Фото: Игор Бансколиев

Сите демократски држави имаат устав, но сите држави што имаат устав не може да се наречат демократски. Типичен пример за ова е Бугарија, кај која и Уставот и законите се потпаднати длабоко во канџите на политиката. Или, како што велат правните експерти, Бугарија си го толкува сопствениот устав како ѓаволот евангелието. Во продолжение пренесуваме што точно пишува во членовите 6, 29 и 39 од бугарскиот устав и како истите тие се (зло)употребуваат во реалноста

ПРАВНАТА АНАЛИЗА И ЕКСПЕРТИЗА
НА БУГАРСКИОТ УСТАВ ОТКРИВААТ ФРАПАНТНИ ПОКАЗАТЕЛИ

Повеќето од државите низ светот имаат свој устав, со кој како највисок правен акт се дефинира државното уредување во одредена држава. Како таков правен акт од највисока важност, Уставот ги воспоставува и ги дефинира основните правила и принципи во државата и ги штити правата на граѓаните.
Меѓу другото, Уставот има цел и да спречи нарушување на човековите и граѓанските права, како и да создаде услови за праведно општество. Сите демократски држави имаат устав, но сите држави што имаат устав не се демократски држави. Правните експерти и познавачи на меѓународното прави велат дека токму Бугарија можеме да ја вброиме меѓу државите што имаат устав, но не може да се смета за демократска држава бидејќи грубо ги прекршува човековите права.

Бугарија не е демократска држава

Ако се анализира бугарскиот устав, може да се добие впечаток дека Бугарија се залага за почитување на универзалните човечки вредности на слободата, еднаквоста, правдата и толеранцијата, што е видливо во самата преамбула на бугарскиот устав. Но светските и домашните експерти јасно посочуваат дека Бугарија и покрај тоа што е членка на Европската Унија, флагрантно ги прекршува основните човекови и малцински права, како и правото за националната и етничката самоидентификација. Познавачите велат дека доколку внимателно се анализира, Бугарија наметнува апсурдна ситуација, односно не го почитува ниту сопствениот устав, а истовремено бара од Македонија да направи уставни измени.
Нашите соговорници истакнуваат дека Бугарија си го толкува Уставот како ѓаволот евангелието, а ваквото нивното искажување го поткрепуваат и со конкретни примери и посочување одредени членови од самиот бугарски устав што не се почитуваат и се кршат.
На пример, во членот 6 во бугарскиот устав се вели дека: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Сите граѓани се еднакви пред законот. Нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност, етничката самоидентификација, пол, потекло, религија, образование, мислење, политичка припадност, личен или социјален статус или имотен статус.“ Во членот 29, меѓу другото се вели дека никој „не смее да биде подложен на понижувачко постапување или на насилна асимилација“, а во членот 39 од бугарскиот устав се нагласува дека никој не смее „да биде прогонуван или ограничен во неговите права поради своите ставови.“ Од друга страна, реалноста и однесувањето на Бугарија кон македонското малцинство во таа држава го покажува токму спротивното. Односно покажува и докажува дека Бугарија грубо го прекршува и погазува и сопствениот устав и воопшто не ги почитува одредбите наведени во него, кои се однесуваат на заштита на граѓанските права, националноста и етничката самоидентификација. Бугарија со децении го негира и оспорува постоењето на македонското малцинство, со што го прекршува не само сопствениот устав туку ги прекршува и сите меѓународни правни акти и резолуции што се однесуваат на заштита на правата на малцинствата. Токму поради тоа против Бугарија има веќе 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права од Стразбур, кои исто така не се спроведуваат.
Тони Менкиноски, еден од правните застапници на Македонците од Бугарија, вели дека Бугарија само декларативно се залага за заштита на човековите права, а не и суштински. Според него, тоа е очигледно од 16-те пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, кој го потврди прекршувањето на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.
За ова прашање, Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин вели дека Бугарија си ги толкува одредбите на Уставот како ѓаволот евангелието. Тој објаснува дека Бугарија оди дури дотаму да одбива регистрација зашто македонските организации се посветуваат на правата на Македонците и со тоа ќе создавале „привилегии“ на етничка основа, иако во суштина не станува збор за никакви „привилегии“ тука за барање основни човекови права.
– Нивните барања немаат разум, законитост, логика, принципиелност или справедливост во себе – само агенда, која треба да се постигне по секоја цена и на секој начин. Слушнавме дека и еден Џамбаски стигна да зборува за право на самоопределување во Скопје – ама тоа важи само за Бугарите во Македонија, а за Македонците во Бугарија – не. Нашето самоопределение истиот тој го интерпретира како предавство и непријателство против Бугарија, нешто што треба да се казнува – вели Стојко Стојков.

Насилна асимилација на сѐ што е македонско

И покрај членот 29 од бугарскиот устав, во кој се гарантира дека никој нема да биде подложен на насилна асимилација, бугарската држава во еден подолг период не само што презема принудна асимилација на македонското малцинство во Бугарија туку оваа асимилација ја насочи и кон Македонците од соседните држави. Особено на удар се најде македонското малцинство во Албанија и во Косово каде што Бугарија преку своите дипломатски претставништва настојува Македонците да ги претстави како Бугари.
Во овој контекст, Васил Стeрјовски од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) истакнува дека Бугарија води агресивна политика со обид за асимилација на Македонците во Албанија. Според Стeрјовски, на сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, нема ниту една личност ниту еден изјаснет како Бугарин во регистрите на албанската држава.
– Во областа Преспа во 2011 година кога беше спроведен пописот и во селото Врбник во Деволската Област, 100 проценти сите се изјаснети за Македонци. Немаме ниту еден Бугарин. Измислување бугарска заедница во Албанија значи проект на голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци, таа тврди дека се Бугари и сега ја шири својата пропаганда во областите каде што живее македонското малцинство, во областа Гора, Голо Брдо, во областа Пустец, во Врбник – вели Васил Стeрјовски. Д.Ст.