Димо Хаџи Димов вели дека грешките и скршнувањата на водачите на Врховниот македонски комитет се однесуваат само на оние лица што биле вметнати од бугарскиот двор, а не за сите водачи. Овој врховен комитет стоел на принципот „Македонија сама да си ја раководи судбината, а не разни кнезови и политички акробати“
Помалку познати факти од историските архиви за македонската емиграција во Бугарија
Во последната деценија на 19 век, силна активност пројавила и македонската емиграција во Бугарија, која се обединила во рамките на Македонскиот комитет, подоцна познат и како Врховен македонски комитет. Меѓу позначајните дејци на Македонскиот комитет се Трајко Китанчев, Коста Шахов и Борис Сарафов, а во одреден период со Македонскиот комитет соработувале Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и др. Поврзаноста на македонските револуционери со Врховниот македонски комитет е очигледна во работата на Осмиот македонски конгрес, кога Гоце Делчев бил еден од кандидатите за претседател на комитетот.
Македонскиот комитет се залагал за автономија на Македонија и затоа честопати неговите дејците доаѓале во судир со бугарските власти. Постојат одредени контроверзии околу неговата дејност, но Димо Хаџи Димов вели дека грешките и скршнувањата на водачите на Врховниот македонски комитет се однесуваат само на оние лица што биле вметнати од бугарскиот двор, а не за сите водачи. Според Димо Хаџи Димов: „Грешките на одделни личности, случајно истакнати на чело на движењето, не можат да бидат грешки на самото движење. И кога ги напуштаме тие личности не треба да го напуштаме и движењето, туку да се трудиме тоа да мине во рацете на такви луѓе кои ќе му дадат најсимпатичен правец за нас.“
Изразите врховизам и врховисти се поврзуваат со Врховниот македонски комитет, но тие не се однесуваат на целата организација, туку на одредени личности, особено групацијата околу бугарскиот генерал Иван Цончев. Повеќе историски документи посочуваат дека Цончев соработувал со бугарските власти. Тој како приврзаник на бугарската политика за присоединување на Македонија се нашол во редовите на македонските револуционери со намера да ги потчини Врховниот македонски комитет и Македонската револуционерна организација (МРО) и да ги усогласи со бугарската државна политика. Генералот успеал да придобие одреден број офицери во бугарската армија, а неговото дејствување било во согласност со погледите на бугарскиот двор.
Цончев не успева да го потчини македонското револуционерно движење, но предизвикал раздор, кој негативно се одразил врз македонската кауза. Активноста на бугарскиот генерал и неговите приврзаници оставила впечаток кај меѓународната јавност дека македонското движење се насочува и помага од Софија. На крајот, бугарската влада го забранила постоењето на Врховниот македонски комитет поради меѓународниот притисок, поврзан со случувањата во Македонија.
Обединување на македонската емиграција
Голем дел од Македонците што живееле во бугарската држава се состоел од интелектуалци што стекнале силно влијание во општеството. По падот на бугарската владата предводена од Стефан Стамболов, започнува процесот на обединување на македонската емиграција во Бугарија, а иницијативата потекнала од Младата македонска дружина предводена од Коста Шахов. Од оваа дејност произлегол Македонскиот комитет, подоцна познат како Врховен македонски комитет. На 19 март 1895 година се одржал Првиот македонски конгрес, а весникот „Глас македонски“ на своите страници информирал дека конгресот се одржал во Софија поради „огромниот број на Македонци, кои сочинувале повеќе од половина во престолнината, самото нејзино политичко значење, како и близината до Македонија.“ („Глас македонски“, број 14, 12 март 1895 год., страна 1).
Идеолошка матрица на македонската емиграција
Многубројните историски документи посочуваат дека Врховниот македонски комитет како организација на македонската емиграција во Бугарија се залагал за автономна Македонија. Оваа македонска определба јасно може да се согледа во протоколите на комитетот, кои се наоѓаат во бугарските архиви. На основачкиот конгрес имало два предлога: автономија на Македонија и присоединување на Македонија кон Бугарија. Со мнозинство гласови бил прифатен првиот предлог, а донесените решенија потоа биле редактирани и биле преточени во устав на новата македонска леглана организација. Според решенијата на конгресот, македонските друштва во Бугарија се обединуваат во единствена организација предводена од Македонскиот комитет, а нивната цел е придобивање за населението во Македонија и Одринско политичка автономија, приложена и гарантирана од големите сили.
По завршувањето на конгресот, „Глас македонски“ на своите страници напишал: „Како што предвидовме, овој конгрес ќе има едно благотворно влијание за идното единство на Македонците и на населението од Одринскиот вилает и нивната здружена работа за здобивање на автономни права, за кои сите ние веќе толку време војуваме.“ („Глас македонски“, број 16, 26 март 1895 год., страна 2).
Идеологијата на Борис Сарафов
Македонската кауза на Врховниот македонски комитет уште појасно може да се забележи по изборот на Борис Сарафов за негов претседател, а неговиот избор е поврзан со активноста на Гоце Делчев и на Ѓорче Петров. Тие, како задгранични претставници на Македонската револуционерна организација (МРО), агитираат меѓу македонската емиграција за избор на Сарафов. Нивната цел е засилување на соработката и обединување на двете македонски организации.
