По реактивирањето во јавноста на хашките случаи, впечаток е дека засега се дефинираа две насоки на перцепција за пристап и нивен третман. Првата линија е дека само со цврсто легалистичко решение, односно со судско процесирање на четирите хашки случаи, треба да се побара одговорност од сторителите на злоделата, како и командна одговорност, наведени во предметите подготвени од Хашкиот трибунал. Втората перцепција е дека реактивирањето на судските процеси за овие случаи ќе предизвика повеќе политички турбуленции во државата и општеството, пред да биде спроведена правдата, па затоа треба да се остават работите како што се

Предизвик за владеење на правото: Нов политикантски компромис или процесирање за хашките случаи?

Речиси по еден и пол месец откако препораката за процесирање на т.н. хашки случаи во македонското правосудство беше упатена со писмо до македонската влада од комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, таа евидентно предизвика бранувања во политичкиот амбиент, дури и кога некои високи политичко-партиски фактори се обидуваат да го премолчат или игнорираат прашањето. Според согледувањата на политичките аналитичари, таквиот манифестиран однос со игнорирање од партиските чинители во Македонија спрема предизвикот од Советот на Европа најмногу се должи на предизборието и предизборните коалициски калкулации, и покрај фактот дека во хашките случаи станува збор за воени злосторства против цивили што не застаруваат.

Двете опции за развој на настаните врзани за хашките случаи

Во дебатата во медиумите, независните интелектуалци, политички аналитичари, правници и неколку активни политичари некако дефинираа две перцепции на веројатност за тоа како македонската држава би пристапила кон продолжување на третманот кон хашките случаи.
Првата линија е дека само со принципиелно легалистичко решение, односно со судско процесирање на четирите хашки случаи, треба да се побара одговорност од сторителите на злоделата, како и командна одговорност, наведени во предметите подготвени од Хашкиот трибунал.
Втората перцепција е дека реактивирањето на судските процеси за овие случаи ќе предизвика повеќе политички турбуленции во државата и општеството, пред да биде спроведена правдата, па затоа треба да се остават работите како што се. Нерешени и во историјата.
Тогаш, легитимно се поставува прашањето како Македонија ќе го докаже својот капацитет на владеење на правото и постигнување правда за цивилните жртви од конфликтот во 2001 година. Ќе остане ли засекогаш значителен сомнеж во капацитетот на македонското правосудство да донесе јасна пресуда за одговорноста за извршените злосторства против човештвото?!

Хајредини: Мијатовиќ ќе се договори со домашните политички елити

– Јас не мислам дека ќе се развијат настаните околу хашките случаи. Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права при Советот на Европа, најавила дека ќе дојде во Македонија. Имам чувство дека кога ќе дојде тука и ќе се договорат со домашните политички елити, таа ќе се повлече од препораката за процесирање на хашките случаи. Ќе најдат некој компромис. За процесирање на хашките случаи не треба да се замислат само тие од албанската страна. Треба да се замислат и Ковачевски, и Заев, и сите… Во овој момент пред избори, ако дојде до поголеми турбуленции во овие два-три месеци: бегање од влада, растурање коалиции… тоа до каде ќе нѐ одведе?… И во 2015 година имавме таква ситуација. Дојдоа од меѓународната заедница божем да ја решат кризата и се направи Пржинскиот договор. Се направија промени, но кризата продолжи и се продлабочи – ги изнесе во една медиумска дебата своите аналитички претпоставки поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Трајанов до Уставниот суд:

Да бидат отстранети правните пречки за процесирање на хашките случаи во
македонското правосудство!

Конкретна иницијатива во насока на спроведување на препораката за укинување на автентичното толкување на Законот за амнестија, упатена од комесарката за човекови права при Советот на Европа, засега е онаа од партијата Демократски сојуз, односно од нејзиниот лидер Павле Трајанов до Уставниот суд. Во иницијативата до Уставниот суд се бара да бидат отстранети правните пречки за процесирање на хашките случаи во македонското правосудство, односно да биде оценета уставноста на автентичното мислење на Законот за амнестија од 2011 година.
– Ја поддржувам препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа за правно процесирање на хашките случаи за воени злосторства извршени врз цивили во оружениот конфликт во Македонија, од 2001 година. Ние мора правно да расчистиме со злосторствата од минатото, за да можеме да градиме заедничка иднина. Правната аргументација за активирање на судските процеси за овие случаи се во Женевската конвенција, според која, воените злосторства против човештвото никогаш не застаруваат и врз таа основа Уставниот суд треба да ги отстрани правните пречки, како што е автентичното толкување на Законот за амнестија (кој не ги опфаќа тие случаи) – вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
Во контекстот на хашките случаи, Павле Трајанов потсетува дека Хашкиот трибунал имал двојни стандарди за воените злосторства извршени во Македонија за време на оружениот конфликт во 2001 година. Од трибуналот беа процесирани случаите со злосторство врз цивили и осудени сторителите, припадници на легитимните одбранбени сили на државата, која имаше право да се брани. Но злосторствата со иста тежина, извршени од паравоените формации, кои ја нападнаа државата и нејзините институции, со јасно изразени територијални претензии (искажани во првите пет соопштенија на ОНА), трибуналот одлучи да ги врати да бидат процесирани во македонското правосудство, уште во 2008 година.
– Проблемот што Хашкиот трибунал не ги осуди тие злосторства извршени од паравојските на ОНА и што ние во Македонија не успеавме да постигнеме правна судска разврска е во тоа што тие почнаа да ни се повторуваат. Па десетина-петнаесет години по 2001 година ни се случија злосторството со пет цивилни жртви кај Смилковско Езеро и упадот на терористичка група од Косово, која ја предизвика полициската акција Диво Насеље кај Куманово. Еден нерасчистен преседан, кој кај граѓаните остава перцепција дека некој дошол на власт со оружје – може да се повторува додека во општеството постои свест дека тоа може да помине неказнето. Нема што да се преговара и да се бараат некакви компромиси за спроведувањето на препораката од Советот на Европа за процесирање на хашките случаи. Државата треба да реагира, како што реагира секоја правно поставена држава. Таков вид злосторства против човештвото, какви што се опфатени во хашките случаи, не можат да бидат амнестирани со автентично толкување на законот, дури и од Собранието – вели Павле Трајанов.


