Доколку Македонија сега ја прифати контроверзната преговарачка рамка, со вграден првичен услов за уставни измени и нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав, само за почеток на преговорите, тоа ќе значи „обврска да се преговара во менгемето на бугарското вето“, дури и кога таквиот принцип на одлучување би бил укинат во самата ЕУ. Токму ова треба да е сигнал Македонија своите политики и стратегии да ги насочи кон идниот ЕУ-модел на функционирање, кога самата Унија ќе се реструктурира во ефикасен блок. Имено, нема потреба Македонија сега да носи избрзани одлуки, кои утре воопшто нема да бидат потребни, а штетата по националните интереси ќе биде направена…
Македонија своите политики и стратегии да ги пренасочи кон идниот, реструктуриран ЕУ-модел на функционирање
Потребите и барањата во Европската Унија за реформи на концептот на сопствената функционалност се тема за која потивко или погласно се зборува речиси дваесетина години, од мигот на најголемото проширување во 2004 година, кога десетина земји од поранешниот Источен блок станаа нејзини полноправни членки, заклучно со приемот на Бугарија и Романија во 2007 година. Ако на почетокот идеите за потребата од реформи беа засновани на „теоретскиот“ заклучок дека Унијата не може да функционира на ист начин со 12-15 или 27 земји членки, дваесетгодишната практика на „заедничко европејство“ покажа и повеќе предизвици и проблеми отколку што се очекуваше. Клучниот предизвик со кој се соочи ЕУ по големото проширување е (зло)употребата на начинот на консензуално одлучување (практично – право на вето на секоја земја членка), особено за наметнување билатерални прашања, како уцена за Унијата. Таквата практика на злоупотребата на правото на вето од земјите членки на ЕУ во изминативе три децении се покажа како „фатална“ за евроинтеграциите на Македонија.
Германски заложби за укинување на ветото во ЕУ
И самата ЕУ веќе со години се соочува со тешкотии во носењето одлуки во интерес на Унијата како целокупен блок од држави, поради поединечните национални интереси на земјите членки. Во последниов период во самата Унија се интензивира дебатата околу реформата на процедурите за донесување на одлуките на европско ниво кога станува збор за надворешната политика и одбраната. Од друга страна, сѐ поголем е предизвикот на европската безбедност за кој лидерството на ЕУ сѐ појасно се соочува дека е „растргнато меѓу интересите на неевропски сили“.
– Во свет што се менува, Европа ризикува да биде сѐ повеќе растргната меѓу интересите на неевропските суперсили. Ако сè уште сакаме да бидеме сфатени како играч на глобалната политичка сцена во иднина, мора да успееме да зборуваме со силен глас како Европа… Затоа одлуките со квалификувано мнозинство во европската надворешна политика се од суштинско значење, додека опцијата за вето на секоја земја членка ја направи ЕУ ранлива и неефикасна – изјави неодамна Јирген Хард, портпарол за надворешна политика и пратеник на фракцијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.
Германските демохристијани, како најсилна политичка партија во Германија и највлијателна во Европскиот парламент, ова прашање го поставија како приоритет во нивниот нов партиски манифест.
– Постапките за донесување одлуки треба да се поедностават и забрзаат, вклучувајќи и преку мнозинските одлуки во надворешната и безбедносната политика – се наведува во нацртот на манифестот, за кој имаат поддршка од француските колеги во Европскиот парламент.
Француската позиција за независна архитектура на безбедност и контрола на оружјето за Европа
Неодамна и францускиот претседател Макрон изјави дека САД и Русија повеќе не смеат да имаат монопол над одлуките што се однесуваат на европската иднина. Тоа беше своевиден заклучок на неговите претходно искажани предупредувања до Европа да ги зајакне своите одбранбени способности и да се подготви за можноста американскиот претседател Џо Бајден да не успее да го протурка својот буџет за воена помош за Украина преку Конгресот или дека е поразен на претседателските избори од Доналд Трамп подоцна во годината. Макрон повика и на поголема европска соработка и автономија во енергетиката, нагласувајќи дека ако Европа е клучна за запирање на руската победа, САД, преку НАТО, повеќе не смеат да имаат монопол на одредувањето на идните односи со Москва.
– Европа имаше среќа да ја има Америка како партнер, но ние мора да бидеме паметни. Украина е дел од европскиот континент и, што и да одлучи Америка, ние мора да донесеме правилни и храбри одлуки за да ги поддржиме Украина и украинскиот народ – порача францускиот претседател Макрон.
Во своето излагање во Шведска, Макрон ја сподели својата процена дека инвазијата на Русија врз Украина делумно се случи затоа што Европа е премногу слаба геополитички, а стратегиските преговори ги водеа само САД и Русија, оставајќи ја ЕУ исклучена.
– Контролата на оружјето и безбедносните договори што ја засегаат нашата територија беа одлучени од големите сили, а не од Европејците… Нашето учество во Украина не е само да ја спречиме победата на Русија туку да одлучуваме за нашата иднина, бидејќи Украина е дел од нашиот континент… Нема иднина за нас и нашите деца ако не сме во ситуација да изградиме нова архитектура на безбедност и контрола на оружјето во нашето соседство, затоа што тие (САД) едноставно живеат на другата страна на океанот – заклучи Макрон.
