Проширувањето, поточно застојот за проширувањето, со постојаните менувања на пристапните правила и принципи, па дури во македонскиот случај и со игнорирање на меѓународното право, придонесе да се загуби довербата во Европа, особено од страна на граѓаните и државите од Балканот
Генетските мутации на Европа
Чувството на сигурност што го носеше со себе граѓанинот доколку неговата држава е членка на ЕУ, како да исчезнува забрзано и сигурно. Тоа се должи на низа причини во последниве години, а последната е поврзана со последиците од актуелната војна во Украина.
Немањето ефикасни механизми на Европа за справување со предизвиците, како што се здравствените, енергетските, економско-финансиските, безбедносните, направи евроскептицизмот да биде во постојан нагорен тренд. Проширувањето, поточно застојот во проширувањето, со постојаните менувања на пристапните правила и принципи, па дури во македонскиот случај и со игнорирање на меѓународното право и Копенхашките критериуми, придонесе да се загуби довербата во Европа, особено од страна на граѓаните и државите од Балканот.
Во таков контекст, и во Унијата се појавија различни „инвентивни“ идеи како да се запре процесот на проширување со други држави и на тој начин да се задоволат апетитите на постарите и помоќни членки, кои сакаат да ја задржат доминантната позиција во Европа, нудејќи им на другите земји некаква неизвесна европска перспектива за која ниту самите не се сигурни како ќе изгледа.
Затоа и не е за изненадување што во привилегираниот ЕУ-клуб токму во овој момент се појавија идеи за поделба во ЕУ на држави што се побогати и го претставуваат генераторот на Унијата, и на држави од втор ред, кои се „шлепуваат“ на овие првите. Па, така, полека се прошири концептот за „држави – прва лига ЕУ“, па „втора лига држави на ЕУ, односно оние посиромашните, плус оние што би станале членки, но претходно нивниот процес на придружување кон втората лига мора да помине откако ќе се постигнат добри резултати во понискиот ранг“…
Во тој контекст се појави и идејата за т.н. европска политичка заедница и различни комбинации на Унијата, со кои европските водечки лидери сакаа да направат јасна дистинкција кои се привилегирани и носечки членки, а кои се другите членки, од втор ред. Во тоа особено се истакна францускиот претседател Макрон.
Европски земји од прв и од втор ред
Франција и некои други земји-членки на блокот, како што е Холандија, беа и останаа неволни да го продолжат проширувањето, така што бугарската блокада на Македонија ја искористија за да ги затскријат своите вистински намери. Наводните некакви нивни напори, рамки и протоколи воопшто не треба да залажуваат. Тие продолжуваат да тврдат дека со овој број на членство, ЕУ е веќе нефункционална, а натамошното проширување само ќе ги забави институциите и ќе ја намали додадената вредност на Унијата во очите на граѓаните.
Токму поради овие причини, Франција предложи нова методологија за проширување. Заедно со Холандија, токму Париз ги блокира пристапните преговори на Албанија и на Македонија. Предлогот на Макрон имплицира дека на ЕУ ѝ се потребни повеќе внатрешни реформи пред натамошното проширување, долгогодишен аргумент околу кој се држи официјален Париз. Тоа е суштинска забелешка, прифатена од страна на т.н. привилегирани членки на ЕУ. Другото е само креирање лавиринт од процедури, со помош на некои вазални и од втор ред членки на ЕУ (како што е Бугарија за нашиот случај), кои водејќи полтронски политики кон водечките ЕУ-држави, сакаат да добијат нешто што стотици години се крие во нивната темна потсвест, а поврзано со регионална хегемонија и бенефиција (заснован и добиен на криминални позиции).
Второлигашите ќе работат за благосостојбата на елитната прва лига
На почетокот на мај 2022 година, францускиот претседател Емануел Макрон предложи создавање европска политичка заедница (ЕПЦ), во која ќе бидат ставени некои од земјите-членки на Европската Унија (ЕУ од втор ред) и земјите-кандидати од брзата лента, како Украина, Грузија и Молдавија. Овие три земји се обидуваат да го забрзаат европскиот пат по рускиот напад на Украина.