Иван Стоиљковиќ – претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, за македонските хашки случаи

– Во целиот случај што една меѓународна организација како Совет на Европа го поставува како предизвик пред Македонија (и земјите од регионот на Западен Балкан) за расчистување со насилствата и злосторствата од минатото, главното прашање е дали некој од меѓународната заедница има сериозна намера да спроведува правда! Или оваа препорака од комесаријатот за човекови права при Советот на Европа е уште еден обид на меѓународните институции да ја изменаџираат состојбата, односно да најдат начин како да ја тргнат одговорноста за неспроведената правда од своите раце? Од сите реакции во политичката јавност во Македонија по препораката за активирање на хашките случаи, забележливо е дека има сомнежи во капацитетот на правниот систем да ја спроведе правдата, но уште повеќе дека нема политичка волја да се спроведе процесот. Не е јасно ни колку е сериозна меѓународната поддршка, па голема е неизвесноста дали воопшто ќе биде спроведена правдата за жртвите од воените злосторства. Меѓународната заедница има голема одговорност во спроведување на таа правда, зашто целиот процес во минатото беше под нејзина контрола и под нејзин надзор. Останува голем простор за сомнеж дека истата таа меѓународна заедница ќе си ги измие рацете, дека не постојат услови во домашното правосудство да бидат процесирани случаите, а Хашкиот трибунал е деактивиран – вели Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократска партија на Србите во Македонија.


Аднан Ќахил – претставник на турското малцинство во Македонија, за македонските хашки случаи

– Мирот и стабилноста на граѓаните на Македонија секогаш се приоритет. Препораката на Советот на Европа за реактивирање на хашките случаи во македонското правосудство можат сериозно да ја дестабилизираат таа придобивка во македонското општество, постигната по конфликтот во 2001 година. Кога такви препораки стигнуваат од Советот на Европа, како меѓународна институција, секако дека има подобар механизам да ја спроведе бараната правда според принципите на меѓународното право и да не става такви предизвици пред македонската држава и нејзините граѓани. Јасно е дека процесирањето на хашките случаи би довело до дестабилизација на повеќе нивоа во Македонија, особено пред избори. Ако ЕУ и нејзините институции имаат моќ да наметнат некаков „француски предлог“ за Македонија, секако имаат моќ и механизми да спроведат правда за случаи на злосторства, кои не застаруваат од позиција на наднационални правни организации. Од досегашните искуства со меѓународната правда, видовме дека европските институции имаат механизми за влијание и постигнување решенија, но не сакаат да ги употребат, барем кога станува збор за Македонија – вели Аднан Ќахил, политички претставник на турското малцинство во Македонија.


Меѓународната заедница има одговорност и механизми да ги процесира хашките случаи

Хашките случаи претставуваат остатоци од непроцесирани, незастарени, инкриминирани дела со поголем обем, со незавршена правда во Македонија, за воени злосторства врз цивилно население во оружениот конфликт од 2001 година. Хашкиот трибунал за воени злосторства на територијата на поранешна Југославија, обидувајќи се да го тестира капацитетот на македонското судство, во 2008 година ги врати да бидат процесирани во македонското судство четирите предмети, со препорака да се постапи објективно и според материјалните докази да се казнат извршителите на воените злосторства на територијата на Македонија. Тоа се предметите: „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Гробница во Непроштено“, „Затворањето на Липковската брана“. Овие случаи од неразумни политички причини, ставајќи ја политиката над судството и правдата, беа ставени ад акта во македонското судство во 2011 година, со некакво автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година. Но меѓународното право апсолутно не дозволува застарување на ваква форма на извршување кривични дела.
И покрај избегнувањето на поголемите политички чинители во Македонија да го искажат својот став за препораката од Советот на Европа за расчистување со насилствата и злосторствата од минатото, одредени партиски субјекти (Левица) најавија дека постизборното коалицирање за формирање влада ќе го условат токму со реактивирање на хашките случаи. Ваквата препорака од комесарката за човекови права при Советот на Европа, во Македонија пристигна во политички „високонапонски“ период пред претседателски и парламентарни избори, па потенцијалните учесници во изборниот процес се обидуваат да го игнорираат овој предизвик од една меѓународна институција. А додека дојде времето кога кандидатите и на претседателските и на парламентарните избори ќе одговорат на прашањата за активирање на хашките случаи, со свој став се јавија претставниците на помалите малцински заедници во Македонија.