Фото: Маја Јаневска-Илиева

Побугарување на македонското малцинство во Албанија, негирање на македонскиот јазик, историја и идентитет во Македонија, и тоа придружено со притисоци, закани, уцени и вета е дел од истата стратегија на Софија за целосна асимилација на Македонците, каде и да се. Иако според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава, па досега, нема ниту еден изјаснет како Бугарин, за разлика од неколку области како Преспа, Голо Брдо, Врбник во Деволската Област, каде што и 100 проценти од месното население се изјасниле како Македонци, Софија сега сака да ги побугари Македонците и во Албанија

И АЛБАНИЈА ПРЕД ВЕТО АКО НЕ ГО ПОБУГАРИ МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО

Бугарија тргна во отворена офанзива за целосно асимилирање на Македонците и во соседна Албанија, а несомнено позицијата на членка на Европската Унија ќе ја искористи да ја притисне официјална Тирана да го прифати нејзиното барање македонското малцинство да го запише како бугарско.
Овој притисок станува сè посилен како што наближува октомврискиот попис на населението во соседна Албанија, така што албанските власти се ставени во позиција од една страна да не можат да ѝ се спротивстават на Бугарија, но од друга страна да го навлечат гневот на македонското малцинство, кое со години ѝ е лојално на албанската држава.
За прелевањето на бугарско-македонскиот спор во Албанија неодамна прилог објавија албанските телевизии Еуроњуз и Топ ченел, во кој се констатира дека спорот меѓу Македонија и Бугарија околу идентитетските прашања се пренесува и во Албанија. Како што наведуваат двата медиума, битката е за етничката припадност на малцинството што живее во областите Голо Брдо и Гора, како и барањето за нови општини во двете области.
Несомнено, ова е дел од стратегијата на Софија, која претходно со години им нудеше бугарски пасоши на Македонците што живеат во Албанија, а сега тоа сака да го капитализира на начин што ќе побара од Тирана ова население на претстојниот попис да го запише како бугарско.
Битката за македонското малцинство во Албанија, негирањето на Македонците во Пиринска Македонија, како и притисокот за впишување на Бугарите во македонскиот устав, всушност е едно исто сценарио според кое Софија сака целосно да го поништи постоењето на Македонците на овие простори, прво со негирање на неговиот идентитет, потоа со непризнавање на неговиот јазик, со ретуширање на историјата и, на крајот, со обид за асимилација на сите што се Македонци, вклучувајќи ги и малцинствата во соседните држави.
Грција своевремено тоа го направи со Македонците во егејскиот дел од Македонија, а Бугарија го применува истиот грчки рецепт, користејќи ја алатката на моќ и притисок, спротивно на сите меѓународни критериуми во однос на грижата и обврските кон малцинствата во секоја држава.
– Во 2017 година, албанското собрание, под притисок на Бугарија, која се закани со вето на процесот за членство на Албанија во ЕУ, призна непостојно бугарско малцинство надвор од критериумите. Притисокот на Бугарија за асимилација на македонската заедница е голем, особено сега, кога сме блиску до пописот во октомври – вели Васил Стерјовски, претседател на друштвото на македонското малцинство во Албанија „Сонце“ во изјава за Еуроњуз.
Според него, Бугарија сега се обидува да го опструира барањето на македонското малцинство до албанските власти за формирање нови две македонски општини во Албанија, така што преку нивното тамошно здружение „Голо Брдо“ бараат истите општини да бидат регистрирани како општини со бугарско население.

– Очекуваме на македонското малцинство да му се додадат уште две општини покрај општина Пустец, на која сакаме да ѝ го смениме името во општина Преспа. Бараме општина Гора во округот Кукс и општина Голо Брдо во округот Пешкопеја, бидејќи сметаме дека реформата од 2014 година во овие области пропадна зашто македонската заедница немаше никаква застапеност – вели Стерјовски, притоа изразувајќи загриженост дека бугарските здруженија го опструираат целиот процес, барајќи овие општини да бидат запишани како општини со бугарско население.
Стерјовски и претходно предупредуваше дека Бугарија води агресивна политика во Албанија, со единствена цел да го асимилира македонското малцинство.
– Според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, немаме ниту една личност, ниту еден изјаснет како Бугарин во регистрите на албанската држава. Во областа Преспа во 2011 година, кога беше спроведен пописот, и во селото Врбник во Деволската Област, 100 проценти се изјаснети за Македонци. Немаме ниту еден Бугарин. Бугарска заедница во Албанија значи проект на голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци, таа тврди дека се Бугари и сега ја шири својата пропаганда во областите каде што живее македонското малцинство, во областа Гора, Голо Брдо, во областа Пустец, во Врбник – објаснува Стерјовски.
Бугарската држава со години преку разни невладини организации и друштва, во соработката со амбасадата, се обидува да ги убеди Македонците во Албанија дека се Бугари. Дел од нивната пропаганда беше и делење подароци, бугарски пасоши, книги и учебници.
Очигледно на Бугарија не ѝ одговара постоење на македонско малцинство во соседните земји, бидејќи на тој начин паѓа во вода нивната теза за непостоење на македонски народ, оти ако не постои народ, тогаш прашање е како би постоеле делови од истиот тој „непостоен“ народ или заедница во соседството.

– Таа македонска заедница е компактна и е на граница со Македонија, не е на граница со Софија и нема никаква врска со Бугарија. Ако го погледнете фолклорот, песните, имате многу песни од времето на османлискиот период што ги пееме за ослободувањето на Македонија, нема ниту една песна за Бугарија – објасни Стерјовски.
Соочена со овие неоспорни факти, Софија го користи овој поволен момент пред пописот во Албанија и ја притиска Тирана да ги запише Македонците како Бугари, во спротивно заканувајќи се со вето на албанските евроинтеграции, нешто слично со што се соочуваше и продолжува да се соочува Македонија.
Ако во досегашните пописи во Албанија немаше ниту еден човек што се изјаснил како Бугарин, тогаш октомврискиот попис во соседната земја најдобро ќе покаже дали Тирана потклекнала пред бугарските уцени и прифатила отворена асимилација на македонското малцинство на своја територија од страна на трета земја, прекршувајќи ги основните критериуми за малцинските права, а на што се обврзала како членка на Советот на Европа и, генерално, на ОН. Но што е уште позагрижувачки, потклекнувањето пред бугарските уцени ќе значи и бланко-дозвола за мешање во внатрешните работи на една суверена земја. Сега е моментот Албанија да покаже дали е суверена земја, или, пак, уценета страна без право на глас.