Во моментов, повеќе од очигледна е фактичката состојба, а и трендот на расположението во повеќето европски држави каде што граѓаните се „против секакво ново проширување на Европската Унија“ и тоа го покажуваат повеќето анкети во кои се напипува пулсот на Европејците околу новите можни проширувања. Во таквиот контекст, повеќе соговорници предупредуваат дека „исто така станува очигледно дека она што ни го говорат/ветуваат странските политичари и емисари е исклучиво во насока на наше ремоделирање заради вклопување во нивни стратегиски интереси, каде што најмалку се води сметка за нечии идентитетски, јазични, историски или културни особености, што во македонскиот случај би било крајно погубно“!
ЕУ нема скоро да се проширува, а последиците од избрзани потези,
Македонија трајно ќе ги чувствува
Како што земјава влегува во временски цајтнот за уставните измени така дополнително се засилува притисокот од страна на меѓународната заедница, која постојано повторува дека измените на Уставот и вклучувањето на Бугарите во него се клучни за продолжување на македонскиот европски пат.
Истиот наратив го практикуваат сите високи европски политичари во последно време, а неодамна го употреби и Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар на САД за Западен Балкан, кој во интервју за „Гласот на Америка“ изрази надеж дека сите страни на политичкиот спектар во земјава ќе ги поддржат потребните промени за државата да може да продолжи напред.
– Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од С. Македонија. Имаме земја што направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската Унија и во политичките структури на С. Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее – порача Ескобар.
Но се чини дека она што го говорат странските политичари е само во насока на исполнување на повисоките, туѓи, стратегиски интереси на некои поголеми центри на моќ, каде што најмалку се води сметка за нечии идентитетски, јазични, историски или културни особености, што во македонскиот случај би било крајно погубно.
Од друга страна, фактичката состојба и трендот во повеќето европски држави е против секакво ново проширување на Европската Унија и тоа го покажуваат повеќето анкети во кои се напипува пулсот на Европејците околу новите можни проширувања.
Имено, последното истражување на Австриското општество за европската политика (ОГФЕ), чии резултати беа објавени неодамна, покажува дека убедливо мнозинство Австријци се противат на проширување на ЕУ со сите земји од Западен Балкан, што е во целосна спротивност од она што јавно го говорат австриските политичари.
Резултатите од ова истражување покажуваат дека поддршката на Австријците за влез на западнобалканските земји во ЕУ се движи од 16 отсто во случајот на Косово, па до 29 отсто за Босна и Херцеговина, што е наедно и најголемата поддршка за членство на некоја земја од регионот во ЕУ.
За влезот на Србија позитивно се изјасниле 24 отсто од анкетираните, 48 биле против, а 17 отсто кажале дека им е сеедно. Околу 11 отсто од учесниците во анкетата не одговориле на тоа прашање.
Ставот на јавноста за влегувањето на Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија во ЕУ не покажува големи осцилации.
Црна Гора со 23 отсто покажува само малку помала поддршка од Србија. Против нејзиното влегување експлицитно се изјасниле 44 отсто од анкетираните, додека дури 21 отсто биле рамнодушни кон тоа прашање.
Членството на Албанија во ЕУ го поддржуваат 22 отсто од Австријците, против се 51 отсто.
Во случајот со Македонија, поддршка даваат само 21 отсто од анкетираните австриски граѓани, а против се 47 отсто, што е огромен процент. Ова е во целосна спротивност од пораките што кон крајот на март ги упати во земјава токму австрискиот претседател Александер ван дер Белен, кој говореше за проширувањето и австриската поддршка за Македонија на тој пат.
– За да продолжи процесот на проширувањето, сега е потребен уште еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот… Важно е да се гледа напред, а не наназад. Да се гледа кон заедничка европска иднина и да се работи на неа. Затоа вреди да се направи следниот чекор, кој не е лесен. Австрија и натаму ќе ви биде сигурен сојузник – порача тогаш Белен обраќајќи се пред пратениците во македонското собрание.
Очигледно, официјалната политика околу проширувањето не е на иста линија со расположението на граѓаните во европските земји и затоа и пристапот на Македонија кон ваквите пораки што доаѓаат однадвор треба да биде внимателен, трезвен и во линија исклучиво на националните интереси, наместо само слепо да се слуша сето она што го порачуваат однадвор и да се влечат потези што може да бидат погубни за цел еден народ.
– Официјална Австрија веќе долго се гледа себеси како уверен заговорник на проширувањето на ЕУ, особено кога станува збор за државите од Западен Балкан. Меѓутоа населението, речиси веќе традиционално, има поинакво мислење – вели генералниот секретар на ОГФЕ, Паул Шмит.
Според него, поддршката за влез на Западен Балкан во ЕУ, во Австрија веќе со години е помалку или повеќе слаб и темата на проширувањето на ЕУ кај населението генерално наидува на слаб одек.
Исклучително висок отпор кон проширувањето има и во Франција, Германија, Холандија, како и во други клучни европски земји, кои, секако, го имаат главниот збор кога станува збор за придружувањето на нови земји-членки, особено оние од Западен Балкан.
Познавачите на околностите во земјава подолго време го застапуваат ставот дека нема потреба од никакво брзање при носењето одлуки бидејќи ЕУ нема скоро да се проширува, а последиците од евентуалните избрзани потези, Македонија трајно ќе ги чувствува.
– Се брзаше со потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и сега имаме најлоши можни односи со Бугарија од самостојноста до денес. Се брзаше со потпишувањето на Преспанската спогодба и освен променето име, не добивме ништо за возврат. Се брзаше и со прифаќањето на „францускиот предлог“, па сега ѝ седнавме во скут на Бугарија. Треба еднаш засекогаш да се расчисти со таа фама околу проширувањето на ЕУ. Оставете што зборуваат нивните политичари, впрочем, тие се платени да ја продаваат нивната приказна и со тоа да ги наметнуваат нивното влијание и нивните интереси на тој начин што нè притискаат нас и постојано бараат некакви нови и нови отстапки. Од друга страна, не смееме да го занемаруваме фактот дека европските општества не сакаат проширувања и тоа се гледа што тешко ги прифаќаат дури и луѓето од некои земји што се членки на ЕУ, како Бугарија и Романија на пример. Затоа најдобро е ние дома да почнеме да си ги средуваме работите, да не брзаме со ништо, за сите клучни работи да отвориме широка општествена дебата во која ќе се вклучат интелектуалци, експерти, стручна јавност, невладин сектор, а клучните одлуки да ги носиме заеднички – велат познавачите на состојбите.