Млад човек, силно надоен со прогресивните идеи, кои во почетокот од дваесеттиот век почнуваат да виреат во Европа. Наспроти тоа, во период на мрачни политички турбуленции присутни на Балканот, младиот оди во Софија, Бугарија, со надеж да се сретне со својот идеолошки и политички идол Ѓорче Петров за кого и со кого целосно би се посветил за остварување на идеите што нудат подобро утре.
Сигурно судбината или вештите политички игри го насочуваат младиот во погрешна насока и наместо средба и работа за визиите на Ѓорче Петров, младиот е втурнат во мрежата на големите заговори и политички измами многу присутни во тоа време во Бугарија, насочени против сѐ што е македонско.
Младиот изманипулиран и под голема заблуда го убива својот идол Ѓорче Петров.
Драмскиот текст на Коле Чашуле, „Црнила“, ги отсликува токму ваквите морбидни настани, кои, за жал, беа честа појава во нашата драматична и трагична историја.
Пред шеесетина години текстот на Чашуле е екранизиран во режија на Бранко Гапо со наслов „Денови на искушение“, иако кога би се направил „римејк“ овој текст тоа го заслужува бидејќи, според моето длабоко убедување, нема поголема човечка трагедија од тоа со големи измами и манипулации да стрелате и да ја убивате сопствената иднина и надеж. Тоа е кога црното ќе се постави во самото црно од што се губат сите позитивни одредници! Но тоа е друга приказна.
Романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски исто го носи белегот на црното, во овој случај за црното семе – според властите на Грција, кои владееја за време Граѓанската војна во Грција, потпомогнати од странски сили, кои, за жал, и денес се активни. Тие здружени ја остварија умислата, дел од грчкото општество што се бореше за поправично утре да биде суден и однесен на робија по островите на Егејот, како Макронисос (Далечен Остров). Таму, овие луѓе под топлото сонце кршеле и носеле камења за непотребното, односно за апсурдното. За црнилата да бидат уште поцрни, денес островот Керкира е преименуван во Крф и претворен во монденски туристички центар, нешто што е белег на современиот свет и кој ги надминува сите историски настани и случувања што можеме да ги третираме како логични и разумни!
И „Црно семе“ е екранизирано во режија на Кирил Ценевски како култно филмско дело во доменот на играниот филм, кое ја најави таканаречената егејска тема.
Денес кога Македонија ја води фаталната битка за пристојно место под сонцето сакам да верувам дека демократска и прогресивна Македонија ќе најде сили да ги преброди сите црнила што ни ги оставија „пријателите“ и тие што ни се помалку пријатели, да не кажам непријатели. Актуелната власт добро ги знае таквите состојби, па се наметнува прашањето зошто по која било цена сака да им ги исполни барањата на другите наместо на сопствениот народ? Причина сигурно има, но која и да е, нивната одговорност за неправда не може да се намали, уште помалку да испари.
По сите историски премрежиња, денес дејствуваме како полигон за политички искушенија, па така, едни дејствуваат однадвор други однатре. Важни политички личности однадвор нѐ убедуваат дека по отворањето на Уставот, Бугарија нема што друго да побарува, освен тоа што е запишано во договорот меѓу двете земји. Проблемот е во тоа што од оваа страна никој не знае што нашите политички фраери потпишале во договорот. Ако ги задоволиле сите побарувања на Бугарија што друго таа би посакувала кога сѐ ѝ е сместено во договорот! Имајќи го лошото искуство со фраериве, кои се склони кон простачки измами, може да ни се случи за јазикот да е договорено, за Гоце исто така, дека во Бугарија нема македонско малцинство и така сѐ по ред, за на крајот во дослух со странски дипломатски фаланги целосно и колективно да нѐ сместат во современите политички црнила во кои ќе станеме непрепознатливи и изобличени без сопствена историја, култура, традиција и јазик.
Така дејствуваат тие однадвор. А овие однатре се посуптилни и ни кажуваат, знаете во името на добрососедството тоа Црнилата на Коле Чашуле и Црното семе на Ташко Георгиевски извадете ги од образовната програма, не чини за самите деца да учат дека некогаш умните соседи употребувале и такви нехумани методи! И така нашиве, трчајќи, ќе прифатат веднаш!
Или ако нештата не одат подмачкано, министерот за надворешни, господинот Бујар Османи, ќе ја повика дипломатската фаланга од ситни земји-членки на ЕУ, може и некоја поголема, кои ќе ни одржат лекција за разумно однесување и дека ова е последно од последното! Тоа во ЕУ така се прави, а министерот Бујар за крај ќе ни посочи и закана дека никој, ама баш никој во иднина нема да може од овој договор да отстрани ниту запирка или точка! Види каква драма со црно во црно!
За наша среќа е тоа што нашиот министер за надворешни е со кратко паметење и заборава дека кога шета низ Европа и светот тој ги троши парите на граѓаните на Република Македонија и тие, односно ние можеме да отстраниме не само точка или запирка туку и целиот договор, наводно, поддржан од дипломатската фаланга од ЕУ!
Ете како во кратки ликовни и јазични црти изгледаат балканските црнила, кои, за жал, многу често претставници од ЕУ не можат или не сакаат да ги видат и реално да ги проценат. До 18 август од оваа година нѐ очекуваат бурни црни денови, кои сакаат да ни ги истурат некои наши домашни и некои странски „пријатели“.
Коле Манев