Потребна мудра македонска стратегија за новата, реформирана ЕУ
Изјавите на европските лидери и политичари за реформи во контекст на „европската внатрешна интеграција и безбедносна независност“, познавачите на европските процеси ги толкуваат како уште еден аргумент дека ЕУ целосно се посветува на внатрешните реформи и дека процесот на проширување ќе биде ставен на чекање. Таквото „чекање“ ќе трае, сѐ додека не созреат условите Унијата да одлучува без никакви блокади и вета, без надворешни притисоци, особено кога станува збор за приемот на нови членки и во делот на одбраната.
Во процесот на реформирање на Европската Унија, кој очигледно е во тек, македонската позиција на евроинтеграциите се чини дека е заглавена со услови и уцени, кои ќе бидат „надживеани“ како непотребни и непримерни во реформираната Унија. Креираната преговарачка рамка за Македонија од ЕУ, позната како „француски предлог“, освен што е целосно изместување на копенхашките критериуми за проширување, е заснована токму според концептот на консензуално одлучување, односно правото на вето што „ексклузивно“ ѝ се дава на Бугарија во целиот процес на македонските преговори со Унијата. Доколку Македонија сега ја прифати контроверзната преговарачка рамка, со вграден првичен услов за уставни измени и нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав, само за почеток на преговорите, тоа ќе значи обврска да се преговара со „менгемето“ на бугарското вето, дури и кога таквиот принцип на одлучување би бил укинат во самата ЕУ. Дали ова е сигнал и Македонија своите политики и стратегии да ги насочи кон идните европски модалитети на функционирање, наместо сега да носи избрзани одлуки, кои утре воопшто нема да бидат потребни, а штетата по националните интереси ќе биде направена?
– Потребата и приоритетот на Европската Унија од реформи ги најави францускиот претседател Макрон уште пред пет години, на 17 октомври 2019 година, на што Македонија практично беше „првата жртва“, кога по долгогодишното грчко вето го доби француското вето за почеток на преговорите. Тогаш Макрон најави дека проширувањето на ЕУ веќе е ставено на чекање, додека самата Унија не се реформира, што е јасно видливо по овие пет години. Тоа беше миг кога се најавуваше криза на лидерството во ЕУ (заминувањето на Меркел беше во најава), па Макрон ја најави реформата на Унијата, односно влегување во процес што ќе ја направи покомпактна, поинтегрирана, поконкурентна, побрза во одлучувањето, поавторитетна на глобален план. За лидерите во ЕУ е јасно дека овие предизвици не се решаваат со консензуален начин на одлучување во надворешната политика. Така што двете приоритетни точки на реформите на ЕУ се во процесот на политичко одлучување (менување на консензусот со квалификувано мнозинство) и поголема независност во заедничката надворешна политика и безбедност – вели Марјан Ѓорчев, поранешен македонски министер и амбасадор.
Ѓорчев укажува дека процесот на реформите во ЕУ ќе оди во насока на укинување на ветото, но и на одложување на процесот на проширување. Тој смета дека златната ера на проширувањето на Унијата е практично завршена пред петнаесетина години, со приемот на Бугарија и Романија, и дека оттогаш ЕУ е практично во процес на преиспитување на својот вредносен систем. Во таков контекст треба да се слуша и најавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, дека процесот на реформата на процедурите за одлучување во ЕУ треба да се одвиваа паралелно со процесот на преговори за членство на нови земји членки.
Процените на Ѓорчев се дека на Унијата ќе ѝ бидат потребни уште 10-15 години да ги направи своите реформи во политичкиот дел, а проширувањето ќе го насочи во една нова политика на економски детерминизам. Затоа Македонија не треба да избрзува со политички одлуки на штета на сопствениот национален интерес.
– Проширувањето на Унијата е насочено на една нова политика на економски детерминизам. Земјите кандидати, како од Западен Балкан, така и новите од Истокот (Украина, Молдавија, Грузија), се економски неподготвени за влез во ЕУ. Додека ЕУ ги спроведува своите внатрешни политички реформи, за земјите кандидати подготвува преференцијален систем со економски реформи, процес што е повеќестепен и повеќеслоен. Тоа се модалитетите според кои треба да се придружуваме кон ЕУ по економскиот детерминизам. Во таа насока на ЕУ треба да ги бараме модалитетите на нашиот внатрешен македонски реформски процес, кои нам секако ни одговараат. Ние сме земја кандидат и имаме успех во процесот на асоцијација и стабилизација, што ЕУ секако го препознава. Што се однесува на политичките уцени со вето со кои ни се врши притисок, поука треба да ни биде дека и без да го сменевме уставното име на државата, пак ќе стигнеме на истата позиција од евроинтеграциите каде што се наоѓаме сега – вели амбасадорот Марјан Ѓорчев.