Иако првичните реакции на Софија во јавноста беа дека таа жестоко ќе возврати кон Брисел за непримањето во шенген-зоната и ќе инсистира тоа да се заврши што поитно, де факто изостанаа таквите силни контрареакции од Софија кон Брисел. Зошто? Со што калкулира Софија? Зошто таа не сака да го лути Брисел за сѐ и сешто, а на што ќе инсистира бескомпромисно и по секоја цена да го добие? Соговорниците, експертите и професорите со кои се консултиравме унисоно ни го дадоа одговорот на горенаведените прашања…
Бугарија, односно нејзиниот претседател Румен Радев, минатата година влегувањето на земјата во шенген-зоната на ЕУ го постави за „приоритет на бугарската надворешна политика“! Но, во постигнувањето на тој приоритет ги спречи ветото на Холандија и Австрија, и тоа при носењето на одлуката на Советот на ЕУ.
И иако првичните реакции на Софија во јавноста беа дека таа жестоко ќе возврати кон Брисел и ќе инсистира тоа да се заврши што поитно во корист на Бугарија, де факто изостанаа таквите силни контрареакции од Софија кон Брисел. Зошто? Со што калкулира Софија? Зошто таа не сака да го лути Брисел и на што ќе инсистира бескомпромисно и по секоја цена да го добие? Токму така, прашањето за Македонија, иако онака како што бара Софија излегува и од рамките на основните вредности и принципи на ЕУ, а излегува и од рамките на меѓународното право, Бугарија ќе инсистира да се заврши онака како што го замислила и по нејзин терк.
И експертите со кои се консултиравме унисоно ни го потврдија одговорот на прашањата: „Софија за сѐ што ѝ следува како проект, бенефиција, фонд и сл. од ЕУ ќе се стрпи и ќе биде толерантна дури и Европа да доцни многу… Но историската шанса што ѝ е укажана за прашањето за Македонија, со упад во меѓународното право, односно со помош на Брисел да направи деноминација на македонскиот народ, историја и јазик со склучен етнициден сѐ уште важечки меѓународен договор, со посредство на Брисел, Софија нема да сака да ја пропушти“!
Имено, според експертите, Бугарија ќе попушти на сѐ друго и нема да влезе во кавга со Брисел, само за да не ја изгуби европската поддршка на прашањето за Македонија.
Приоритет над приоритетите на Софија: Интегрирање во ЕУ на Македонија исклучиво по бугарски услови
Според однесувањето и заложбите што последниве три-четири години Бугарија ги вложува во Брисел и кај владите на земјите-членки на Унијата, се чини дека најголем приоритет ѝ е блокирањето на евроинтегративниот пат на Македонија, односно македонското интегрирање во ЕУ да тече според бугарски услови. Во текот на изминатите три-четири години, официјална Софија испраќаше меморандуми, објаснувачки писма до земјите-членки на ЕУ за нејзината позиција за евроинтеграциите на Македонија, унилатерални писма дека не го признава македонскиот јазик, го одложуваше потпишувањето на договорот со Фронтекс поради македонскиот јазик, вложуваше вета за почеток на преговори… и стигна до поддршката на земјите-членки на ЕУ за нејзините услови во преговарачката рамка што ѝ се нуди на Македонија, како т.н. француски предлог, според кој само за отворање на преговарачките поглавја, во македонскиот устав треба да се додадат Бугарите во преамбулата, како „дел од народ“. Споредувајќи го интензитетот на ангажманот на официјалната бугарска политика за денунцирање на македонското прашање во ЕУ, наспроти интересот да влезат во шенген-зоната, се чини дека на Софија ѝ е поважно да не ги налути другите членки на ЕУ и да не ја изгуби процедуралната консензуална поддршка од земјите-членки на ЕУ за нејзините уцени вградени до нестандардната преговарачка рамка предложена на Македонија, отколку побрзо да влезе во шенген-зоната.
Македонија – ирационалната опсесија на Бугарија
Вакво толкување ни пренесе и копретседателот на „ОМО Илинден-Пирин“, здружението на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков, имено за менувањето на пристапот на бугарската дипломатија (помек, потолерантен пристап на Софија) спрема земјите-членки на ЕУ, е и „предострожноста да не ја изгуби премолчната поддршка за нејзиниот однос спрема Македонија“.
– Не треба да се исклучи дека и поддршката што ја има од ЕУ за непринципиелните условувања што ѝ ги прави на Македонија е вклакулирана во менувањето на тактиката за „мек пристап“ спрема земјите што ја блокираат Бугарија за нејзиниот влез во еврозоната. Но реално, Бугарија и нема многу голем избор како да се однесува со другите земји-членки на ЕУ ако сака да стане дел од шенген-зоната. Мора да ги исполни критериумите што ѝ се поставуваат, кои се во рамките на принципите и стандардите на ЕУ, за разлика од условите на рамниште на уцени што таа ѝ ги поставува на Македонија. Во зависност од тоа колку на Европската Унија ѝ е важно Македонија да го почне процесот на евроинтеграции, може да влијае и да го коригира односот на Бугарија и преку одредени услови за нејзино пристапување во шенген-зоната. Но, во сегашниве услови, не верувам дека Бугарија ќе отстапи од својата уценувачка политика спрема Македонија, во контекст на ЕУ. Односот на Бугарија спрема Македонија веќе не е рационално прашање, туку навлегува во доменот на историско-политичката патологија. Ако во бугарската политика се размислуваше рационално за ова прашање, немаше ни да дојде до ваква ситуација на уцени и блокади – вели Стојко Стојков, копретседател на „ОМО Илинден-Пирин“, здружение на Македонците во Бугарија, кое долги години се бори со бугарската држава за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, да биде регистрирано и Македонците, како посебно етничко малцинство, да ги остварат основните човекови права на здружување.