Фото: Архива

Во услови кога Македонија веќе три години е блокирана од страна на Бугарија во обидот да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, несомнено иницирањето на една слична независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право, но со потпишувањето на Договорот за соработка и добрососедство, Македонија едноставно сама си ги одзела правните алатки за ваква борба

ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ (ОН) ЌЕ ИСТРАЖУВААТ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО ВО УКРАИНА, А ЗА МАКЕДОНИЈА?

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за време на неодамнешната посета на Русија, истакна дека е потребна независна истрага, која би требало да покаже дали е прекршено меѓународното хуманитарно право во Украина, што е јасна потврда дека ОН бараат начини како да ја вратат улогата на чувар на меѓународното право, која ја загубија пред повеќе години дозволувајќи им на помоќните држави произволно и самоволно да го толкуваат правото и преку редица правни преседани да ги остваруваат своите геостратегиски и други интереси.

Иницирање независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право, но…

Токму оваа нова ангажираност на генералниот секретар на Светската организација ја наметнува дилемата дали ОН конечно сфатија кон што се движи светот ако не се почитува меѓународното право и почнаа да преземаат чекори во насока на превенирање, или, пак, поведуваат некакви иницијативи само за да ја смират светската јавност, која со право реагира на нивната пасивност со децении.
Во услови кога Македонија веќе три години е блокирана од страна на Бугарија во обидот да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, несомнено иницирањето на една слична независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право, но со потпишувањето на Договорот за соработка и добрососедство, Македонија едноставно сама си ги одзела правните алатки за ваква борба.
Токму на тоа укажува универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев.
– Не можеме да побараме од ОН некаква независна истрага за прекршување на меѓународното право, слично на она што се најавува за Украина, бидејќи веќе потпишавме договор со Бугарија и сме се обврзале да го почитуваме и спроведуваме. Веќе имаме правни обврски што мора да ги почитуваме. Ако поведеме таква иницијатива за истрага околу прекршување на меѓународното право во нашиот случај, од ОН ќе ни биде посочено дека ние сами сме потпишале договор и во тек се преговори што произлегле од тој договор, па затоа нема основа да се прави никаква истрага за какво било прекршување на меѓународното право – вели Јанев.
Тој цврсто опстојува на својот став дека единствено решение за Македонија е да ги раскине договорите со Бугарија и со Грција и тогаш од ОН да побара да го продолжи членството под името Република Македонија.
– Единствено решение е еднострано да го раскинеме Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, како и оној со Грција. Потоа да ги информираме ОН дека го продолжуваме членството под уставното име. Во тој случај, ако ги раскинеме договорите, нема потреба да бараме иницирање какви било истраги од страна на независни тела на ОН, бидејќи самите сме се вратиле на основите на меѓународното право и нема потреба ништо понатаму да се утврдува и истражува – категоричен е професорот Јанев.

Бугарските барања се спротивни на сите прокламирани европски вредности, принципи и начела, дали и грчките беа такви?

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека проблемот меѓу Македонија и Бугарија е политички и во таквите случаи правото е немоќно, за разлика од случувањата во Украина, каде што има воени дејства и каде што ваква истрага може да даде резултати.
– Сите прашања околу воените дејства во Украина подлежат на истрага и анализа од аспект на меѓународното хуманитарно право. Но проблемот помеѓу Македонија и Бугарија е политички проблем, па тука правото е немоќно – констатира Боцевски.
Тој се согласува дека ова што го прави Бугарија е надвор од секаква меѓународна правна логика и некакви европски критериуми и принципи, но сето тоа е со амин на Европа.
– Да, бугарските барања се спротивни на сите прокламирани европски вредности, принципи и начела, но зарем не беа и грчките барања целосна антитеза на современата европска интеграција, па никој во Европа воопшто не се потресе. Прашањето на отпор кон овие неразумни барања е прашање на зрелост на нашето општество – истакнува Боцевски.
Тој уште изразува надеж дека Македонија научила нешто од болното искуство со Преспа и дека навреме ќе биде спречено втурнување на земјата во нова национална катастрофа.