Никако да не дозволиме најавуваниот процес за реорганизација на администрацијата и овој пат да биде „истрел во празно“ или, уште полошо, да ја блефираме европската влада дека посветено работиме на нејзината забелешка за длабоки реформи во администрацијата. Ако одиме по пристапот што нема да го реши суштинскиот проблем, односно нема да ја реши превработеноста во административниот сектор, а потоа да се работи интензивно внатре на здрава изградба на мерит-системот, сето тоа однапред нѐ осудува на „лет во место“, а за Македонија како држава тоа е веќе неодржливо
Вистински, а не палијативни решенија за реформа на администрацијата
Проблемот со крупната и неефикасна администрација продолжува да биде нерешлива енигма (за секоја власт) во оваа држава. Но последните години, таа појава достигна такви размери што и Европската комисија во неколку последователни извештаи за напредокот на земјава јасно ни става до знаење дека плафонот е достигнат и дека е потребна рационализација на администрацијата.
Во таа насока е и пилот-постапката за реорганизација во рамките на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија. Според нивната долгогодишна сондажа и подлабока анализа, први треба да бидат реорганизирани вработените во Министерството за информатичко општество и администрација, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Министерството за економија.
Однадвор поттик за реформи, внатре анемична политичка волја
Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, свесен за овој проблем во државниот апарат, подготвено ја пречека и прифати иницијативата, а и пилот-постапката за реорганизација во рамките на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија. Меѓутоа, решителноста на надворешните фактори да помогнат ефикасно да се спроведе постапката, тој ја амортизира со една чудна политичка изјава, која реално навистина ја еродира внатрешната владина политичка волја да се спроведат потребните реформи.
– Вработените ќе бидат трансферирани. Со реорганизација нема ниту еден вработен да биде отпуштен од работа, бидејќи особено во централната власт ние имаме дефицит на вработени, така што можно е да има прераспределба, но вработените ќе останат. Ќе има директори што денес се директори, а во 2024 година таа институција ќе нема директори – најави министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Со кажаново, министерот остави впечаток како со умисла да ја измести од „центарот на целта“ поентата на реорганизација на администрацијата. По неговата изјава, како да се измести тежиштето на реформата решавање на превработеноста во државниот сектор, односно вака, според познавачите на прашањата поврзани со државната управа, нема да се реши суштинскиот проблем.
Тоа значи дека сите оние што досега работеле во некои агенции, секретаријати и слично, со реорганизацијата ќе бидат префрлени во разни одделенија на министерствата, но повторно со платите и придонесите ќе останат на товар на државниот буџет, што за земја како Македонија веќе е неодржливо.
Најдобар пример дека реорганизацијата без кастрење на вишокот административци е однапред осудена на пропаст е обидот дел од администрацијата да се префрли во приватниот сектор. Тогаш ниту административците ниту, пак, приватниците не беа заинтересирани за ваков трансфер. Едните не сакаа да се одвојат од сигурната работа и плата, другите не сакаа нестручен кадар што со години ништо не работел.
Тоа се потврди пред извесно време, кога започна процесот на префрлањето на рамковно вработените, кои со децении седеа дома и земаа плата и сега требаше да бидат прераспределени во разни агенции, министерства, претпријатија и конечно да почнат да си ја заработуваат платата. Некои од нив се појавија на работа, некои останаа дома да чекаат поубава понуда, иако и натаму се на државниот платен список.
Нема реорганизација без кратење на бројот на административците
Токму горенаведените примери даваат јасна слика за суштинскиот проблем, дека со над 130 илјади административци ниту една реорганизација нема да биде ефикасна и дека ова што сега се најавува нема да биде ништо друго туку само, народски кажано, уште едно претурање од шупливо во празно.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека целата работа со наводната реорганизација на администрацијата е само обична претстава за ЕУ.
