Во текот на 2022 година во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се евидентирани вкупно 40.254 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој се осврнува и на редица други актуелни прашања
ИНТЕРВЈУ СО ДАРКО ДИМОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОЈУЗОТ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
По повод Меѓународниот ден на трудот, каква е вашата оцена за состојбите во нашата земја споредено со земјите од регионот и пошироко?
– Статутарните и програмските определби на Сојузот на синдикатите на Македонија се засноваат на континуираната заложба за остварување, заштита и унапредување на работничките права. Одговорноста на ССМ е дотолку поголема од причини што нашиот синдикат е единствен репрезентативен синдикат во државата, истовремено ССМ е најстар и најмногуброен синдикат. Нашата земја подолг временски период е апликант за Европската Унија, тоа покрај другото значи и дека националното трудово законодавство треба и мора да се приспособи на меѓународните трудови стандарди и европските директиви. Од тие причини веќе неколку години ССМ заедно со другите социјални партнери преговара за донесување нов ЗРО како основен фундаментален закон за работничките права, во кои се настојува да бидат инкорпорирани европските и светските трудови стандарди. За нас како претставници на работниците многу поважен аспект е имплементацијата на законите и регулативата. Честопати во практиката законите се изигруваат, не се применуваат во целост или произволно се толкуваат, што доведува до прекршување на работничките права. Тука е особено значајна нашата улога како заштитник на работничките права пред органите во компаниите и институциите, судовите и другите државни органи.
Како синдикат, колку често и какви реакции добивате во однос на работничките права и на што најчесто се однесуваат тие?
– Во текот на 2022 година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани вкупно 40.254 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос, од кои во Секторот за работни односи и правна заштита, регионалните синдикални претставништва и канцеларии, 22.052 обраќања за работници, а преку мобилната апликација ССМ – мои работнички права, 18.202 обраќања за работници. Најголемиот број обраќања се во врска со неисплатени плати, надоместоци, придонеси и додатоци на плата, како и поради нарушени синдикални права.
Во јавноста изминатиот период имаше големи реакции во однос на најавите за зголемување на работната недела на 60 часа. Какви се вашите сознанија во однос на тоа?
– Врз основа на иницијативата поднесена од Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, кој функционира во составот на ССМ, Уставниот суд го укина членот 12 од Законот за утврдување стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола), со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување иницијатива, која беше прифатена и спорниот член од законот беше укинат од Уставниот суд, со што неправдата врз работниците беше исправена. Преседан е Владата во многу краток рок повторно да прави обид да обезбеди ваква одредба сега преку измени на Законот за работните односи, иако Уставниот суд во претходната постапка даде сериозно образложение за нејзината неуставност и дека истата таа е спротивна на националното законодавство и меѓународните трудови стандарди. ССМ сериозно се спротивставува на поткопување на принципот за 40-часовна работна недела, за што работниците се избориле во минатиот век. Напротив, стремејќи се кон европска интеграција, се залагаме да се разгледаат ефектите и бенефициите од намалување на работните часови во неделата. За ставот на ССМ дека не треба да се уредува поголемо работно време од 40-часовна работна недела, ССМ доби поддршка и од Европската и Светската конфедерација на синдикатите, како и од Светската и Европската синдикална федерација за градежништво и дрвна индустрија.
Со години се јавува недостиг од одредени профили на работници во државата поради одлив на стручни и образовани профили во странство. Како да се надминат сите овие тешкотии и дали е решение увоз на работници од земји каде што цената на трудот е пониска?!
– За ССМ решението за недостигот од кадри од определени профили приоритетно треба да се бара во потенцијалот на домашните работници. Во рамките на националните стратегии и политики за унапредување на пазарот на трудот е потребно да се креираат сериозни активности и мерки за преквалификација и доквалификација на работниците и нивно приспособување на потребите на пазарот на трудот. Исто така значаен дел од активностите треба да се насочи кон создавање услови и можност работниците да се стекнат со новите техничко-технолошки вештини и знаења неопходни за новите производствени процеси. Во овој дел особено е значајна улогата на работодавците, тие имаат сериозна одговорност во постапките за креирање на образованите системи во согласност нивните потреби и интерес. Наедно, работодавците треба да ги отворат вратите на компаниите за прием на практиканти, волонтери, за да можат работниците да се стекнат со практични знаења и вештини. Особено е значајно на работниците да им се обезбеди целосно почитување на работничките права, зголемување на платите, гарантирање на социјална сигурност и заштита, со еден збор да се обезбеди пристојна работа за сите.
Македонија ја намали невработеноста во изминатите години, но процените се дека тоа повеќе е резултат на одливот во странство отколку на реални вработувања. Кои се вашите анализи во однос на невработеноста, но и сивата економија, и можностите за нивно понатамошно намалување?
– ССМ постојано се залага за подобрување на даночните, финансиските и воопшто економските услови за привлекување инвестиции, кои, пак, ќе значат отворање нови, реални и одржливи работни места, а со тоа и намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот на работниците и граѓаните. Потребни се сериозни активности за издигнување на јавната свест за бенефициите од пријавената работа, со која се обезбедуваат сигурност и заштита на правото на плата, која не може да биде помала од законски утврдената минимална плата, правото на надоместоци, додатоци и придонеси од плата, со што се обезбедува задолжителна социјална сигурност и заштита во случај на повреда, нарушено здравје, пензионирање или при невработеност.
Изминатиот период животниот стандард на граѓаните е значително погоден поради растот на цените на трошоците за живот, енергентите и пред сѐ на храната. Како да се излезе од овој лавиринт во интерес на граѓаните?
– По иницијатива на ССМ, по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата. Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 отсто од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, во согласност со податоците од Државниот завод за статистика. Како резултат на законските измени, околу 80.000 работници и граѓани добија покачување на платата од 15.194 на 18.000 денари. Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законските измени се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата за претходната година. Во приватниот сектор тоа беше реализирано со потпишување анекси на колективните договори, а штрајкот организиран во јавниот сектор придонесе голем број работници од јавниот сектор (според нашите пресметки повеќе од 75 отсто од вработените во јавниот сектор) да добијат усогласување на платата во согласност со порастот на минималната плата, но тоа не беше случај и во институциите каде што основач е Владата, особено не добија зголемување или усогласување на своите плати вработените во полицијата и во здравството.