Но предлогот на Макрон за формирање т.н. европска политичка заедница моментално го следат повеќе прашања одошто одговори. Имено, дали тоа ќе биде замена за членството во ЕУ или ќе претставува прв чекор на долгиот пат кон полноправно членство? Дали европската политичка заедница е наменета да ги вклучи земјите-кандидати, како што се на пример Македонија, Албанија, Србија итн., или е наменет за поновите гореспоменати кандидати (Украина, Грузија и Молдавија), чија безбедност е загрозена? Дали европската политичка заедница ќе бара формирање други институции или ќе се сведе на самити меѓу лидерите за политичка координација? И многу битното прашање, дали европската политичка заедница е дел од мастерпланот на Макрон за водечките држави на ЕУ да се издвојат и полесно да ги остваруваат своите интереси, а другите на пониско ниво, како второлигаши, да се обидуваат да ги имитираат своите „прволигашки идоли“ и бркајќи „бенчмаркови“ и играјќи некаква преодна улога на тампон-зона кон вистинскиот развиен „Запад“?
Што се однесува до Македонија и Албанија, се поставува и прашањето дали „француската рамка“ е исто така само едно мало делче од парискиот план, со кој, задоволувајќи ги апетитите на аспирантите за ЕУ, се прави исчекор во реализацијата на мастерпланот за „силна, многу побогата и во потесни рамки прва лига на ЕУ“?
Одговорите на горенаведените прашања ќе ги одредат изводливоста и досегот на предложената заедница.
Жртвување на македонизмот за играње во европската „селска“ лига
Првите реакции укажуваат дека станува збор за доста себична иницијатива на Макрон и водечките во ЕУ. Украина веќе го покажа своето незадоволство од предлогот, сметајќи дека е обид да се одложи пристапот во ЕУ. Откако ќе се претстави нејзината конкретна структура, таквата заедница може да биде корисна само до степен до кој дејствува како форум на високо ниво за координација на политиката на членките и институциите на ЕУ со други европски земји заинтересирани за заедничко дејствување и практични решенија за наднационалните предизвици.
Европската политичка заедница не може и не треба да се дизајнира како алтернатива за членството во ЕУ, бидејќи тоа би ја поткопало целта на Унијата во очите на оние што се стремат кон неа.
Затоа и моменталната понуда на официјален Париз до Скопје, за надминување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори со ЕУ, може да биде само меч со едно сечило за Македонија, она острото.
Имено, во ситуација кога Унијата нема јасна визија како да го усогласи своето внатрешно уредување, најмалку што може да направи е да ги решава проблемите надвор, како што е македонско-бугарскиот спор. Дотолку повеќе што воопшто и не ја познава генезата на самиот спор, па наместо да инсистира на исполнување на Копенхашките критериуми и европските принципи, си дозволува да нуди непристојни предлози што задираат во идентитетот на еден народ, почнувајќи од неговото право на самоидентификација, правото на сопствен јазик, култура и историја.
Токму затоа станува очигледно дека плановите на Европа не се само формирање две европски лиги, туку и повеќе „меѓурегионални“ лиги, кои ќе работат само да влезат некогаш во првата лига, без оглед што знаат дека тоа е недостижна цел. Впрочем, проектот за „Европска суперлига“ е најдобра потврда за тоа. Богатите клубови (земји) уште повеќе ќе се збогатуваат, а другите работат за нив.
Македонија е пред историска пресвртница. Од неа зависи дали ќе ги повтори грешките од минатото, или, пак, ќе побара од Европа да биде доследна на она што некогаш го претставувала, друштво на рамноправни народи што ги негуваат европските вредности. Ова што го гледаме денес е далеку од тоа. Земјава треба да поднесе преголеми жртви за да игра во европската „селска“ лига, па клучното прашање што секој политичар во оваа земја, но и секој граѓанин треба да си го постави во овој момент, е дали вреди да се жртвува македонизмот за една неизвесна европска иднина. Одговорот е повеќе од очигледен. Р.Н.М.