Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна бугарскиот технички премиер Галаб Донев се закани дека „ако Холандија и Австрија го блокираат бугарското зачленување во Шенген, тие ќе се одмаздат и дека службената бугарска влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија стават вето за членството на Бугарија во Шенген“?!
Нејасно е од каде Бугарија ја црпи целата оваа неоснована ароганција да им се заканува на постари членки на Унијата, но повеќе од јасно е дека ако тоа го прави кон Холандија и Австрија, кои се внатре во ЕУ, тогаш извесно е дека ќе продолжи да го прави и во иднина, особено кон земјите што не се членки на ЕУ. Токму тоа е повеќе од јасен сигнал за политичарите во земјава дека е апсурдно да веруваат оти македонската евроинтеграциска голгота ќе заврши само со промена на Уставот и дека треба првенствено да се водат од интересите на граѓаните и државата

Бугарија бесна кога Холандија и Австрија ѝ ставаат вето, а задоволно го примени за уценување на Македонија

Континуирано расте надворешниот притисок врз Македонија што поскоро да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во македонскиот устав, но во исто време расте и резервираноста во македонското општество дека со тоа ќе бидат отстранети сите пречки за официјално отворање на преговарачките поглавја.
Имено, Македонија изминатите децении се увери дека Европа нема никаков механизам или алатка да може, увидувајќи го поширокиот интерес на сите граѓани на ЕУ, да интервенира против ирационалните политики на некоја од нејзините членки.
Тоа најпрво се покажа со примерот на Грција, која речиси 30 години ѝ ставаше вето на земјава за да издејствува промена на името, за на крајот да успее во тоа. Сега истиот метод го користи и Бугарија, злоупотребувајќи ги ветото и механизмот на консензуално одлучување за да ја наметне сопствената историска позиција врз Македонија.
Неодамна бугарскиот технички премиер Галаб Донев се закани дека ако Холандија и Австрија го блокираат бугарското зачленување во Шенген, како што претходно најавија нивните премиери, тие ќе се одмаздат.
– Службената бугарска влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија стават вето за членството на Бугарија во Шенген – најави премиерот Донев.
Останува нејасно од каде Бугарија ги црпи целата оваа ароганција и сила да им се заканува на постари членки на Унијата, но повеќе од јасно е дека ако тоа го прави кон Холандија и Австрија кои се внатре, тогаш извесно е дека ќе продолжи да го прави и во иднина. Тоа е јасен сигнал за политичарите во земјава дека е апсурдно да веруваат оти македонската евроинтеграциска голгота ќе заврши само со промена на Уставот и дека треба првенствено да се водат од интересите на граѓаните и државата.

ЕУ е самата виновна за моќта што ѝ ја даде на Бугарија

Проблемот за ваквото однесување на Бугарија лежи исклучиво во ЕУ, која поради политички причини избрза со приемот на оваа земја, иако таа ниту денес не исполнува добар дел од европските критериуми за членство, како што се борбата со корупцијата и владеењето на правото.
Впрочем, ова се и основаните забелешки што ги даваат Холандија и Австрија зошто се противат на приемот на Бугарија во Шенген, но очигледно за Софија тоа е ирелевантно, па затоа ги користи европските механизми да го возврати ударот. Ако истата таа Европа удираше сто стапа врз македонски грб да се прифатат сите бугарски барања надвор од сопствените критериуми, убаво спакувани во таканаречениот француски предлог, сега на ЕУ ѝ се удира од глава тоа толерирање на Бугарија за работи што за Европа можат да бидат исклучително важни.
Грешката на ЕУ е што не сфати навреме дека Бугарија не е скандинавска земја, која ќе се однесува во согласност со демократските и европските принципи, туку обична балканска држава, која кога ќе се дограби до сила и моќ како земја-членка, максимално ќе ги користи привилегиите да уценува, да држи во заложништво други држави и да се заканува сè додека не се оствари нејзината замисла, колку и да е таа во спротивност со европските определби и интересите на европските граѓани. Едноставно, Европската комисија беше ставена и сè уште е во функција на одработување на бугарската политика, па затоа претседателката Урсула фон дер Лејен е толку честа гостинка тука, за да ги убеди македонските граѓани дека промената на Уставот е последната пречка. Но кога истите тие македонски граѓани реагираа на бугарските хегемонистички политики, Брисел арогантно одговараше дека Бугарија е внатре, Македонија надвор, а одлуките се носат со консензус. Очигледно Софија крајно вешто ги користи механизмите што беа креирани за високосвесни и високоразвиени демократски земји, но проблемот настанува кога тие ќе се најдат во рацете на земји со анахрони историски и експанзионистички гледишта, бидејќи тогаш стануваат опасна алатка, особено наспроти помалите и послаби земји што не се членки на Унијата, а тежнеат некогаш да бидат.
Имајќи ги предвид сета ароганција со која настапува Бугарија и нејзиното актуелно однесување во ЕУ, Македонија мора да води исклучително внимателна, мудра и прагматична политика кога станува збор за нејзините национални интереси, бидејќи главната интенција на Софија е прифаќање исклучиво на бугарскиот наратив за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, што во суштина значи геноцид врз еден цел народ со амин на Европа.

