на лицемери и полтрони, а има такви знаци низ неколку назначувања на определени луѓе на определени високи функции. Ако подлегне на злите јазици во неговата партија и ако не ја практикува старата римска поговорка дека силата трупци тркала ама умот царува. Ако им допушти на своите кадри и партиски членови да уживаат во злоупотреби, да манифестираат ниски страсти и да бараат одмазди. Народот гледа, како што го гледаше СДСМ, сега со остро око ќе гледа кон ВМРО
Со доаѓањето на есенските дождови, избирајќи го за симбол 8 Септември, Денот на независноста на македонската држава, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, не чекајќи ги стоте дена од устоличувањето, ја отвори новата политичка сезона, го крена знамето на најавените промени.
Почна да ги пишува првите страници од поинаквата македонска политичка драма, за која, тој како режисер, се надева дека ќе заврши со хепиенд, иако други не мислат така. Иако насловот не гласи „Заедно ќе победиме“, во оптимистичкото сценарио се предвидени миксови од практика и психологија, од пот и солзи, од судири и пресврти во кои учесници би биле сите граѓани на Македонија. Ако сакаат, ако немаат против, се разбира.
Изнесената платформа фокусирана на две цели
Изнесената платформа фокусирана на две цели и понудените десет принципи не се нешто ново и непознато како општествена заложба, но звучат ветувачки затоа што сега се наоѓаат во друга општествена атмосфера и во раце на политичка партија убедливо победничка на последните собраниски избори. Располага со релативно стабилно мнозинство во Собранието за носење навремени одлуки и негува кооперативни односи во владејачката коалиција.
Платформата на Владата не е замена за напуштената, вештачки наметнатата фатаморганична доктрина на СДСМ „Едно општество за сите“. Таа е збир на практични идеи, кои доколку се реализираат, може да го направат посакуваниот општествен пресврт, а доколку не се остварат, би се архивирале во кластерот на пусти желби или уште едни промашени можности.
Всушност во десетте принципи се содржани оние прашања, проблеми и предлози што мнозинството Македонци сакаат да ги чујат, а ги слушаа во изборната кампања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која нив ги употреби како победничко оружје. Се покажува, барем засега, дека Мицкоски ја има совладано технологијата на оддржување континуитет на идеите, тактика што го задржа стабилно на врвот на својата партија, а по долга и упорна борба му ја сервира на подавалник премиерската фотелја.
Владата и претседателот Мицкоски си поставија тежок испит. Се обврзаа за исполнување на две цели, неделиви една од друга. Според неа, прво мора да се победи разочарувањето кај секој човек што е напластено од сите претходни порази и неуспеси, а второ да се сузбијат криминалот и корупцијата метастазирана во сите делови од општеството. Значи, ако разочарувањето на граѓаните се претвори во оптимизам и надеж, платформата ќе успее. Ако не се сузбијат криминалот и корупцијата, разочарувањето ќе биде уште поголемо отколку што било претходно, што ќе биде пораз и на платформата и на самиот Мицкоски. И уште еден политички, општествен и економски дебакл на Македонија.
Десетте принципи – десет божји заповеди
Да ги видиме тие десет принципи, кои не се десет божји заповеди, ниту пак Мицкоски и креаторите на овој општествен проект имале на ум да се споредуваат со пророкот Мојсеј, кому Господ му ја дал плочата со законите. Намерите на Мицкоски и неговата влада се добри – останува да ги чекаме делата.
Еве ја нивната кратка верзија и самата доволно прецизна и речита.
„Прво, мора да воспоставиме правда и правна држава. Второ, мора да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Трето, мора да се оградиме и од етничките конфликти и да ги изолираме елементите што создаваат меѓуетничко неединство. Четврто, да го заштитиме и подобриме стандардот на граѓаните. Петто, мора да создадеме праведно општество. Шесто, мора образованието да биде билетот за успех и сите сили да ги вложиме во тоа. Седмо, мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратегиска цел, а тоа е членството во Европската Унија. Осмиот принцип е единството. Деветто, мора да се бориме против иселувањето. Десетто, мора да извојуваме и веруваме во идеолошки битки“.
