Фото: Маја Јаневска-Илиева

Човекот не е суштество што е создадено да води себичен живот, живот во кој смислата би била само да се задоволат сопствените потреби. Нашиот живот добива смисла кога ќе прифатиме дека живееме во согласност со моралните принципи, кога му даваме помош и утеха на оној на кој му е потребно тоа. Време е да се врати хуманоста, таа не е непозната на овие простори…

Македонската политичка сцена сѐ поретко забележува гестови на хуманост

Во време кога светот се соочува со предизвици како никогаш досега, надежта за луѓето дека ќе се исполни очекуваното подобро утре во голема мера е и хуманоста. Меѓутоа, очигледно е дека таа особина сè помалку е присутна меѓу луѓето, особено кај оние што се наоѓаат на некаква јавна функција и кои со личен пример најмногу можат да покажат и докажат дека, сепак, постои голема веројатност за подобра иднина и лидерство што води кон тоа. Меѓутоа, евидентно е дека политиката и политичарите создадоа еден нов свет, во кој токму хуманоста во последно време не е на цена. Многу е жално што во тој нов свет, никој не ги гледа обичните луѓе и нивните потреби, туку само интересите и профитот.

Наместо да е матрица за политичарите, хуманоста станува раритет

Малите проблесоци на таква хумана димензија меѓу политичарите се доживуваат како раритет и како „нешто на кое сите се чудат“, наместо тоа да стане матрица според која треба да се однесува секој политичар.
Еден таков пример за хуманост даде поранешниот уругвајскиот претседател Хозе Алберто Пепе Мухика, кој го доби епитетот најсиромашниот претседател на светот. Тој, како претседател на Уругвај, живеел во својата селска трособна куќа, недалеку од Монтевидео, на работа одел со својата стара „буба“, а кога таа ќе се расипела, одел и пеш. Претседателскиот плац им го подарил на бездомници во Монтевидео, а 90 отсто од неговата претседателска плата давал во хуманитарни цели. И со тоа не се фалел, дури и никој не знаел.
– Тоа што сум јас претседател не треба да се сменам и да заработувам повеќе отколку што ми е потребно. Јас чувствувам должност дека треба да помогнам, тоа не е жртва, тоа е чувство на должност – изјави своевремено Мухика, кажувајќи ја сета мудрост за хуманоста што треба да ја поседуваат политичарите и високите државни функционери ако сакаат народот да им верува и да ги почитува.
За жал, во овие три децении самостојност на Македонија не се роди ниту еден вистински Мухика, туку се изродија многу функционери што во име на ветувањата за некакви повисоки цели и подобар живот заборавија на народот, возејќи се наоколу во скапи возила, уживајќи во виенските балови, скијајќи во ски-центрите во Австрија, Италија, Швајцарија, купувајќи луксузни вили наоколу… И додека го прават тоа, во меѓувреме од сите страни пристигнуваат апели за помош на болни деца, младинци, кои единствената надеж за живот ја гледаат во хуманоста на обичните граѓани, кои секогаш одвојуваат понекој денар и од оној мал скромен буџет што го имаат.
Токму на таа есенцијална хуманост заборавија политичарите, да даваат и кога не ги снимаат камерите, да дадат од срце, затоа што сакаат да помогнат да се спаси нечиј живот, да се стопли нечиј дома, да се израдува некое дете… Таа хумана солидарност на македонската политичка сцена никогаш искрено не се изроди, туку се манифестираше само како еден вид протоколарна хуманост, најчесто при трагични настани, кога им се даваа парични средства на семејства на настрадани во некои несреќи, за некоја опожарена куќа, при поплави и други непогоди, во пресрет на некој меѓународен ден, празник и слично.

Чуму донацијата ако народот не го види тоа?!

„Хуманоста“ на домашните политичари најчесто се изразува исклучиво со буџетски средства и секогаш овековечена преку објективите на медиумите. Нашите соговорници со доза горчлив хумор парафразираат една поговорка, која вели „чуму донацијата ако народот не види дека политичарите го одврзале ќесето и му помогнале некому“.
– Нивото на развој на демократијата кај нас го подразбира исклучиво начинот некој да се пофали со тоа што го направил. Западните системи го презираат тоа и гледаат со доза на непријатност на тоа. Ако политичар на Запад самиот ја истакнува таа своја хумана димензија, повеќе ќе изгуби од сопствениот рејтинг отколку што ќе добие. За неговите хумани дела треба да говори некој друг, а не самиот да нагласува дека направил нешто, донирал пари и слично – вели социологот Илија Ацевски, анализирајќи ја присутноста на хуманоста на македонската политичка сцена.
Навраќајќи се назад низ своите сеќавања, Ацевски додава дека навистина не може да се сети на македонски политичар во изминатите три децении што вистински ја покажал својата хуманост, без претходно да направи калкулации каква бенефиција ќе има од тоа.
– Не знам дали кај нас проработува тоа вистинско хумано чувство кај политичарите. Тие одвреме-навреме ќе дадат некои буџетски пари наводно за хумани цели, но ретко некој ќе направи некаков гест со лични средства без да го промовира тоа маркетиншки. Ќе изгори некоја куќа, веднаш тој што е градоначалник брзо ќе дојде и пред телевизиите ќе најавува донации. Народот тоа го доживува како тој од џеб да извадил пари. Она што е сигурно, тоа е дека кај нашите политичари тој хуман момент постои само кога се одвојуваат буџетски средства. Никој од нив нема да извади пари од свој џеб и да му помогне некому. Лично мислам дека политичарот може многу повеќе да направи, односно тој може да создаде амбиент на едно микрониво за помош на луѓето на кои тоа би им било најпотребно, со што, секако, ќе ја мотивира и пошироката заедница да се вклучи во таа хуманитарна акција – појаснува Ацевски.
За него позитивен чин би било дел од високите плати на политичарите, особено на оние што се добро ситуирани и на кои егзистенцијата не им зависи од пратеничката или министерската плата, да дадат за хуманитарни цели, по примерот на уругвајскиот претседател Мухика.
– Добро би било и кај нас да се види таков пример, кога некој политичар ќе одвојува од својата плата за некое болно дете, за некоја народна кујна или слично. Сепак, сметам дека кај нас сè уште не се созреани условите да се изгради едно хумано политичко однесување како на Запад. Нашиве околности се поинакви и потребно е подолго време да се изгради една таква атмосфера, потребни се нови генерации – заклучува социологот Ацевски.

Хуманоста не била непозната во Македонија, напротив

Несомнено, хуманоста е една од најважните особини што го красат карактерот на морално одговорните луѓе, какви што треба да бидат токму политичарите. Таа особина подразбира толеранција и почитување на достоинството на секој човек, дури и на оние „мали“ луѓе што не можат да ги забележат од височините од каде што гледаат. Оваа карактеристика е тесно поврзана со емпатија кон некого или кон нешто, она што го наведува секој човек да направи некакво хумано дело. Човекот не е суштество што е создадено да води себичен живот, живот во кој смислата би била само да се задоволат сопствените потреби. Нашиот живот добива смисла кога ќе прифатиме дека живееме во согласност со моралните принципи, кога му даваме помош и утеха на оној на кој му е потребно тоа. Време е да се врати хуманоста, оти само таа ни остана.