Фото: Архива

СОФИЈА ЗАГЛАВЕНА ВО МИНАТОТО, МАКЕДОНИЈА СО ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА

Сите досегашни сигнали, пораки и изјави што доаѓаат од Софија укажуваат дека Бугарија ја користи историјата како алатка за понатамошни уцени, без да остави простор за каква било друга соработка што би се однесувала на една нормална европска комуникација меѓу две соседни земји во време на енергетска криза. Тоа несомнено значи и затворање на вратата за поблиска комуникација меѓу политичарите од двете земји, на што јасно предупреди и претседателот Пендаровски

Минатото или иднината? Наметнати историски прашања или европски вредности, критериуми и предизвици? Овие прашања се испреплетуваат, но и условуваат на европскиот пат на Македонија.

Единствена работа за која Бугарија е подготвена да разговара со Македонија е историјата и токму од тие причини таа ѝ се најде во протоколот, кој стана дел од преговарачката рамка, на тој начин што отворањето на секое поглавје на земјава во преговорите со Европската Унија ќе биде условено од резултатите што ќе ги постигне мешаната историска комисија.

Најдобра потврда дека за Бугарија евроинтеграциите на Македонија се врзани исклучиво за историски прашања, и тоа по нејзина желба и диктат, неодамна стигна и од бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков, кој иако знаеше дека македонскиот премиер Димитар Ковачевски доаѓа во посета за да разговара за набавката на електрична енергија од Бугарија за Македонија, јасно стави до знаење дека очекува прво да се разговара за широк спектар на прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања, вклучувајќи ги и историските, пред да стане збор за електричната енергија.

Ова несомнено значи дека Бугарија ќе ја користи историјата како алатка за понатамошни уцени, без да остави простор за каква било друга соработка што би се однесувала на една нормална европска комуникација во време на енергетска криза.

Ваквиот бугарски став несомнено значи и затворање на вратата за поблиска комуникација меѓу водечките политичари во двете земји за многу други теми, ако и натаму продолжат да условуваат со решавање на историските прашања.
– Можеме да разговараме за реални европски теми, но немам намера да одам во Бугарија и да зборувам за историја. Кога зборуваме за европски интеграции, не смееме да се концентрираме на историја… Првичните предлози на Софија за наше приближување до Европската Унија ги содржеа оние небулозни барања за јазикот, за нашето етничко потекло, за периодот од 1941 до 1945, окупација, администрација итн. За тие теми немам намера да го трошам патот до Софија или да го повикувам Радев тука, за да разговараме дали во 1941 година или 1944 година биле окупатори или администратори – изјави претседателот Стево Пендаровски во телевизиско интервју.

Како што стојат сега работите, повеќе од јасно е дека македонскиот претседател уште подолго време нема да има потреба да оди во Софија или, пак, да го кани својот бугарски колега Радев во Скопје од едноставна причина што за Бугарија, освен за историски, идентитетски и јазични, нема други теми за разговор.

Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека инсистирањето на бугарските политичари сè да се гледа низ некаква нивна историска призма е затоа што тоа им го дозволува меѓународната заедница и затоа тие ги користат македонските евроинтеграции за да ја остварат нивната главна цел, наметнување на бугарското влијание тука.
– Очигледно е дека Бугарија го продолжува својот пристап на надмено и експанзионистичко однесување и дека не обрнува внимание на реалните состојби на теренот врз основа на некакво благонаклоно меѓународно разбирање што треба да се практикува во добрососедските односи, на припадност во НАТО, на желба за припадност во ЕУ, туку цврсто се држи до своите стари зацементирани позиции, кои се сведуваат на тоа дека Македонија била, е и мора да биде нивна. Кога ќе се појде од тоа, а со оглед на нивните очекувања Македонија да попушти за историјата, дека за сегашноста може да се бараат некакви разбирања, а врз основа на тие некои претходни постапки дека ќе може да ја диктира иднината онака како што ја толкува, во скор период во земјава ќе продолжи воспоставувањето бугарски влијанија и дејства и тешко дека некој наш политичар ќе може со Бугарите да разговара за нашите евроинтеграции, а тоа да не биде условено со резултати на историската комисија – вели Андревски.

Според него, Бугарија си дозволува да го прави тоа бидејќи меѓународната заедница не ја опоменува за нејзиното однесување.
– На земјава долгорочно ѝ се удрени неколку сопки и тоа е непристојно во меѓународните односи. Македонија треба да биде флексибилна, но и претпазлива, да почувствува кога е пречекорена линијата во која таа соработка треба да биде плодотворна, во заемна полза на граѓаните од двете држави, за унапредување, а кога таа соработка ќе ја премине таа линија и почнува да ги загрозува духот, собитието, суштината на постоењето на македонскиот народ и неговите идентитетски белези како јазик, историја, обичаи и култура. Ние мора да си ги почитуваме интересите, но ништо повеќе од она што меѓународните договори го дозволуваат и оној пат кога ќе се помине црвената линија, Македонија мора да реагира. Не треба да се срамиме и крајно време е да се пожалиме до ЕУ, ОН и други меѓународни институции за однесувањето на Бугарија – потенцира Андревски.