– Ова нема никаква врска со реорганизација на администрацијата. Очигледно некој само си прави весела математика. Тоа што го зборува министерот, тоа е далеку од вистинска реформа. Најверојатно станува збор за спојување на неколку инспекторати и директорати, некои директори и членови на управни одбори ќе останат вишок и тоа е идејата за наводната реорганизација. Тоа не е вистинско, туку палијативно решение, кое е со цел само да се замае ЕУ дека, еве, работиме нешто – вели Давитковски.
Според него, кога станува збор за вистинска реформа на администрацијата, тоа подразбира сериозен пристап на сите општествени чинители.
– Ако сакаме вистинска реформа на администрацијата, тоа подразбира изработка на сериозен проект, со една вистинска стратегија, акциски план како да се спроведе таа реформа, каде што и опозицијата и позицијата треба да имаат согласност да се сменат законите и да се започне со реформата – појаснува професорот Давитковски.
Тој понатаму уште додава дека реформата мора да вклучува и намалување на бројот на вработени во администрацијата, а не нивно префрлање од едно на друго место.
– Сè што е превработено, особено оние што се за во пензија, тие треба да си заминат. Од друга страна, министерот вели дека вработените ќе останат. Па, како ќе останат кога има човечки ресурси што ги водат стоматолози, музиколози, хемичари? Ова не е добро – категоричен е Давитковски.
Македонија има одличен модел во примерот од словенечкото искуство
Професорот Давитковски понатаму уште потенцира дека Македонија, наместо вакви таканаречени реорганизации, кои не се никакво решение, треба да го следи примерот на Словенија за тоа како оваа земја се справи со прекубројната администрација.
– Словенците, вклучувајќи ги и позицијата и опозицијата, преговараа и се договорија со синдикатот, направија конкретни планови и рекоа сè што е природен одлив ќе си оди во пензија, тие места нема да ги пополнуваме и бројот на вработени во администрација во Словенија 30 години е ист, затоа што имаат договор што го почитуваат сите. Кај нас секоја власт што доаѓа ја зголемува бројката на административци за 30 илјади, што официјално, што со договор на дело итн. Администрацијата стана толку партизирана, што тоа нема да нè доведе никаде. Единствен спас е да почнат преговорите со ЕУ, па евентуално тие да почнат да ни ја кратат администрацијата. Тогаш ќе видиме како политичките партии на своите лепачи на плакати ќе им кажат дека треба да си одат – констатира професорот Давитковски.
И првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека оваа реформа ни оддалеку нема да ги реши наталожените проблеми, особено не на начинот на кој е замислено да се изведе.
– Добро е што е најавен почетокот на реорганизацијата на јавната администрација, но ова што се планира сметам дека е премалку и пребавно. Имено, ќе почне како пилот-проект во три министерства, иако идејата со овој проект (финансиран од ЕУ) беше да има целосна реорганизација. Исто така, загрижува најавата дека ќе нема намалување на администрацијата, туку само преместување од една во друга институција – вели Кржаловски.
Според него, бројката на вработени во јавната администрација е преголема и со најавената реорганизација овој проблем не се решава.
– Иако има теории и заговорници на идејата/логиката дека наводно и не е голем бројот на вработени во јавната администрација споредено со просекот во ЕУ, јас лично сметам дека и тоа како е преголем (всушност, уште кога дојде на власт премиерот Заев најави намалување за 20 отсто, а всушност и тој ја зголеми) и уште повеќе дека е исклучително неефикасна (една по една престануваат да се извршуваат и елементарните функции, а и тие се прават непрофесионално и со многу грешки… од издавање документи од матичната евиденција, пасоши, па натаму – секојдневни скандали). Една од причините за тоа и неказнивоста (нема страв од деградација на работното место или негово губење поради слаби перформанси) и со тоа никакво чувство на одговорност за работата што ја извршуваат административците. Секако, тоа потекнува од партизацијата и трупањето партиски кадри таму, во голем број случаи целосно некомпетентни за потребните позиции – заклучува Кржаловски.