И додека и овој пат, во случајот со смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот, надлежните молчеа или даваа неточни информации, политичките партии преку разни официјални и неофицијални канали се обидуваа да ја капитализираат трагедијата, свесно или несвесно, одвлекувајќи ѝ го вниманието на јавноста од она што требало или не требало да го сторат истражните органи. Некои од медиумите, пак, со своето непрофесионално известување придонесоа кон целосно искривување на сликата

КОГА НАМЕСТО ИНСТИТУЦИИТЕ НАСТАПУВА ПОПУЛИЗМОТ

Вџашеноста со која јавноста реагираше на, најблаго речено, изместениот редослед на официјалните информации и дезинформации поврзани со околностите во кои животот го загуби хрватскиот ракометар Денис Тот, според повеќе елементи, потсетува на амбиентот создаден по многубројните човечки трагедии со слични, па дури и поголеми димензии што во земјава се случија во не толку далечно минато. Притоа, како на заеднички именител на повеќето од овие ситуации би можело да се посочи на појавата на нивното првично игнорирање и негирање, па дури и сосема неточно известување за нив од страна на надлежните органи, наспроти засилениот ангажман на политичките партии во „расветлување на случајот“. И додека и овој пат надлежните молчеа или даваа неточни информации, политичките партии преку разни официјални и неофицијални канали се обидуваа да ја капитализираат трагедијата, свесно или несвесно, одвлекувајќи ѝ го вниманието на јавноста од она што требало или не требало да го сторат истражните органи.
Сето тоа, потпомогнато од непрофесионалното известување на квазиинформативни портали што функционираат во сивата медиумска зона, ја турна пошироката јавност во огорчена дебата за „околностите“ што довеле до трагедијата, на психолозите и на социолозите им ја наметна задачата, којзнае по кој пат, да го објаснуваат тоа со длабоки пропусти и фрустрации во општеството и силната врска на насилството, криминалот и корупцијата со заштитените категории граѓани поврзани со политичките партии, а правниците и политиколозите ги соочи со потребата повторно да укажат колку опасна стана појавата на општата партизација, која, за жал, не изостанува дури ниту кога станува збор за човечки трагедии.

– Тоа е последица на постојниот популизам кај политичките партии, кои ја користат секоја пригода за да им се додворат на граѓаните, како на потенцијални гласачи. А еден од елементите на популизмот, всушност, е и обидот барањата за одговорност да се насочат кон некој колективитет, независно дали тоа е конкурентска политичка опција, етничка или верска група, да се удри некаков колективен печат, наместо одговорноста да се персонализира. Тоа во уредени држави не поминува. Таму се очекува истражните и правосудните органи да си ја завршат работата. И тоа, во нашиот случај, отворено треба да им се каже на партиите, при што голема улога можат да имаат медиумите и научната јавност, а најголема правосудството, кое дури би требало и да го санкционира таквото однесување како попречување на истрагата – објаснува професорот од ФОН, Темелко Ристески.
Но колку е оправдано да се очекува тоа во услови кога со повеќе истражувања е потврдено ниското ниво на доверба на граѓаните во институциите, пред сѐ во правосудството? Особено откако и актуелниот народен правобранител во повеќе пригоди укажа каде има најмногу пропусти.
– Ако се суди по бројот на претставките што се доставуваат до институцијата Народен правобранител, сигурно е дека треба да бидеме загрижени со состојбата на заштитата на правата на граѓаните, бидејќи обемот на претставките е мошне голем. Околу три илјади претставки имаше минатата година, од кои за две илјади и нешто народниот правобранител поведе постапка и, гледано од таа призма, граѓаните навистина се судираат со сериозни проблеми во постапките пред органите на управата, органите на правосудството и други институции што вршат јавни овластувања – изјави неодамна народниот правобранител Насер Зибери.
Шефот на надлежното, Основно јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, сепак, уверува дека, во случајов, немало намера за прикривање информации за смртта на ракометарот Тот и дека целата конфузија е резултат на лошата првична медицинска процена.

– Мислам дека воопшто немаше намера да се прикрие. Само сплет на околности. Мислам дека тоа беше лоша медицинска процена и стојам на тоa – беше објаснување на Бубевски, дадено за хрватските медиуми и кое несреќно се совпадна со објавата на информацијата дека и самиот тој е дел од повеќечлената група против која Државното правобранителство поднело кривични пријави за еден друг случај.
Поточно, јавноста, и во Хрватска и во Македонија, доби објаснување од обвинител, кој и самиот е обвинет поради што, барем донекаде, би требало да биде разбирлив и интересот за информации од неофицијалните канали.
Инаку, според она што досега може да се смета за потврдено, 27-годишниот ракометар на Бутел, Денис Тот, починал во болница откако бил нападнат од три лица пред скопски ноќен клуб на седми април, во раните утрински часови. Персоналот на болницата, а потоа и истражните органи, во меѓувреме, негираа дека врз него е извршен физички напад. Но потоа се појавиле снимките од надзорната камера на ноќниот клуб, по што три лица се идентификувани како напаѓачи, од кои двајца се приведени, а едниот до вчера беше недостапен за органите на прогонот. Од Институтот за судска медицина и геонтологија, по извршената обдукција и според првичните наоди, информираа дека иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
Откога во медиумите се појави снимка од надзорните камери, на која наводно е регистрирана тепачката од пред дискотеката, пред јавноста вчера излезе и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Најпрво сакам да го отфрлам со индигнација сето она што деновиве се пласира во јавноста за наводно криење на овој случај или застој во истрагата. Веднаш по добивањето на информацијата, која не е добиена од самото место за нарушување на јавен ред и мир, односно за тепачката, туку истата таа е добиена дури од Клиничкиот центар во Скопје. Нашите екипи излегоа кај Клиничкиот центар и тогаш започнуваат истражните дејства. Во ниту еден момент немаме запирање, сѐ до моментот на целосно расчистување на случајот со поднесувањето на кривичните пријави, а тоа некаде во рок од 24 часа – изјави Спасовски.
За првото соопштение на МВР во кое беше наведено дека „нема видливи траги на насилство“ кај починатиот ракометар, Спасовски вели дека било изработено на основа на информацијата од Клиничкиот центар – Скопје.
– Полицијата располага со видеоснимка на која детално се гледа како се одвива настанот. Но кој бил мотивот за нападот, тоа треба да го докаже истражниот орган. Според изјавите што ги имаме, имало лично недоразбирање помеѓу девојката и момчето – одговори Спасовски на новинарското прашање за тоа кои биле мотивите за нападот.
За третото лице осомничено за нападот, кое е недостапно за органите на прогонот, Спасовски рече дека наскоро ќе се распише домашна и меѓународна потерница. Д.М.М.