Софија ја легитимира својата насилничка надворешна политика

Познавачите на надворешнополитичките состојби во регионот се категорични во нивното тврдење дека Бугарија со заканите кон други земји-членки на ЕУ само го покажа своето вистинско лице што ние во Македонија одамна го знаеме, но Европа миже на тоа.
– Ова што го прави сега бугарската влада, упатувајќи закани кон Холандија и Австрија, само ја легитимира нејзината надворешна политика. На сето тоа ЕУ повторно молчи, ништо не кажува во однос на овие закани, односно не се изјаснува дека бугарската надворешна политика е силеџиска, дека е насилна и дека е на крилата на неонацизмот. Едноставно никој не може да им застане на патот, па погледнете само какви изјави даваат. Македонија едноставно нема на што да се надева кога станува збор за Бугарија. Нивните барања со текот на преговорите ќе растат, а ЕУ досега со ниту една изјава не се огради од бугарскиот експанзивен став кон Македонија, со ништо не ги спречи – вели дипломатот Драган Јањатов.
Според него, без оглед колку отстапки ќе направи Македонија, Бугарија ќе ги користи алатките на ЕУ за да ги оствари своите експанзионистички цели одново и одново.
– Не помага ништо, трипати да го смениме Уставот, тие секогаш ќе измислат нешто ново и нема кој да им се спротивстави – истакнува Јањатов.
Тој во одлуката на Холандија и Австрија да ја спуштат рампата за бугарски влез во Шенген-зоната гледа правилен потег, кој има цел да ѝ стави на знаење на Софија дека еднаш треба да исполни некакви европски критериуми, наместо постојано некој да ѝ прогледува низ прсти.
– Холандија и Австрија правилно постапија. Добро е да видат еднаш Бугарите дека не може секогаш да им се оди по нивна волја. Згора на тоа, холандските и австриските забелешки се на место. Ако ги следиме принципите на ЕУ, Бугарија никогаш не може да стане членка на ЕУ оти тоа е една корумпирани и криминална држава, која живее од таквиот начин на функционирање – заклучува Јањатов.
Ставот и на другите соговорници со кои се консултиравме сличен, дека на Бугарија премногу ѝ се дозволи и дека сега е целосно изместена матрицата за она што значат европски вредности и принципи.
– Бугарија не е сама во целата оваа работа за толку да се сили, бидејќи и во самата Унија има длабоки поделби и влијанија. Но едно е јасно, со нејзиниот однос кон Македонија и злоупотребата на правото на вето за билатерални прашања што немаат никаква врска со европските критериуми, се направи преседан што утре ќе го злоупотребуваат и други земји-членки. Сепак, заканите што дојдоа од Софија кон Холандија и Австрија се легитимирање на една агресивна политика, која не избира средства да дојде до крајната цел – велат соговорниците.
Она што веќе извесен период се провлекува како став во ЕУ е дека е потребно да се направат длабоки и коренити реформи во самата Унија, кои ќе го вратат европското семејство на принципите на почитување на меѓународното право и демократијата. Тоа, несомнено, подразбира реформа и на самиот механизам на консензуално изјаснување, особено за прашања што се важни за надворешните односи на Унијата и прашања од интерес на европските граѓани. Секако, за истите тие Европејци не се клучни националноста на Гоце Делчев, потеклото на македонскиот јазик или, пак, правото на еден народ да се самоидентификува како македонски, што последниот период го наметнува токму Бугарија злоупотребувајќи ги европските механизми. Кога тие консензуални алатки ќе бидат минато, можеби и ЕУ ќе може да се надева дека ќе остане доследна на принципите што сама ги постави, но во случајот со Македонија безобѕирно ги погази. Ако таквата реформа никогаш не се случи, Бугарија ќе продолжи и натаму да покажува мускули кога и да посака, правејќи ја апсурдна целата европска идеја. Никој не посакува Европа на насилници и силеџии.