Сарафов се спротивставил на бугарската влада, а со негова поддршка Врховниот македонски комитет прифатил дека македонското движење по својата суштина е масовно, тоа не може да биде дело на политиканти дипломати, „не треба да се поврзува автономијата на Македонија со таа на кнежеството поради некакви идни комбинации.“ Идеологијата на Сарафов ја образложува и Крсте Петков Мисирков, според кого: „Откако се вкорени така македонското дело во Бугарија, Македонците фатија да одат и во Србија и таму да им ја излагаат својата програма на владата и на српскиот народ. Сарафов, Радев, Јанков, уверуваа оти тие се борат за девизата Македонија за Македонците.“
Што е врховизам?
Врховизмот е наметната идеологија во македонското револуционерно движење, која се залага за присоединување на Македонија кон Бугарија. Приврзаниците на оваа концепција соработуваат со бугарскиот двор и влада, со намера да обезбедат финансиски средства и оружје. Врховистичката идеологија само декларативно се стреми кон автономија на Македонија и, всушност, се сообразува со бугарската националистичка политика. Идеологијата на врховизмот ја определува весникот „Одрински глас“: „Врховизмот – тоа е спроводник на бугарските националистички претензии; неговата крајна цел е Санстефанска Бугарија; на автономијата тој гледа само како на преодна форма и како на средство за надмудрување на непријателските посегања на останатите фактори по македонското прашање; разбирајќи го македонскиот проблем како бугарско-националистички, тој секогаш бил во полна услуга на врховните диригенти на бугарската политика.“ „Одрински глас“ нагласува дека отсекогаш мисијата на врховизмот била да го потчини револуционерното движење и да го стави во услуга на тие аспирации, да го даде неговото врховно раководство во рацете на тие што раководат со судбината на Бугарија. („Одрински глас“, година I, Софија, 6 април, 1908 год., број 13, 1.).
Кои се врховистите?
Под терминот врховисти се подразбира групацијата што гравитирала околу бугарскиот генерал Иван Цончев и главно била составена од офицери на бугарската армија. Меѓу приврзаниците на генералот Цончев може да се вбројат: Александар Протогеров, Атанас Јанков, Петар Дрвингов, Стефан Николов, Јордан Стојанов и други.
Хари де Винд вели дека јавна тајна била поддршката на бугарскиот двор за Иван Цончев и дека, всушност, неговите ставови биле ставови на бугарската влада. Според Винд, крајната цел на Цончев била бугарска автономија за Македонија и формална анексија на Македонија од страна на Бугарија. (Harry De Windt, Through savage Europe, London, MCMVII, 208-212). Фредерик Мур прави јасна дистинкција помеѓу врховистите и македонските револуционери. Според Мур, генералот Цончев силно ја пропагирал идејата за анексија на Македонија од страна на Бугарија. Наспроти него биле македонските дејци што сметале дека Македонија како држава, со својата географска положба би можела да послужи како јадро за конфедерација на Балканот. (The Balkan question the present condition of the Balkans, 197-198.)
Обидот на Иван Цончев да го преземе Врховниот македонски комитет
Иван Цончев успеал да го наметне своето влијание во Врховниот македонски комитет, а тоа било очигледно за време на Десеттиот македонски конгрес, кога Цончев бил избран за потпретседател. Генералот започнал со организирање и препраќање вооружени чети во Македонија, а нивната цел била да го привлечат вниманието на европската дипломатија и да подготват услови за присоединување на Македонија кон Бугарија.
Приврзаниците на Македонската револуционерна организација (МРО) се обединиле со членовите на Врховниот македонски комитет што се спротивставувале на Цончевата политика. Во Македонија, четите на МРО воделе оружена борба со врховистичките чети, а идеолошката борба во Бугарија против Иван Цончев ја воделе бугарските весници „Право“ и „Изгрев“. Меѓу главните пишувачи биле Антон Страшимиров, Пејо Јаворов, Тома Карајовов, Иван Кепов, Никола Наумов и Димо Хаџи Димов. Опозицијата предводена од Христо Станишев се повлекла од Десеттиот македонски конгрес и организирала сопствен конгрес. Овој конгрес избрал сопствен Врховен комитет во состав: Тома Карајовов, Димо Хаџи Димов и А. Попстојанов, кој подготвил резолуција. Во неа биле посочени и причините зошто Десеттиот македонски конгрес не се смета за редовен и законски.
Според весникот „Право“, Врховниот комитет на Христо Станишев не стоел на шовинистички позиции, туку на широко хуманитарни. Иднината на Македонија ја гледал во нејзината целокупност и не ја гонел идејата за присоединување на Македонија кон Бугарија, туку во наполно „ослободена и независна Македонија.“ Овој врховен комитет стоел на принципот Македонија сама да си ја раководи судбината, а не „разни кнезови и политички акробати.“ (Право; Органъ на Македоно-Одринскитѣ интереси, Год. II, Софияр 10, Юлий, 1902, Брой 25, 1.)