Насловот секако дека побудува интерес кај јавноста, односно кај граѓаните што ја следат состојбата во однос на намалениот наталитет и намалениот број на ученици, како во основното така и во средното образование.
За ваквите состојби, кои во согласност со длабинските анализи што ги работам и за кои речиси две децении пишувам, посочувам, препорачувам, барам и предлагам мерки и активности, како и изработка на стратегии, ништо конкретно не забележувам, а само се говори дека во тек се одредени активности.
Меѓутоа, времето одминува, а во согласност со расположивите податоци појавите навистина се сѐ полоши или понегативни. Истото го говорат и многу направени анкети од различни агенции, младински форуми, невладини и други асоцијации итн. Овие денови исто така слушаме и читаме колку наши државјани заминале само во Хрватска на работа, кои самостојно, кои преку агенции организирано, а секако заминувањето е и во другите европски земји.
За да се потврдат наведените состојби во согласност со направените длабински анализи со кои се детектирани состојбите, бројките го потврдуваат тоа.
Во однос на демографските движења знаеме дека во 50 отсто од општините во земјава веќе две децении имаме негативен природен прираст на населението. Исто така, познато е дека веќе започнувајќи од 2019 година земјава има негативен природен прираст на населението, а тоа значи дека сѐ помалку има живородени деца, а повеќе умрени лица, или наталитетот се намалува, а морталитетот се зголемува.
И оваа 2023 година имаме негативен природен прираст на населението, како на ниво на населените места така и на ниво на општини и региони или во целата земја. Ако на сето тоа го коментираме и иселувањето, особено на младото население или работоспособното, што да говориме натаму. Причините зошто е тоа така исто така се добро познати, а тоа се коментира и по секоја анкета или по секој младински форум. Затоа, според овие демографски состојби, треба да знаеме дека тоа силно влијае врз стареењето на населението и намалувањето на потребите на пазарот на трудот.
Демографските состојби секако имаат влијание и во образованието, и тоа како во основното така и во средното. И прашуваме како? Па преку намалувањето на бројот на учениците, намалувањето или затворањето на училишта, а тоа се случува во подолг временски период. Мерките и активностите се во програмите, учебниците, промени во законите.
Тоа го потврдуваат анализите на расположивите податоци, и тоа не подолго туку само за последните пет години или од последните пет учебни години, а процесите се почнати пред две децении.
Податоците за основното и за средното образование се следат и се објавуваат за два периода од учебната година, и тоа на почетокот и крајот на учебната година. Преку нив може од тоа богатство на податоци да се прават длабински анализи, особено од страна на надлежните институции. Моите длабински анализи го покажуваат следното.
Постојано на почетокот на секоја учебна година бројот на учениците се намалува и за последните пет учебни години е намален бројот во основното образование за 7.349 ученици. Резултатот е јасен, а причините познати, намален наталитет и иселување. Па да не речам дека тоа се забележува и преку зголемениот наталитет на нашите државјани, кои се во другите земји. Но уште подрастично е тоа кога ќе се анализираат податоците, како во основното така и во средното образование на почетокот и крајот на учебната година. Бројката од -10.175 ученици е бројка што покажува дека разликата на бројот на ученици е од бројот на ученици запишани на почеток и крај на учебната година за период од пет години. Во средното образование таа бројка изнесува -6.294 ученици. Впрочем што ни покажуваат овие анализи? Дека не само што се намалува бројот на ученици секоја година на почетокот, а и оваа година кога сега е уписот за ученици во прво одделение од училиштата велат дека има сѐ помалку ученици, туку и во текот на годината бројот на ученици се намалува просечно за 1.500.
Наведените состојби навистина покажуваат дека демографските и образовните состојби се во негативна состојба или загрижувачка.
Особено ваквите демографски состојби имаат влијание и врз севкупниот систем во земјата од аспект на територијалната поделба на локалната самоуправа, регионалната поделба, планските региони, рамномерниот регионален развој и нивната стратегија, изработка на избирачкиот список, изборните единици итн.
Во изминатиот период учествував во сите овие наведени активности и доволно ми е познато што значи сето наведено за нашата земја.
Затоа сакам уште еднаш да посочам дека ова се отворени прашања од висок интерес за земјата на кои треба да се има приоритет и што поитно да се преземат мерки и активности за надминување на состојбите со стручни, познати и признаени лица што би дале висок придонес за подобро утре.
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар