Очигледно Европејците почнуваат да ја сфаќаат играта на Бугарија дека зад флоскулите за „почитување на правата на Бугарите во Македонија“ всушност се крие подла асимилаторска политика така што не се признава идентитетскиот континуитет на македонскиот народ низ вековите, туку само современиот идентитет, не се признава македонскиот народ односно се прикажува дека тој бил бугарски до 1944 година. Понатаму не се признава јазичната посебност на македонскиот јазик, туку само како службен јазик или дијалект на бугарскиот, се бара интервенција во учебниците… По сценарио од Софија се провоцираат и фингираат напади врз наводни бугарски граѓани само да се покаже дека во Македонија постои омраза кон Бугарите, со цел целиот преговарачки процес на земјава да се држи во бугарско заложништво и под постојан диктат
Писмо на Радев до европските лидери со кое изразува несигурност дека лагите од Софија продолжуваат мазно да минуваат во Брисел
Како што претходно не ја разбираше бугарската позиција околу спорењето на идентитетот и историјата на македонскиот народ, така сега Европската Унија сè помалку разбира што конкретно сака Бугарија од Македонија, бидејќи бугарските власти најавуваат дека промената на Уставот нема да биде доволна, туку имаат уште многу други услови што ќе ги испорачаат во текот на пристапните преговори.
Иако првично ЕУ се обиде на некој начин да им угоди на бугарските барања така што ги вметна во преговарачката рамка на Македонија, правејќи преседан што нема никаква допирна точка со европскиот пристапен процес, сега официјална Софија истапува дрско и најавува дека ниту тоа не е доволно.
ЕУ конечно почна да сфаќа на која карта игра Бугарија?
Бугарскиот претседател Румен Радев напиша отворено писмо што го упати до европските лидери во кое сосем прецизно потврди дека уставните измени за впишување на Бугарите нема да бидат единствен услов за влез во ЕУ, туку само прелиминарен.
– Факт е дека Бугарија никогаш не го оспорувала правото на граѓаните на Македонија да го дефинираат својот современ идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на земјата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година – наведува Радев во писмото.
Очигледно Европејците почнуваат да ја сфаќаат играта на Бугарија дека зад флоскулите за „почитување на правата на Бугарите во Македонија“ всушност се крие подла асимилаторска политика така што не се признава идентитетскиот континуитет на македонскиот народ низ вековите, туку само современиот идентитет, не се признава македонскиот народ односно се прикажува дека тој бил бугарски до 1944 година. Понатаму не се признава јазичната посебност на македонскиот јазик, туку само како службен јазик или дијалект на бугарскиот, се бара интервенција во учебниците… По сценарио од Софија се провоцираат и фингираат напади врз наводни бугарски граѓани само да се покаже дека во Македонија постои омраза кон Бугарите, со цел целиот преговарачки процес на земјава да се држи во бугарско заложништво и под постојан диктат.
Неодамнешното усвојување на резолуцијата во германскиот Бундестаг со која Германија дава поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и претставува признание на македонската култура, идентитет и јазик, кои, како што се наведува во документот, ќе ја збогатат разноликоста на ЕУ, но и најавата дека слична резолуција подготвува и Франција, ја налутија Бугарија, бидејќи почнува да сфаќа дека ЕУ нема да дозволи спроведување на нечии асимилаторски планови во 21 век, особено не во заедница што е создадена врз основа на почитување на различностите.
Во тој контекст, нималку не е случајна изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој запрашан од новинарот на Бугарското национално радио што ќе се случи ако Македонија до ноември не ги направи уставните измени, рече дека билатералните прашања не треба да се пречка во пристапните преговори и дека нема да бидат обврзувачки.
– С. Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиниот пристап во ЕУ. Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова дефинитивно е неопходна добра соработка и регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизација, за да може да се спроведе процесот на пристапување. Но, билатералните прашања нема да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување – изјави Борел.
Оваа изјава на високиот европски претставник е отворена порака до бугарските власти дека не можат да ја држат во заложништво европската надворешна политика поради лични хегемонистички апетити од 19 век.
Брисел веќе не сака да ја става сопствената надворешна политика во заложништво на бугарските хегемонистички апетити
Поранешниот дипломат Драган Јањатов ваквиот истап на Борел го оценува како исклучително позитивен чекор, но и порака до македонските власти сериозно да се посветат на домашните реформи.
– Одамна беше јасно дека влегувањето на Бугарите во Уставот не е едно барање и дека ќе следуваат и други. Сега на ЕУ очигледно ѝ е прекуглава од однесувањето на Бугарија, реагира и става јасно до знаење дека билатералните прашања не треба да се дел од пристапниот процес. За никого досега не било релевантно тоа и сега Бугарите се очигледно изнервирани, притисокот врз нив расте, развојот на настаните не им оди во прилог и тие со секој гест покажуваат дека нема да застанат тука. Во секој случај, охрабрува изјавата на Борел дека на некој начин Бугарите треба да се доведат во ред – вели Јањатов.
Според него, не треба да се отфрли можноста дека сето ова е поради новите планови на ЕУ, која веќе најавува промена на консензуалното гласање и други внатрешни реформи.
– Има одредено лоби меѓу земјите-членки во ЕУ, кои се на пат да речат „доста е со Бугарија“, оти тоа им ги кочи плановите. Унијата би ги примила и Грузија, и Молдавија, и Украина, но свесна е дека тоа не може да го направи веднаш, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан чекаат 20 години за прием и не би било фер. Затоа се бара некое излезно решение, така што изјавата на Борел и нервозата кај Радев само говорат дека на тој план се случува нешто. Но само тоа не е доволно ако македонските политичари, особено оние што ја водат надворешната политика, не постапуваат мудро и не одиграат како што треба во вакви моменти – посочува Јањатов.
И за дел од домашните аналитичари и познавачи на европските состојби видлива е нервозата кај Радев токму преку писмото што го упатува до европските лидери.
– ЕУ има некаков план околу проширувањето, дали тоа ќе биде унија со прва и втора лига или земји-членки со скратени овластувања, тоа ќе се види во следниот период. По цврстиот став на Брисел и заштитничкиот однос кон Бугарија, сега ЕУ како да ја менува плочата и нема намера да ја доведува целата европска надворешна политика во заложништво на Бугарија, или која било друга земја-членка. Затоа е овој нов наратив од Борел, но затоа е и нервозата кај Радев – потенцираат соговорниците.