Рековме дека десетте принципи не се десетте божји заповеди, но ако не ја содржат индиректно таа теолошка димензија во себе и ако не се сфаќаат како такви во нивното спроведување, тешко дека ќе се претворат во владина, државничка, граѓанска и морална обврска. Тешко дека ќе се постигне очекуваниот ефект, посакуваниот резултат. Верата е силна, неверници веднаш чекаат да ја изневерат. Барем тоа се покажало најмалку стопати.
Одговорноста на Мицкоски
Сигурно дека секој од наведените принципи заслужува посебен текст и елаборација, обврска пред која треба да бидат исправени и Владата и медиумите.
Сепак, најобврзан и најодговорен е и ќе биде самиот Мицкоски, кој презеде на свои плеќи да го носи товарот на уште еден обид за воспоставување на Република Македонија (сега Северна) на нормален политички, морален и човечки колосек. Мнозинството гласачи му дадоа максимална доверба да ја оствари таа цел.
Нему овој мандат му е неповторлива можност да направи сјајна политичка кариера, комбинирана со леден прагматизам и коктел од емоции, не исклучувајќи и национални и патриотски, доблести од кои беа оперирани неговите претходници од СДСМ. Неговата позиција ќе се движи по две гранични линии: или ќе се покаже како реформатор од државничко значење или ќе потоне во сивилото на сите оние што многу ветувале, а ништо не оствариле.
Десетте принципи се некаква аутопсија на грешките и пропустите на македонската внатрешна општествена и економска политика, што на Мицкоски му овозможува да се појави како лекар за исцелување на колективните рани. Но сите напори ќе му бидат попусти ако допушти реализацијата на принципите да падне во раце на ситни души и неспособни луѓе, на лицемери и полтрони, а има такви знаци низ неколку назначувања на определени луѓе на определени високи функции. Ако подлегне на злите јазици во неговата партија и ако не ја практикува старата римска поговорка дека силата трупци тркала ама умот царува. Ако им допушти на своите кадри и партиски членови да уживаат во злоупотреби, да манифестираат ниски страсти и да бараат одмазди. Народот гледа, како што го гледаше СДСМ, сега со остро око ќе гледа кон ВМРО.
Ширење на фронтот за поддршка
Несомнено дека платформата и принципите ќе наидат на пофалби, ќе се сретнат и со критики, млаки или жестоки, што секако ќе биде доказ за отвореност да се чуе другата страна, како и за поврзаност со принципите на демократијата. Старо е правилото: колку повеќе принципи толку поголема демократија, колку помала демократија, толку помалу принципи.
Сакајќи да го рашири фронтот на поддршката, Мицкоски не само што ги повика на соработка и заедништво опозициските партии туку ги наведе и универзитетите, синдикатите, стопанствениците и коморите, земјоделците, МАНУ, професорите, лекарите и сите општествени двигатели. Ги повика сите да учествуваат во изградбата на македонска платформа за иднината и наредната доба. Наскоро ќе може да се види опсегот на таа поддршка, која, гледано оптимистички, треба да биде искрена и широка. Прва должност на секој државјанин е да ја сака татковината и да работи во нејзина полза колку и да не му се допаѓа власта.
Алибито на СДСМ – одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ
Однесувајќи се повеќе како партиски лидер, го повика и Социјалдемократскиот сојуз, не избегнувајќи да го „пецне“ таму каде што го боли, што е интересно за шега, но не е знак за подадена рака. Оттаму му одговорија, со право, дека борба со криминалот не се чорапите на бившата министерка, дека не пропаѓа буџетот од едно купено кадифено мече и дрес со името на Роналдо. Одговор што не е лош ако се испраќа како искрен совет и некаква препорака за можна соработка.
СДСМ може да му биде моментално алиби на Мицкоски, но не и оправдание за евентуален неуспех, утре или другиден. Таа поразена партија не е сега достоен, ниту пак моќен противник. Моќта, силата, но и одговорноста се кај ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија. Ништо не зависи од СДСМ, сѐ е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Денес власта – утре одговорноста пред сите граѓани на Македонија, пред македонската нација и пред божјиот суд.