„Ние мислиме дека народите сами треба да се остават на својата добра волја, да ја определат својата националност, а не да станува тоа врз основа на некакви историски традиции или ултрапатриотски побуди. Автономисти по убедување, ние сакаме Македонија да биде за Македонците“ е истакнато во весникот „Револуција“, орган на младите револуционери, со девизата „Ослободувањето на Македонија ќе биде дело на самите Македонци!“
ПОВОД: 93 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ВАСИЛ ГЛАВИНОВ
Васил Главинов во нашата национална меморија е запаметен како првиот македонски социјалист и организатор на работничкото движење во Македонија, но тоа не е неговото единствено значење. Кон крајот на 19 век, кога Македонците како народ немаа никакви политички права и кога дејствуваше силна асимилаторска пропаганда на Софија, Атина и Белград, околу Главинов се создаде идеолошко јадро со јасни македонски позиции. Идеолошките определби на овој македонски деец јасно се образложени во едно негово писмо од 1895 година, во кое можеме да прочитаме: „Македонците не сакаат присоединување кон никого, да остане за себеси, Македонија за Македонците.“
Македонската работничка социјалистичка група (МРСГ)
Во 1887 година, Васил Главинов пристигнал во Бугарија и се нашол под влијание на социјалистичките идеи. Во 1892 година учествувал во дејноста на работничкото друштво „Братство“, основано во Софија од студенти и работници. Тука Главинов, заедно со своите истомисленици, ја основал Македонската работничка социјалистичка група, која започнала самостојно да развива пропагандна дејност и со таа намера еден дел од нејзините дејци заминал во Македонија. Во 1894 година, Главинов двапати ја посетил Македонија и во својот роден град Велес го основал првото работничко просветно друштво во Македонија. Главинов донел и социјалистичка литература, која ја растурал, а друштвото во Велес послужило и како пункт за понатамошно ширење на левичарската пропаганда во Македонија. Меѓу членовите биле: Трајко Христов, Ризо Ризов, Ив. Х. Пандов, Г. Крајничанец, Славејко Бачев, Д. Дојчинов, Ил. Голи Стојанов, Плавев и други.
По враќањето на Главинов во Софија биле преземени мерки за организациско зацврстување на МРСГ, а било засилено и испраќањето на левичарската литература во Македонија преку создадените канали. Во овој период во работата на групата учествувале Никола Карев, Никола Петров Русински и др.
Во своите мемоари, Димитар Влахов за дејноста на МРСГ истакнува: „Ние, Македонците социјалисти се собиравме одвреме-навреме во дуќанот на Васил Главинов. Тој имаше столарска работилница. Кај Главинов главно се собираа Македонци социјалисти, кои не беа студенти. Тие беа во контакт со Бугарската социјалистичка партија. Тие Македонци ја симпатизираа левицата во таа партија“.
Според Алексо Мартулков, во работилницата на Главинов се наоѓале клубот на Македонската социјалистичка револуционерна група и администрацијата на весникот „Револуција“, една библиотека и сѐ што се однесувало на дејноста на групата. Алексо Мартулков исто така вели дека групата била составена од разнородни луѓе, а нејзини членови биле: Стојан Русев – редактор на „Револуција“ (според Мартулков во него немало ништо социјалистичко; тој поскоро бил нешто како анархист од свој род), Атанас Раздолов (тој поскоро бил народник и го привлекувала секаква посензационална акција), Димитар Мирасчиев (симпатизер социјалист, стопроцентен националреволуционер), Стојан Попов-Чичото (социјалистичките идеи го обземале во извесен период, за да исчезнат во друг), Роза Попова (жена на Стојан Попов), Андон Шулев (кој се вратил од Швајцарија). Подоцна во редовите на групата се нашол и Наум Томалевски, кој соработувал со Александар Антонов, Васил и Лазар Главинови, Н. Гусинов и др. Во овој период, Пејо Јаворов го редактирал „Дело“ заедно со Антонов, а Наум Томалевски им помагал.
Идеологија на македонските социјалисти
На 28 јуни 1895 година излегол првиот број на весникот „Револуција“, со подзаглавие Орган на македонските револуционери, и била објавена програма на групата околу Васил Главинов. Во статијата „Нашата програма“ било забележано дека за да востание народот во Македонија, пред сѐ треба да биде подготвен и обучен. Условите налагале систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што при срце го имаат ослободителниот идеал. Затоа излегол весникот „Револуција“, кој ќе биде орган на сите млади револуционери, а девизата ќе биде: „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање една „независна македонска република“. Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе подготвиме почва за создавање една „слободна и независна држава“.
Македонската социјалистичка група својата идеологија многу појасно ја образложува во „Програмата на македонските револуционери социјалисти“, објавена во првиот број на „Политичка слобода“, која започнала да излегува како орган на македонските револуционери социјалисти. Во неа било истакнато: „Ние мислиме дека народите сами треба да се остават на својата добра волја, да ја определат својата националност, а не да станува тоа врз основа на некакви историски традиции или ултрапатриотски побуди. Автономисти по убедување, ние сакаме Македонија да биде за Македонците. Кога излегуваме од сопствените македонски интереси, ние истовремено нема да останеме глуви кон прогресивните општествени струи во другите земји. Кај нас ќе најдат отклик работничките движења како на Западна Европа, така и на Бугарија, Србија, Грција и на други места“. Д.Ст.